Hristos.prekrasno57

Коментар на денешното евангелско четиво:


       “Што да каже човек за жената од евангелието што го слушнавме, освен да заплаче – размислувајќи за она што таа го направи, и да се помоли Господ Христос да ни подари барем нешто од нејзинaта љубов кон Него. Пред средбата со Богочовекот Христос, Евангелието сведочи за неа дека е грешница. При средбата со Христос, Самиот Тој сведочи за неа дека Го возљубила многу, дека се покајала. Но, нејзиното допирање до Христос го соблазнува фарисејот – домаќин, кој си помисли: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница“.

И има право – Овој не е пророк, овој е Бог и секој што се допира со вера до Него се исцелува. Бог Кој дојде болните да ги исцели, а не „здравите“; Бог Кој дојде грешните да ги повика на покајание, а не „праведните“. Колку ли „луди“ работи е подготвен да направи човек заради таа Божја љубов – гледаме од примерот на жената, како и во житијата на светите луѓе, а на кој ли „луд начин“ Бог одговара на таа љубов кон Него, само самите тие си знаат. Во евангелското случување читаме што сведочи Христос за жената: „’нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се простува, и љубов мала има!‘ Нејзе, пак, ѝ рече: ’Ти се простуваат гревовите!‘ А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: ’Кој е Овој што и гревови простува?‘“

              Но, Христос неверниците не ги удостојува ни со одговор, додека пак, на жената ѝ вели: „Верата твоја те спаси; оди си со мир!“

 fbMonika Nikolova

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 7:36-50
36. Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.
37. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38. па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.”
40. Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.” А тој одврати: „Учителе, кажи!”
41. Исус му рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет.
42. Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?”
43. Симон одговори и му рече: „Мислам оној, кому повеќе му прости.” А Он му рече: „Право пресуди.”
44. И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47. Затоа ти велам: нејзе ? се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!”
48. Нејзе, пак, ? рече: „Ти се простуваат гревовите!”
49. А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови проштава?”
50. На жената, пак, ? рече: „Верата твоја те спаси; оди си со мир!”

 

https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi