Денес, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум излезе најновиот том „Житија на светиите“ за месец октомври, во чест и слава на Преблагословената Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, преку Која секој Божји дар го добиваме, и во чест на светиот отец наш Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, и светиот великомаченик Димитриј Мироточив, кому му е посветен храмот што ги издава „Житијата на светиите“. 
Томот ги содржи житијата на светителите за месец октомври. Првото издание на „Житија на светиите“ излезе пред девет години, а последните два тома се во подготовка. Изданијата ги подготвија протопрезвитер Боро Милчев и протопрезвитера Богдина Милчева, во издание на храмот „Св. Григориј Палама и св. Димитриј Мироточив“, Струмица.


***

Како да ве наречеме, Светии?

Херувими? – зашто на вас почива Христос.

Серафими? – зашто непрестајно Го прославувате.

Ангели? – зашто го победивте телесното.

Сили? – зашто вршите чудеса.

Многубројни се вашите имиња, но уште помногубројни се вашите дарби – како да ве наречеме, Светии...

Вие сте светлината на светот – беспрекорни и чисти, непорочни чеда Божји. Вашите патеки се како блескав светилник, кој сè повеќе и повеќе блеска...

Вие сте солта на земјата – го заштитувате светот од пропаст и гнилежност, ги лекувате неговите многубројни рани. Вие сте птици небесни, кои се издигнале високо над суетата, гревот и порокот.

Вие сте како роса од Господа – ги освежувате душите истоштени од гревовната пот; како пролетен дожд по тревата ги напојувате исушените човечки срца; како извори, чии води не секнуваат, ја згаснувате духовната жед на измачените.

Вие се издигате како кедри ливански – миризливи и вечнозелени.

Вие сте како дрво крај водни потоци, кое го дава својот плод во свое време и чии лисја не венеат. При вас човечката душа се одмора во ладовина, се храни од вашите плодови и се наситува.

Вие сте најубавите по дух среде синовите човечки, постојано устремени кон Бога, плодовите на вашите дела се слатки и пријатни, ги исцелуваат нашите болести и несреќи.

Вие сте хероите на духот, ја извојувавте најголемата победа над гревот.

Вие сте Божји избраници, за Божја прослава.

Вие сте столбови во неракотворниот Божји храм, на кој е напишано името Божјо и името на Горниот Ерусалим.

На вашите добродетели се крепи светот, заради вас е поштеден, оти без вас би ја имал судбината на Содом и Гомор.

Вие сте сокровишта на Божјата благодат, од вас истекуваат реки и потоци, кои штедро се разлеваат по светот и ја гаснат жедта на оние што имаат потреба. Вие блескате како сафири, дијаманти и рубини, благомирисате како рози, јорговани, кринови и трендафили, вие сте несвенливи цветови и многуплодоносни гранки. Многубројни се вашите имиња, а уште помногубројни – вашите дарби.

Угодници на Пресвета Троица,

Кои сте поминале низ оган и вода,

Сте пострадале сесрдно за Христа,

Сте ги оросувале со чудеса краиштата на светот,

Достојно сте примиле слава од небесата и

Ликувате со небожителите,

Спомнете ги и оние кои го почитуваат вашиот спомен,

И молете се непрестајно за сите нас.

 

(извадок од предговорот)

 

Извор: МПЦ-ОА

e-mail- Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
или: о. Боро Милчев, тел. 071 213 000