БЕСЕДА 29

Бог му ја раздава благодатта на човечкиот род на два начина, со тоа што нејзините плодови ќе ги бара на праведниот суд.

beseda29.jpg1. Безграничната и недостижна Божја премудрост, на недостижен и несфатлив начин, на најразлични начини му ја раздава благодатта на човечкиот род, заради испитување на слободната волја, за да се откријат оние кои Го љубат Бога со сето срце и заради Него поднесуваат секаква опасност и секаков труд. На некои, штом ќе пристапат со вера и молитва, уште додека живеат во светот, и без да се трудат, потат и заморуваат, однапред им се даваат даровите на Светиот Дух. Притоа, Бог благодатта не ја дава без причина, ненавремено и случајно, туку според некоја неискажлива и недостижна премудрост, за да се покажат благоискусни волноста и слободната волја на оние коишто бргу ја добиваат Божјата благодат, имено преку тоа што тие го чувствуваат добриот дар што им е даден, милоста што им е укажана и сладоста Божја, според мерката на благодатта, што им е дадена без нивни сопствени напори, за која, откако ќе се удостојат, ќе мораат да покажат усрдност, неуморност, усилба и плод на љубовта од својата волја и од својата доброволност, и да возвратат за даровите, т.е. целосно да и се предадат и посветат на љубовта Господова, исполнувајќи ја само Господовата волја, а целосно оддалечувајќи се од секоја плотска желба.
2. На други, пак, иако се оддалечиле од светот, се откажале, според Евангелието, од овој век и со големо трпение напредуваат во молитвата, постот, усрдноста и другите добродетели, Бог брзо не им дава благодат, спокојство и духовна радост, туку одложува да им го даде дарот. И ова не е без причина, ненавремено и случајно, туку според некоја неискажлива премудрост, заради испитувањето на слободната волја, за да се види дали тие навистина Го почитуваат како верен и вистинит Бог, Кој ветил дека ќе им даде на оние кои просат и ќе им ги отвори вратите на животот на оние кои тропаат на нив, за да се види дали тие навистина поверувале во Неговото слово, дали ќе истраат до крајот во несомнежливата вера и дали ќе фатат со сета усрдност да проСат и да бараат, дали ќе се одвратат од Бога во страдањата и стравувањата, дали ќе и се предадат на мрзливоста, ако претходно паднат во неверие и безнадежност и не претрпат до крај, поради оддолжувањето на времето и испитувањето на нивната волја и доброволност.
3. Затоа што оној што не добива брзо, кога Бог оддолжува и одолговлекува, уште повеќе се распалува и почнува посилно да ги посакува небесните богатства, па секојдневно додава уште поголема желба, уште поголема усрдност, уште поголема неуморност, усилба, уште повеќе од сите добродетели, уште поголема желност и жед, само за да го стекне богатството, а не ослабнува од порочните помисли, коишто престојуваат во душата, не попаѓа во мрзеливост, нестрпливост и очај, ниту, пак, изговарајќи се со оддолжувањето, се предава на раслабување, водејќи се со ваква мисла: Па кога ќе ја стекнам Божјата благодат?, и преку тоа дозволувајќи лукавиот да го вовлече во негрижа. Напротив, колку повеќе Господ одложува и одолговлекува, испитувајќи ја верата и љубовта на неговата волја, толку понезадржливо и погрижливо, попостојаНо и понеуморно тој треба да го бара дарот Божји, откако еднаш поверувал и се уверил дека Бог е нелажен и вистинит, Кој ветил дека ќе им ја дава Својата благодат на оние кои ја просат со вера и со секое трпение до крајот.
4.  Душите на верните Го почитуваат Бога како верен и вистинит и, според вистинитиот збор, се осведочиле „дека Бог е вистинит" (Јован 3, 33). А во согласност со ова сфаќање на верата, искажано погоре, се испитуваат самите, колку што од нив зависи, во што имаат недостаток, дали во трудот, или во усилбата, или во усрдноста, или во верата, или во љубовта, или во останатите добродетели, и откако ќе се испитаат себеси со сета суптилна точност, колку што имаат сили, се принуцуваат и присилуваат да Му угодуваат на Господа, бидејќи еднаш поверувале дека Бог, како вистинит, нема да ги лиши од духовниот дар ако до крајот со сета усрдност останат пред Него во служење и во трпение, како и дека, уште додека се во плот, ќе се удостојат за вечната благодат и ќе го стекнат вечниот живот.
