ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

 

Тропар на Светиот Христов епископ
Ахил Преспански, Лариски

Кога Христос би бил Божја творба,
залудна би била нашата борба,
надежта пропаднала, верата онемела,
о Ахиле свети,
вистината плотта не ти ја дојави
туку Оној Кој преку тебе вршеше чудеса,
лагата замолкна, Величието посведочено,
љубовта во верните срца зацарува.
Моли се саду на Божјата благодат:
небото и земјата додека постојат
ние да се спасуваме по твоите молитви со вера
во Бога, Еден во Пресвета Троица,
Единосушна и неразделно соединета.



Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

SV.Pahomij.Veliki

Тропар на светиот преподобен
слуга Христов Пахомиј Велики

Пахомие, велики оче преподобен,
за демоните капијо несоборлива,
моли се о ти преполн саду на благодатта,
за нас и сите оние за кои ти беше јавено, дека ќе ослабиме,
за монасите, за христијаните, и оние кои талкаат во безумие.
О татко на монашката соборност,
О учителе кој не потсетуваш да ја бараме Божјата а не волјата своја,
да се смируваме, да потрпуваме,
и тагата на неверието да ја прогониме.
Бога по твоите молитви да го прославиме,
Кој не повика на покајание, на преумување,
и во Себе на посиновување.

 

sv.Pahomij.VELIKI

 

 


МПЦ - ОА
Манастир Свети Јован Претеча - Слепче

 

 Тропар на светиот
Гаврил Светогорец
15 мај / 28 мај

Глас 8-ми
Откако се собравме ние верните,
да го восхвалиме учителот на кротоста,
 големиот украс на епископите,
красотата на светителите, правилото на монасите,
славата на пустиножителите, подателот на милоста,
 светилникот на расудувањето, божествениот љубител,
премудриот архиереј, големиот светител и отец,
Гаврил епископот Велички и Лесновски чудотворец,
ѕвезда која ги просветлува луѓето во мрак и ги озарува сите верни.
Затоа брзајќи кон гробот на неговите мошти,
со љубов ги целиваме и пееме: светителе свети,
не престанувај да го молиш Христа Бога,
да се спасат душите наши.



 
Извор МПЦ - ОА

 

Тропар на светиот
Гаврил Велички
15 мај / 28 мај

Светило на православието,
светол столб на подвижниците,
од Христа даруван со смирение,
оче Гавриле преподобен,
срцата на верните по твоите молитви за Христa се отвoрија
а Дародавецот преку тебе пројави мноштво чудотворства.
Радувај се ти пофалбо на пустиножителите,
собеседнику на ангелите,
и моли се за сите нас, кои никогаш не нѐ остави.

 

 

Prepodoben.Gavril.Velichki


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
Христов пустиник
Андреј чудотворец
15 мај / 28 мај

Суровиот подвиг пустински телото го смири,
душата ја успокои, а умот го отвори Бога да Го восприема.
А Он срце ти преисполни со благодат:
Андрее преподобен оче наш, моли Го Оној Кој те обдари,
и чудотворец те направи: нас само да нѐ помилува.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Ефросин Псковски
15 мај / 28 мај

Љубов на дар од Господа добивајќи,
со неа и болка измоли од Спасителот,
до крај на земните дни да не те одмине,
о, Ефросиние подвижниче.
Од болката молитва која спасува изнедри
за сите кои Бога преку тебе Го повикуваат,
и благодарност за сѐ кон Господа принесуваат.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Исаија
епископ Ростовски
15 мај / 28 мај

Боговдахновен пастиру Христов,
Исаија преподобен оче наш,
од младоста исполнет со верата на нашите татковци,
ја покажа љубовта кон Бога и ближниот,
а Спасителот жезол со благодат ти подари,
на земјата стадото мудро да го раководиш,
 а и сега од небесата за нас непрестано
да се молиш: Господи слава Ти!



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
преподобен отец
Варвар мироточив
15 мај / 28 мај

Покајниче кој повикуваше кон небесата,
Господ погледна на твоите недела,
и милостиво те закрепна чаша на покајание принесувајќи ти,
блажен подвижниче, со двете раце ја прифати
милоста подадена,
со двете очи ја ороси Љубовта измолена,
измоли и за нас свет пустински подвижнику,
простување на нашите прегрешенија.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (28.05.2022)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

 

Преподобен Пахомиј Велики

Родум Мисирец и во младоста незнабожец. Како војник учествуваше во борбата на царот Константин против Максенциј. Потоа, дознавајќи од христијаните за единиот Бог и гледајќи го нивниот благочестив живот, Пахомиј се крсти и отиде во Тиваидската пустина, кај прочуениот подвижник Паламон, кај кого десет години се учеше на подвижнички живот. Тогаш, на местото наречено Тавенисиот, му се јави ангел во облека на схимник и му даде штичка на којашто беше напишан уставот на општежителниот манастир, заповедајќи му таков манастир да устрои на тоа место и прорекувајќи му дека во тој манастир ќе притекнат мнозина калуѓери заради спасение на душите. Пахомиј го послуша Божјиот ангел, почна да подига многубројни келии, иако таму немаше никого освен него и брат му Јован. Кога брат му го укори зошто гради толку непотребни градби, Пахомиј просто одговори дека тој ја следи Божјата заповед, без оглед кој и кога ќе дојде да живее тука. Но наскоро поттикнати од Духот Божји на тоа место надојдоа многу луѓе и почнаа да се подвизуваат според типикот на Пахомиј, добиен од ангел. А кога се зголеми бројот на монасите, Пахомиј постепено подигна уште шест манастири. Бројот на неговите ученици изнесуваше до седум илјади. Свети Антониј се смета за основач на отшелничкиот (пустински) живот, а Свети Пахомиј на манастирското општежитие. Смирението, трудољубивоста и воздржанието на овој Свет отец беа и останаа редок пример за подражавање пред огромен број монаси. Свети Пахомиј изврши безбројни чуда, но и безброј искушенија претрпе од демоните и од луѓето. На луѓето им послужи како роден татко или брат. И мнозина ги побуди да појдат по патот на спасението. И мнозина управи на патот на вистината. Беше и остана голема светилка на Црквата и голем сведок на Христовата правда и вистина. Се упокои мирно во 348 година, во седумдесет и четвртата година од својот земен живот. Многумина од неговите ученици Црквата ги вброја во редот на Светителите, како на пример: Теодор, Јов, Пафнутиј, Пекузиј, Атинодор, Епоних, Сур, Псој, Дионисиј, Псентаисиј и други.

bogorodica.k.dol.jpg

Свети Ахил, епископ Лариски

Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит. Зеде Свети Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот. Тогаш Свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година. Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.

 Prepodoben.Gavril.Velichki1

Житие: Преподобен Гаврил Велички

 
Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор.

Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери.

Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии.

На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.

Prepodoben.Gavril.Velichki2

Тропар
Светило на Православието, светол столб на подвижниците, од Христа даруван со смирение, отче Гавриле преподобен, срцата на верните по твоите молитви за Христа се отворија, а Дародавецот преку тебе пројави мноштво чудотворства. Радувај се ти, пофалбо на пустиножителите, собеседнику на ангелите, и моли се за сите нас, кои никогаш не нe остави.