3.angeli.so.truba

Скопје,25ти октомври  2020 година- храм на св.вмч. Димитриј

3.angeli.so.truba

3.angeli.so.truba

 

25. октомври 2020. година
Свети маченици Тарах, Пров и Андроник


Недела XX по Педесетница (Лука, зачало 30)


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Благочестиви христијани,

Чудото за кое слушнавме денес од евангелскиот текст го опишува само светиот апостол Лука, исто како што воскресението на Лазар го опишува само светиот апостол и евангелист Јован, а пак, воскресението на Јаировата ќерка се опишани само од евангелистите Марко и Лука. Најпрво, Господ Исус Христос ја воскреснал Јаировата ќерка веднаш штом починала, па синот на Наинската вдовица кој веќе бил носен на одарот, а потоа го воскреснал Лазар кој веќе четири дена лежел во гробот. Од сите овие настани, вклучително и оној кој што е опишан во денешново евангелско четиво, гледаме дека реакцијата, односно дејството Христово не било предизвикано од ништо особено, туку дека се работи за семилосно однесување на Семоќниот Бог. Во денешниов текст согледуваме, неизмерна жалост на една мајка која го погребува својот син единец, бескрајно и безусловно милосрдие Божјо, и на крајот, чудо - кое произлегува од Христовата божествена природа.


Кога Господ Исус Христос ја здогледал мајката како ја следи погребната поворка и тажи над својот починат син единец, како што опишува евангелистот, „се сожали над неа, па и рече: Не плачи!" Самата глетка навистина била жална - Христос не барал докази за вера, не барал одговори кој е и каков бил починатиот, какво му е семејството - но едноставно, безмерното човекољубие излегло на виделина. Тука не се работи за привид, некоја преносна смисла или значење, но за вистински настан, кој се случил во одредено време на одредено место. Чудото се случило наеднаш, со силата на зборот Божји, кога вели: „Момче, тебе ти велам, стани!"


Овие зборови се така едноставни како и зборовите при создавањето на светот и човекот. „Ајде да создадеме човек" - „Момче, тебе ти велам, стани!" - нема никаква разлика во едноставноста на зборот. Нема дури никаква разлика во љубовта од која е создаден човекот и љубовта со која момчето повторно оживува. Бог нема потреба од нашите скептични прашања - дали нешто е, или не е; нема потреба да се докажува пред својата творба. Да се потсетиме, и светот и човекот се создадени од неизмерната Божја љубов, а и ова момче, на кого ниту името не му го знаеме е воскреснато од истата таа љубов, милосрдие и човекољубие. Бог не противречи на своето дело - Он не против законите кои Самиот ги поставил - Он е над тие закони, во димензија за нас неразбирлива, замаглена, но сепак ветена. Божјиот образ е даден, но подобието е зададено - токму подобието, односно богоуподобувањето, е нашиот секојдневен исчекор нанапред кон совршенсвото во кое не повикува нашиот Создател.


Апостол Лука продолжува со описот на настанот и вели: „Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му." Гледаме како создаденото го слушнало гласот на својот Создател и веднаш ја извршило заповедта. Ова е онаа иста заповед како при создавњето на светот, кога божествената моќ го вдахнала животодавниот дух во правот и создала човек. И тогаш, и во овој момент, мртвото оживеало; каде и да била душата на ова момче, таа послушно, откако ја слушнала заповедта на својот владетел, се вратила во телото и заедно со телото ја исполнило заповедта.
Оваа милост укажана кон вдовицата, која претходно го изгубила мажот, а сега и синот е милост која се добива само од Бога. Тоа е нашата поука, и денес и во иднина.


Самиот Спасител ни порачува: „Одете и научете што значат зборовите - милост барам, а не жртва." Милосрдието, правењето милост едни на други, и едни кон други, е доблест која веднаш и безусловно ја вивнува човечката душа кон Бога. Милоста е заем небесен, во кој Самиот Бог е гарант на заемот - а умилостениот е должник кој не треба да врати заемот веднаш, но е должен да го продолжи синџирот на милоста околу себе, да ја надмине и умножи примената милост, раздавајќи милост околу себе. Тоа е дарот кој го имаме, кој сме го примиле, на кој секојдневно се поучуваме, а ретко го практикуваме.


Затоа, и оваа куса евангелска приказна треба да разбуди во нас човек, во целото општество - луѓе, кои навистина живеат во заедништо; чии животи се испреплетуваат во добро и полезно. Милоста не бара толеранција, туку вистинското живеење; милоста не е да се толерира, односно да се трпи присуството на ближниот, но да се живее со него и за него, и едни за други. Тоа е она што Бог го бара од нас - тоа е она што Бог го ветил за нас кога вели: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани."
Амин.

  Скопје,19ти август 2020 лето Господово

 

 3.angeli.so.truba

Жарко Ѓорѓиевски✥ Преображение Христово ✥ (19.08.2020) ...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020) ...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020) ...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019 ...

Жарко Ѓорѓиевски✥ Недела Сиропусна ✥ (10.03.2019) ...

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска ...

Жарко Ѓорѓиевски - Беседа за за крајот на светот и за крајот на човечкото живеење...(06.03.2016)  ...