о. Горан Стојчевски
„БОЛНИТЕ ИСЦЕЛИ ГИ ЛЕКАРУ НА ДУШИТЕ И ТЕЛАТА“

,,… Кој ја преминува Канавката со молитва и 150 пати ја споменува Богородица, нему тука му е се: и Атон, и Ерусалим, и Киев!‘‘
Св. Серафим Саровски


„Умствената молитва е опитна потврда за исцеление на умот. Тоа исцеление е достапно за сите луѓе, доколку се исполнуваат духовните претпоставки на терапевтскиот метод. Не наменето само за монасии, и за некои во мантии, туку за сите луѓе. Светото Писмо зборува само за една духовност...Таа Христова духовност е терапевтски метод што Христос им го нуди на сите луѓе„
о. Јован Романидис

Во општосветската галама тешко пробива евангелскиот глас, дури ни камената почва не е проблем да даде плод, колку што трњето - страстите спречуваат да израсне нешто добро, да порасне во многу добро, и секако најдобро. Неколкупати, сме споменале дека природните и општествените науки се занимаваат со последиците од гревот, но причината за последиците не ја наоѓаат во него, туку во причината на причините, во маѓепсаниот круг создаден во разумот на човекот кој го залажува за доспеаните човечки достигнувања без даго види пустошот што го предизвикал наоколу. Сето тоа сака да се објасни со терминот „природно„, а всушност не сакаме ни да ја запознаеме човечката природа како добра, лика и прилика Божја, повредена од гревот на Адама, исцелена со благодатта во Христа Исуса. Светот и човекот сакаат  да живеат во заборавот заради некој иден просперитет, но, тука недостасува покајанието, и остануваат неисцелени бидејќи сакаат да живеат во извртеноста на зборот – природен, природно, е да се греши, да се разболиш, да умреш. Но, тоа не се природни работи, туку тоа се противприродни од православен аспект, и личен и онтолошки.


Гревот е причината за сета болест, тоа е тој најсмртоносен вирус од кој е разболено човештвото и светот, тоа е информацијата која сакаме да ја заборавиме, а веќе е запишана во пост Адамовата ДНК, а за која лек има само во Црквата, преку покајничкиот начин на живеење да се сретне, види и вкуси исцелителот Христос, постојано да се памети, повторува и изговара Неговото молитвено Име, и хранејќи се со Него добиваме вечна информација, афирмација на благодатната сила Божја која нè преминува во царството Божјо кое го очекуваме како смисла и цел, не само на нашето постоење, туку и живеење, преумување, преобразување, воскреснување и вознесување. На два евангеслки начина можеме да го увидиме ова што се однесува на гревот како причина, и болеста како последица. Во сите случаи нашиот Господ им вели на оние што ги исцелува, ти се простуваат гревовите твои, оди и не греши повеќе за да не ти стане уште полошо, посочувајќи ја причината за болеста, дава разрешување на истите гледајќи ја верата во покајаното срце, посочува покајнички начин на живот што значи неповторување на гревот, оти секое повторување (кое не значи според нашата слабост нема да се случи) предизвикува состојба полоша од првата, како во евангелската случка со изгонетите демони. Во еден друг случај, Спасителот ја посочува болеста како повик да се јават чудата Божји и да се прослави Господ (примерот со слепородениот) во делата Негови. Вториов начин, е својствен за многу светители во Црквата низ вековите, оти она што ја разликува светоста од цинизмот на очајот е благодатниот дар на трпение, вели еден отец, нешто со кое се одликувале нашите светии, што благодарноста ја крунисале со трпение, и нив Бог ги прославил, во немоќта нивна, како што вели Апостолот, се пројавува силата Божја, која пак и пак се пројавува преку нивните молитви и свети мошти. Трпението како благодатен дар од благодарењето кај светиите страдањето го преточува во радост, прочистување и на нашите тела, сведочејчи дека целиот човек се обожува и спасува. Болеста проследена без трпение и труд во Бога, некои погрешно ја интерпретираат во прочистување на гревовите. Во било кој начин, се пројавува нешто што гревот го става во кома, а тоа е благодарењето, и покрај сè, благодарност на Бога за сè, тој природен и слободен одговор наречен благодарење овозможува да се привлече благодатта Божја која потполно го уништува гревот, а како ако не со силата на Христовото име и со покајнички живот вклучен во Соборното благодарам на Црквата, што се нарекува Евхаристија, Литургија. Човекот не само што лично се исцелува, туку и соборно во Црквата пренесувајќи ја таа состојба на исцеление на сиот свет, на сите луѓе можеби на мал простор и за временски миг, но Светлината која мракот не ја опфаќа, доволно и толку малку да продре колку што можеме да примиме и да нè преобрази за царството небесно кое не е ограничено ниту на простор, ниту со време.


Да си споменеме за светиот старец Серафим Саровски, чија животна мисла во дело, стекни го својот мир, и илајадници околу тебе ќе се спасат, зборува исто така за исцелителната сила на акетско-литургискиот подвиг во Црквата преку молитвениот подвиг на очистување на срцето од страстите, како пат за исцеление, просветлувањето на умот како примање на исцелението како дар на Светиот Дух (или дар на умно-срдечна молитва) и обожение како конечно исцеление, и воспоставување на природното единство на човекот со Бога. Ако секој наш грев е нарушување на космичкиот поредок, како што вели св. Софрониј, тогаш исцелението од гревот, мирот и дарот на Светиот Дух е не само враќање, туку и преобразување на тој космички поредок. Накратко,зошто болести и страдања, токму поради нашите гревови, ете од ова признание бега светот и човекот и сака да го избегне, плашејќи се како што сведочи со збор и самиот Спасител да не бидат исцелени. Сакаме исцеление, тогаш да се прибереме како пилиња под раширените крилја на квачката, во Црквата, за да не ги чуеме оние страшни и апокалиптични зборови, Ерусалиме, Ерусалиме... Да побрзаме кон покајние да примиме поука за молитвено правило и причестување и да се трудиме да го стекнеме мирот во Духот Свети, не толку за себе колку за ближните околу нас кои страдаат како и ние (секој на исторазличен начин), а го очекуваат спасението од Бога преку нас кои тврдиме дека сме избрале слободно покајно да живееме и да чекориме по тој пат на исцеление. Да надополниме дека светиот баќушка пред своите очи ја има воговподобената човечка личност во ликот на Пресвета Богородица, кој како и многубројните светители насликани со Нејзината икона в рака сведочат дека Нејзините молитви се непрестајни за сиот човечки род, особено за оние кои прибегнуваат кон Неа, затоа пофалните молитви кон Богомајката не смеат да изостанат на патот кон исцеление и стекнување на дарот на Светиот Дух.


Резимирајќи го овој текст, можеме да заклучиме според зборовите на о. Јован Романидис, дека сите нам како човечки личности ни треба исцеление, што значи сите сме болни од гревот и потребно ни е исцеление, а според светоотечкото предание, продолжува патот на исцеление, прво треба да се пристапи кон очистување од старстите кон просветленост на умот и обожение, тоа единствено исихастичко Предание на Црквата, од кое низ вековите сме отстапиле, и кое слава на Бога преку некои наши современици и монаштвото повторно ни е предадено за наше исцеление.


П.С. Божествената Литургија и причестувањето со светите Тајни нека ви се за здравје и спасение, благодатта Божја и Неговата милост да дојдат на вас.

 

Друго: