Bogorodica.Kurska2.jpg
 
Во Руската Катедрална Црква Покров на Пресвета Богородица во Дес Плеинс, Илиноис, верниците се почестени со ретка прилика во текот на неколку недели на Великиот Пост (од 14 Март до 8 Април) да бидат поткрепени преку благодатта од присуството на Курско Корената икона на Божјата Мајка. Иконата е присутна скоро на сите Богослужби (кои во овој храм се доста чести, посебно во Великопосниот период), освен кога не заминува во посета и на други Цркви од околните градови.
Така и во Саботата, на Бдението отслужено во чест на Неделниот ден – Крстопоклоната Недела , како и Празникот на Светите 40 Маченици, присуството на Богомајката зрачеше преку нејзината чудотворна икона, на која и се поклонуваа и ја молеа за помош огромен број на верници од разни националности, меѓу кои се вбројуваа и наши Македонци.

Инаку, пред две години кога оваа прекрасна чудотворна икона престојуваше на неколку недели во истиот овој Руски Катердален Храм, многу верници беа удостоени и со Нејзината посета во нивните домови. Храмовите Свештеници неуморно одеа во многу христијански домови, водејќи ја со себе Небесната Царица, служејќи пред Неа Молебен за здравје на посетените и носејќи благодат и радост во секој посетен дом. Со неизмерна благодарност кон Бога и Божјата Мајка, како и кон нашата сестринска Руска Црква, сакам да ја споделам радоста што ја почувствувавме и во нашиот дом кога и ние бевме удостоени со една таква посета – кога и нас не посети Курско Коренската икона – истата онаа пред која се молел Светиот Јован Шангајски, онаа која на чудесен начин исцелила мнозина, меѓу кои и Светиот Серафим Саровски! Пресвета Владичице Богородице, спаси не грешните!

Слава Му на Бога за се!


                                                                    Известува: С.Л. (МПЦ Св. Петка – Чикаго).

http://www.mpc-svpetka.com