Позлатена мермерна глава откопана во Стоби

Главата е пронајдена падната покрај една од засведените ниши на Римскиот форум и иако е во неколку дела, може целосно да се реконструира


Позлатена мермерна глава пронајдоа археолозите истражувајќи го Римскиот форум, кој во минатото служел како плоштад на античкиот град Стоби, кај Градско. Главата е пронајдена падната покрај една од засведените ниши на објектот. Иако е во неколку дела, може целосно да се реконструира.- Пронајдокот е единствен во поширокиот регион. Тоа зборува колкав бил подемот на Рим на овие простори и колкаво значење имал овој град во тоа време - вели археологот Мила Шурбаноска, раководителка на ископувањата.

Според првичните податоци, археолозите може само да потврдат дека скулптурата била изработена во 2 век, од бел, ситнозрнест мермер. Ликот и косата се прецизно изделкани и измазнети. Делови од образот, усните и носот се црни, веројатно од пожарот во античко време, што бил предизвикан кога била скршена скулптурата. Тогаш веројатно изгорел целиот Форум. pozlatena.glava1.jpg

Бидејќи засега не се пронајдени други елементи од скулптурата, археолозите немаат атрибути според кои би можеле да оценат кому му била посветена. Откако била изработена, била премачкана со црвена боја и целата била облепена со тенки листови од злато. Ако загледате повнимателно, ќе ги видите убаво нацртаните веѓи. Истражувачите очекуваат во земјата да пронајдат уште делови од скулптурата, бидејќи се' уште не е детаљно истражен просторот од каде што излегла глава.

Плодната почва во Римскиот форум деновиве дала уште два ексклузивни предмета, пронајдени независно од главата - позлатена мермерна рака, која држи нешто во дланката и позлатен мермерен кантарос (чаша со две рачки од која се пиело вино).

- Штом граделе ваков објект, богато украсен со скулптури, покажува какво значење имала Македонија, првата римска провинција во тоа време - објаснува Шурбаноска.

Истражувајќи го објектот, археолозите пронајдоа големи камени плочи наредени на подот. Археологот Антонио Јакимовски претпоставува дека на нив биле поставени гредите на кои се потпирал внатрешниот трем на Форумот. Така, граѓаните можеле да шетаат и во засведен дел од објектот, на чии ѕидови имало ниши украсени со скулптури. Јакимовски тврди дека Форумот е еден од најрепрезентативните и најдобро зачувани објекти од римскиот период во регионот.

 

Истражувањата на Римскиот форум ќе траат до средината на декември. Се реализираат во рамките на проектот „Археолошка и туристичка валоризација на античкиот град Стоби“ што го финансира Министерството за надворешни работи на Италија, во соработка со невладината организација ЧИСС од Палермо и Музејот на Македонија. Истражувањата траат веќе три години и досега покажаа дека Форумот, градба од 2 и 3 век, имал монументален отворен влез, составен од три столба високи 7 метри, на врвот споени со аркади.

Горан Бошков, претставник на ЧИСС за Македонија вели дека ќе се обидат да продолжат да ги финансираат ископувањата. Тој додава дека е многу полесно да се обезбедат пари за заштита на објектот. pozlatena.glava.jpg

Во ископувањата, покрај Шурбаноска и Јакимовски учествуваат и нивниот колега Горан Санев, Мирослав Димовски, фотограф, Петар Ризов, препаратор, Катарина Каспинова, документатор и Костадин Саздов, архитект.

Новите пронајдоци завчера ги видоа и Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, Мери Аницин-Пејоска, директорка на Музејот на Македонија и Перо Јосифовски, програмски директор на музејот.

Форумот бил широк 23 метри, долг 35 метри. Ѕидовите на објектот се зачувани до 5,5 метри во височина. Според археолозите, изградбата на Форумот веројатно почнала кон крајот на 1 век, кога градот доживеал голем економски подем. Кон крајот на 3 век заедно со другите објекти во градот бил опожарен, а скулптурите насилно искршени. Археолошки, уништувањето на објектот се врзува со наездата на Готите во 268 и во 269 година. Потоа објектот бил напуштен, а кон крајот на 4 век врз него бил подигнат внатрешниот градски бедем.

Весна Ивановска