Прашање:   Што е тоа суеверие и на кој начин тоа може да му напакости на нашето спасение? Зошто Црквата има негативен став кон разни јасновидци, енергетичари, бајачи, окултисти. . .? (од Мира)

Одговор:
Живееме во време кое е преисполнето со искушенија, со препреки кои се изнаредиле по нашиот животен пат, но и по патот на нашето спасение. И од сите тие искушенија исполнети со сатанска итроштина и подлост, најитри и најподли се искушенијата поврзани со суеверието. Зошто? Затоа што многумина духовно непросветени и неразбудени луѓе кон суеверието (празноверието) тргнуваат како кон нешто Божјо, духовно, свето, неразбирајќи дека тргнале во сосем спротивна насока. Денес многу често ќе сретнете луѓе кои за себе велат дека се христијани, и тоа православни - ортодоксни, а посетуваат разни јасновидци, оџи, бајачи, курсеви по космичка енергија, медитираат на ликовите на разни самопрогласени гуру - божества, извршуваат безумни наредби по христијанските цркви и манастири од разни гатачи (запали пет свеќи наопаку, земи од оваа вода, стави го ова под она, обиколи со јагне околу храмот, отвори црковна врата, направи курбан. . .)  Да! Трагично. Но тоа се случува кога некој е во мака, а не го познава вистинскиот излез и пат. Мора да се признае дека за сета оваа трагична состојба имаат вина и преставниците на служебното свештенство - епископите, презвитерите и ѓаконите. Недоволната духовна просвета на верниците и нивно неупатување во содржината на Светото Писмо,  но и невоведување во спасоносната смисла на Светите Тајни на Црквата (крштевање, миропомазание, причест, исповед, брак, свештенство, маслосвет) овозможуваат да се развиваат лажните, нездрави и неспасителни духовни состојби и правци.
Како одговор на горепоставеното прашање приложувам два текста. Првиот текст е еден мој постар одговор на истото ова прашање. Посветен е на суеверието како духовен феномен. Вториот текст е житето на Светиот свештеномаченик Кипријан и Светата маченица Јустина. Преку ова житие читателите ќе можат најпластично да се запознаат со манипулативната моќ на суеверието, магизмот и окултизмот, но и со излезот од нивното сатаноподобно робство.
Ако, по читањето на текстовите добиете повеќе сознание за вашата духовна состојба, која е во "некаква" состојба поради влијанието на суеверието, магизмот или окултизмот врз вас, слободно побарајте средба со некој духовник или со вашиот парохиски свештеник. Може за разговор да ми се обратите и мене. Повелете во просториите на Архиепископијата (спроти Соборниот храм) или јавете се на тел: 3118 - 396. 

Во врска со одговорот:

http://preminportal.com.mk/content/view/894/54/

http://preminportal.com.mk/content/view/895/54/