Една жена го прашала свештеникот дали смее да верува во бајачки и хороскоп.

- Не смеете - одговорил свештеникот - бидејќи и двете работи се сметаат за голем грев.

- Како така, отец? - се изненадила жената. -

Неодамна прочитав во хороскоп кој ден ќе ми биде лош. Како беше напишано така и се случи: во продавница ме покрадоа, на работата доживеав непријатности, а јас и момчето се скаравме.

- А ти не верувај - одговорил свештеникот - и тоа нема да има никаква власт над тебе! Целиот живот на православниот човек зависи од Божјата промисла, неговите молитви кажани со жар и праведните дела.

Должна си својата доверба да ја посветиш на Божјата милост, а не верата да ја посветуваш на тоа дали црна мачка ти го пресекла патот.

Сепак, жената си правела по нејзино. Почнала да купува книги за баења, читала хороскопи и предвидувања низ дневниот печат. И оттогаш почнале да и се случуваат неубави работи. Гледала кој ден според хороскопот е добар за купување накит, па купила златни обетки кај некој циган. Се покажало дека златото е лажно.
Друг пат наишла на календарот дека одреден ден не е добар за лекување, па одбила да оди во болница и сериозно се разболела.

Тогаш се присетила на она што и зборувал отецот, но веќе било доцна.

Бог допушта да се остварат прогнозите кога е човек слаб во верата или живее во безбожништво, не предавајќи се милоста Божја туку водејќи се по линијата на дланката, талогот од кафе или астрологијата. Тоа е праведна Божја казна за такво маловерие!

Извор:Духовен семафор

Еве еден пример од светиот старец Пајсиј: „Еден млад човек се заплеткал со некој бајач и се занимавал со магија. Потоа претрпел штета, се разболел и стигнал до болница. Неколку месеци потроши татко му, бидејќи тогаш немаа здравствено осигурување, за да видат што му е. Лекарите не можеа да му најдат нешто. Настана хаос. Што направи тогаш ѓаволот! Му се појави како Чесниот Претеча Јован, кого што го имаа како семеен закрилник, и му вели: ,Ќе те оздравам, ако изгради татко ти црква‘. Детето му го кажа тоа на татка си и тој кутриот рече: ,Дете ми е, колку имам ќе дадам, само да оздрави‘, и вети дека ќе му изгради црква на Чесниот Претеча.

Ѓаволот си замина и детето оздраве. Направи… чудо! Еден ден таткото рече: ,Ветив дека ќе изградам црква. Треба да го исполнам таксаното‘. Не беа моќни финансиски, и, за да го изгради храмот, па ги продаде сите ниви што ги имаше. Го даде сиот свој имот. Неговите деца останаа на улица. Се разгневија,пусто да остане Православието‘ рекоа, и станаа Јеховини секташи. Гледаш што прави ѓаволот? Се чини, таму немаше Јеховини, па ѓаволот најде начин и таму да се појават!…“

Избор од ФБ страната на: Николај Филотејски

16-ти август 2017 лето Господово