5.  На тој начин, сета своја љубов ја насочуваат кон Господа, одрекувајќи се од се, само Него очекувајќи Го со силна желба, гладно и жедно, постојано очекувајќи го за себе спокојството и утехата на благодатта, не утешувајќи се и не успокојувајќи се од ништо во овој свет, доброволно оковувајќи се, непрестајно противејќи им се на материјалните помисли, ја очекуваат само Божјата помош и Божјото застапништво. Го очекуваат времето кога во таквите души, кои ја прифатиле слободната волја, усрдноста и трпението, сам Господ тајно ќе биде присутен, ќе им помага, ќе го потхранува и поддржува во нив секој плод на добродетелта. Го очекуваат ова, и да остануваат во напор и мака, макар и, познавајќи ја вистината и имајќи душевно откровение, се уште да не ја примиле благодатта на Духот и не се успокоиле со небесниот дар, не го почувствувале ова со несомненост, според неискажливата премудрост и според непроникливите судови Божји, Кој различно ги испитува верните души и погледнува на љубовта што произлегува од волјата и слободната волја. Зашто постојат граници и мерка за слободната волја, слободната љубов и за расположеноста кон сите Негови свети заповеди. На тој начин, душите кои ја исполнуваат мерката на љубовта и својот долг, се удостојуваат за царството и за вечниот живот.
6. Праведен е Бог, правилни се Неговите судови и во Него нема лицемерност, туку судејќи го секого според мерката на добрите дарови, и телесни и духовни, или знаењето, или разбирањето, или расудувањето (кои Бог различно ги вложил во секој човек), ќе ги побара плодовите од добродетелта и достојно ќе му отплати секому според неговите дела. И силните ќе бидат силно измачувани, а малиот заслужува милост (Мудр. Сол. 6, 6). И вели Господ: „А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него" (Лука 12, 47-48). А знаењето и разбирањето сфаќај го различно, или е тоа коешто се дава според благодатта и според небесниот дар на Духот, или е тоа коешто се појавува како природна последица на разбирањето, или расудувањето, и изучувањето на божествените писма. Зашто од секого се бараат плодови на добродетелта според мерката на добрите дарови, што му ги дал Бог, кои дарови или се природни, или дарувани преку Божјата благодат. Според ова, во денот на судот секој човек пред Бога е без одговор, затоа што од секого, без разлика дали го слушал или никогаш не го чул словото Божјо, ќе се бараат плодови на верата и на љубовта и на секоја добродетел, како одговор од страна на слободната волја и волјата.
7. Душата којашто е верна и вистинољубива, гледајќи ги вечните богатства подготвени за праведниците, како и неискажливиот дар на Божјата благодат, којашто треба да слезе, се смета себеси, а и својата усрдност, својот труд и подвиг, недостојни за неискажливите ветувања на Духот. Таков е бедниот по дух, кого го ублажува Господ. Таков е гладниот и жедниот за правда. Таков е понизниот по срце. Оние кои попримиле таква слободна волја, усрдност, труд и љубов кон добродетелта, и кои до крајот останале такви, навистина ќе успеат да стекнат живот и вечно царство. Затоа, никој од браќата да не се превознесува пред братот и, мамен од лукавиот, да не напредува во вообразеноста, велејќи: Ете, јас веќе го имам духовниот дар. Зашто недостојно е христијаните така да мислат. Тебе не ти е познато што ќе се случи утре со твојот брат, не знаеш каков ќе биде твојот, а каков неговиот крај. Токму спротивното, секој нека внимава на себе и непрестајно нека ја анализира својата совест, и нека го испитува делото на своето срце, со каква усрдност и усилба умот се стреми кон Бога; и имајќи ја предвид совршената цел - слободата, бестрастието и духовното спокојство, непрекинато и ревносно нека се движи, не сметајќи дека несомнено ќе добие каков било дар или оправдување. Слава и поклонување на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите! Амин.

 Издавач: ЃаконијА

 

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

 

Посети: {moshits}