3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Скопје 5ти декември  2021 лето Господово- храм на св.вмч. Димитриј

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Свети Калист Цариградски  
(XXVI Недела по Педесетница)
(Лука 12,16-21; зач. 66)


ЕВАНГЕЛИЕ ЗА ЗЕМНИТЕ ГРИЖИ

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Благочестиви христијани,

Господ Исус Христос донел со Себе и претставил пред луѓето безбројни и незамисливи богатства небесни и ги поканил сите да земаат без мерка, јавно и слободно, но само под еден услов: најпрво да ја одлепат и разграничат својата душа од земните грижи и од трулежните земни блага. Некои ги послушале овие совети и се збогатиле и се збогатуваат; а некои не послушале, па останале прилепени со срцето до своето пропадливо богатство. И токму заради опомена на овие последниве, непослушниве, Господ ја раскажал денешнава евангелска приказна - приказна за временоста на секое земно богатство.
Богатиот човек за кој се зборува во евангелскиот текст, имал плодородни ниви, богати овоштарници и со голем труд успевал да собере многу плодови. Точно е, тој се трудел, вложувал многу напор во земјоделието, овоштарството, сточарството и во се со што се занимавал, но откако собрал големи приноси, во ниту еден момент не погледнал кон небото за радосно да Му заблагодари на Бога за сите добрини. Не кажал ниту една благодарствена молитва кон Севишниот и Милостив Бог Кој му овозможил сиот плод да се најде во неговите амбари. Заборавил дека неговиот труд би бил залуден доколку немало доволно дожд, доволно сончева светлина, доволно топлина и се она што не зависи од неговиот личен труд, но од волјата Божја. Не, тој наместо да се присети на Дарителот на изобилните дарови, тој се загрижил за тоа каде ќе го смести богатството од плодови и колку нови и поголеми амбари ќе треба да изгради.
И тука, душата се прилепува кон телото, станува безосетна, тврдоумна, безобѕирна и нечувствителна, ги губи своите богодадени својства и станува слична на гладно животно кое не гледа на каков начин ќе дојде до храна. Душата на богатиот од оваа приказна е јагне во волчја кожа, ги практикува сите примитивности на телото, не гледа кон небесното, но се валка по земните минливи радости. А знаеме дека душата не се храни со јадење што скапува, а телото и нуди токму таква храна. Душата копнее за својата небесна татковина, каде што се нејзините житородни полиња и студени извори, а телото ја приковува за земјата и уште и ветува дека ќе ја чува така прикована многу години.
Но, Бог не мисли така. Никој не ги познава Неговите намери. Ниту по своја заслуга сме дошле на овој свет, ниту, пак, знаеме кога и како ќе си заминеме оттука. Единствено со што ќе имаме да се пофалиме пред лицето Божјо е токму душата. Некој ќе застане со чиста како снег душа, но некој уште ќе ја бара низ калта на земните грижи. Не е најважно што ќе се јаде или пие или облече утрешниот ден, но главната грижа е со каква душа ќе се излезе пред Бога на денот на Страшниот Суд - зашто човекот ненадејно се разделува од своето богатство, а душата од телото. Богатството го наследува друг, телото се предава на земјата, а душата го чека своето приготвено место. Телесната смрт е таа разделба - а за да се биде подготвен за разделбата треба да се збогатуваме со Бога и Божјото.
Само вистинските верници се подготвуваат за разделбата на душата со телото, за смртта, а неверниците никогаш не се подготвени за смрт - тие се плашат од смртта, тие се подготвуваат за подолг земен живот. Оној кој се подготвува за смрт, тој е подготвен за вечен живот. Какво е тоа подготвување за вечен живот, знае секој христијанин. Мудриот човек секој ден ја утврдува својата вера во Бога, го заштитува своето срце од неверие и злоба, се закитува со исполнување на Божјите заповеди, со дела на простување, милосрдие и љубов.
Затоа секој ден и секој момент, сега и тука, е важен за вечноста. Секој момент за вистинскиот христијанин е печалба за небесната градина; секое добро дело; гест на милосрдие, љубов и грижа за ближните е чекор поблиску до вечноста.

Амин.

 

Друго: