Тропар на светиот Христов маченик Никaндар
15 март / 28 март

Радоста од подвигот за Христа принесен
уште повеќе ја збогати душата твоја о лекаре Никaндар,
кога срцето со благодат се исполни
и ти Бога го прослави во страдањата твои.
А Он Кој ги прима твоите молитви за нас принесени,
со нова облека нетлена и венец невенлив те закити
во вековите на вековите.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот Христов  свештеномаченик Александар
15 март / 28 март

Со радост се исполнуваат душите на верните,
од споменот твој свети Александаре,
кој науката за животот ја изучи од Животодавецот,
по пат воден од Патеводителот, вистината ја спозна
од Вистинитиот, бисер непоколеблив,
сјајот Христов заблеска во страдањата твои,
и молитвите пред Него принесени за нашите души
постојано те прават застапник за нашето спасение.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите Христови маченици Агапиј, Плисиј,Тимолај, Ромил, двајца Александари и двајца Дионисии
15 март / 28 март

Поучени од мудроста змиина,
телото го изложивте, главата ја предадовте
во раце Христови, о, свети маченици кои Бога,
Кој е глава на сите го прославивте,
молете се свети страдалници,
верата да ја сочуваме и по вашите молитви
да се удостоиме во небесни дворови да пристигнеме.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (28.03.2021)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

Житие: Светиот маченик Агапиј и седумтемина со него: Публиј, Тимолај, Ромил, двајца Александри и двајца Дионисии


Сите пострадаа од кнезот Урбан во Кесарија Палестинска во времето на царот Диоклецијан. Сите седуммина, освен Агапиј, беа сосем млади луѓе, а с ѐ уште не беа христијани. И никогаш не се крстија со вода. Но се крстија со крв. Еден ден овие седум момчиња гледаа како ги мачат христијаните, едни на оган, други на бесилки, трети пред ѕверови, па гледајќи како поднесуваат маки со трпение, се распалија со ревност по Христа, самите си ги врзаа рацете наопаку и така врзани дојдоа пред Урбан велејќи: „И ние сме христијани!“ Залудни беа ласкањата и заканите на Урбан. На овие момчиња им се придружи и угледниот граѓанин Агапиј, кој дотогаш доста страдаше за Христа и почна уште повеќе да ја распалува кај нив верата и љубовта кон Господ. Беа сите убиени со меч во 303 година, кога заминаа во Небесното Царство на Господ Христос.

 

Житие: Светиот маченик Александар

Од градот Сида Памфилиска. Намесникот на царот Аврелијан го запраша кој и што е тој. На ова Александар му одговори дека е пастир на Христовото стадо. „А каде е тоа стадо?“, беше следното прашање. Александар одговори: „Низ целиот свет живеат луѓето коишто Христос ги создаде; од нив оние што веруваат во Него се Неговите овци, а тие што се отпадници од Создателот и им робуваат на созданијата и на делата на рацете човечки, на мртвите идоли, како што правите вие, тие се отуѓени од Неговото стадо и на Страшниот Суд ќе застанат од Неговата лева страна како кози“. Злобниот судија нареди најпрво да го бијат со воловски жили, а по ова го фрлија во огнена печка. Но огнот не му наштети. Потоа му го стружеа месото. Најпосле судијата нареди и му ја отсекоа главата. Но штотуку ја изрече таа пресуда судијата подлегна под злиот дух и побесне. Како што урликаше го поведоа накај неговиот бог идол, но патем ја испушти својата зла душа. Свети Александар пострада меѓу 270 и 275 година.

 

Житие: Светиот маченик Никандар Мисирец

Му ја дереа кожата, а потоа го заклаа заради верата во Христа. Го судеа затоа што како лекар им помагаше на христијанските маченици и чесно ги погребуваше телата на погубените. Чесно пострада во 302 година.