За светата икона,
којашто го вразумила еклисијархот

Петтата чудотворна икона на Божјата Мајка исто така се наоѓа во соборниот храм на манастирот. Таа станала позната со следниов случај. Еднаш еден еклисијарх се обидувал да го запали кандилото пред неа, но не успевал, бидејќи оваа света икона се наоѓла на ѕидот до северната врата, низ којашто се влегува од притворот во црквата, и кадешто постојано има многу провев. По напразни обиди, еклисијархот сакал да си замине, без да го запали кандилото, и во раздразнетоста се осмелил да промрмори нешто против светата икона. Поради таквата безумност и нетрпеливост, тој бил поразен од гневот на Божјата Мајка – го нашле како лежи во безсознание пред иконата!

* * *

За светата икона,
којашто не изгорела за време на пожар

Во Хилендарскиот манастир има уште една икона на Божјата Мајка, којашто се прославила со тоа што не изгорела за време на пожар. Во 1711 година страшен пожар опустошил половина од манастирот – изгореле источните, западните и јужните ќелии. Но соборниот храм останал неоштетен, иако многу црковни богатства и хрисовули, пазени во манастирската ризница* во соборниот храм биле уништени. Во тоа време светата икона била во дохиарната**, којашто целосно била уништена од оганот, но иконата останала неоштетена. Таа и сега се наоѓа во дохиарната.

* Склад за чување на богослужбени одежди, вредни работи и документи на манастирот.
** Дохиарна- склад за храни во манастир.

 

 

За чудотворната икона на Божјата Мајка, наречена, поради српската простодушност, "Попска"

Еден свештеник, паднат во ерес, неизвесно кога и Бог знае со што (се разбира, не со добро) лицемерно се претставил за православен, дошол во Хиландарскиот манастир и останал таму извесно време. Но Девата, Мајка на Сезнајниот Бог, погледнала од височината на Своето живеалиште кон оваа света обител и во Својот праведен гнев наскоро го тргнала од лицето на земјата овој волк во овча кожа, така што не му дозволила да ја исполни својата тајна намера. Тоа се случило вака. Еднаш, додека ја носел оваа света икона за време на литија по водосветот, свештеникот неочекувано потонал во морето. Други кажуваат уште дека за време на литијата, Предвечниот Младенец, претставен на светата икона на рацете на Божјата Мајка, строго го изобличил неправославниот еретички свештеник, којшто ја носел иконата, и дека некои дури виделе како Тој имал намера да го вразуми, така како што Свети Никола Чудотворец го вразумил Арија. И токму поради оваа причина рачето на Бог Младенецот се наоѓа во таа необична положба. Оттогаш наваму литиите и водосветите во Хиландарскиот манастир се извршуваат секогаш со оваа икона. Според месниот обичај за време на такви свештени обреди светата икона задолжително се носи од јереи. Затоа Србите í го дале простосрдечното име "Попска".
Иконата стои во соборниот храм кај колоната до левата певница. Пред неа јереите коишто служат прават отпуст после секоја служба, т.е., се молат: "По молитвите на светите наши Отци, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нас!".

Подготви: Марија Влакеска