Вечерта, на денот на свети апостол Тимотеј и преподобен маченик Анастасиј, во црквата на свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј во Струмица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија, на која верните се причестија со Светите Тело и Крв Христови.

 

ГРАБНУВАЊЕ ИЛИ ВООБРАЗБА

 

            Деца, доста се занимававме со меѓуцрковните односи. Многу покорисно е да се вратиме на нашата стара и секогаш актуелна тема: како да го пронајдеме местото на нашето срце, или како, ако веќе сме го пронашле, да му обезбедиме непречен пристап на умот во него; односно, како лично да го преземеме управувањето со нашиот духовен центар. А за претходната тема знаете што велат нашите стари: на човек сосила можеш да му земеш, ама сосила не можеш да му дадеш. Би додал: често пати и духовната сила или словото во сила не се доволни ако некој свесно реши да работи против решавањето на црковните недоразбирања и поделби (во полош случај) или (во подобар случај) бидејќи е опрелестен. Со таквите најнакрај Господ љубовно се расправа. Замислете да требаше ние сето тоа, згора на сѐ, и сериозно да го сфатиме? Но, нашето главно и најсериозно прашање е како да го доведеме умот во состојба во која би можело да му биде дозволен молитвен влез во срцето.

            Но, да почнеме од почеток. Прво да се потсетиме кои беа трите основни монашки правила, кои секој монах би требало наизуст да ги знае и кои во секој момент од својот подвижнички монашки живот треба да ги спроведува: прво, неприфаќање и непоистоветување со помислите, чувствата и желбите без нивна претходна проверка само со духовниот отец; второ, правилното исповедување, при што треба да се исповеда состојбата на нашето срце создадена во моментот и после искушението, без самооправдување и без осудување на другите; трето правило е континуиран, нагласен телесен и, во рамките на послушанието, молитвен подвиг (според силите) сè до отворањето на срцето, после што истиот треба да се восогласи со условите што ги бара умносрдечната молитва. Со соодветно прилагодување, истите правила важат и за оние што не се монаси, а кои се наоѓаат на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите.

            Три цели сакаме да постигнеме со придржувањето кон овие три правила. Кон тие цели, напоредно се приближуваме, но сега посебно ќе ги претставиме.

            Првата цел е преобразување на нашата главна страст ‘самољубие’ – и на нејзините три основни пројави: ‘славољубие’, ‘среброљубие’ и ‘сластољубие’ – во благодатна љубов кон Бог и кон ближните. Значи, она кон што тежнееме да се случи е преобразувањето на нашите страсти, а не нивно потиснување. Едно е преобразување, а друго потиснување на страстите. Разликата е како од небо до земја, односно разликата е онтолошка, затоа што потиснувањето е само човечки бесплоден подвиг со негативни (дури разорни) психички последици, а преобразувањето е богочовечки, синергиски подвиг – наш подвиг кој се случува само со помош на Божјата благодат; подвиг кој се одвива во содејство со Божјата несоздадена енергија, и кој го опфаќа и кој е предуслов за спасение, духовниот развој и восовршување на човекот.

            Суштината на потиснувањето кај оние што се подвизуваат, без оглед дали се во Црква или не се, обично е: видливото воздржување од исполнување на грубите страсти како што се ‘среброљубието’ и ‘сластољубието’, од една страна, а од друга страна хипертрофија и развивање на страста ‘славољубие’. При тоа цел на подвигот очигледно не е Бог – заедницата со Него, Божјата слава и исполнувањето на Божјата волја, туку човекот, човечката слава и исполнувањето на човечката волја. Суштината на преобразувањето, кое може да се случи само како живот во Христос – во Црквата, е и надворешно (или видливо) и внатрешно (или невидливо) воздржување од исполнувањето на сите страсти и нивно аскетско пренасочување (преобразување) кон добродетели со помош на Божјата благодат, односно несоздадената енергија на Света Троица. При тоа, цел на подвигот е Бог – личната заедница со Него, славењето на Бог и исполнувањето на Неговата волја и спасението на ближните.

            Потиснатите страсти во поволни за нив услови ќе се вратат назад со уште поголема сила и жестина, а очистените и преобразените ќе функционираат нормално и во најголеми искушенија. Затоа што, потиснувањето е делумен и штетен подвиг, а преобразувањето е целосен и исцелителен подвиг.

            Што значи последната кажана реченица? Според светите Отци, коренот и на трите вида страсти е во нашето срце, духовниот центар на човековото битие. Така што, не е можно, на пример, од двете груби страсти да се воздржуваме, а славољубието – кое е во основа главна наша страст – да го задоволуваме и притоа да се надеваме дека срцето ќе ни се очисти. Напротив, ефектот ќе биде погубен. Не само што задоволувањето и само на една од страстите е доволно за валкање на срцето и повлекување на Божјата благодат, туку, во случајот, воздржувањето од двете груби страсти ќе биде уште и дополнителен поттик за суптилната страст на славољубието да ги достигне своите демонски димензии. Ако сакаме срцето да ни е чисто и подготвено за боговидение и богопознание, тогаш ќе мора со слободен аскетски волев подвиг да ги пренасочиме сите наши страсти кон добродетели и со помош на Божјата благодат тие да се преобразат. Но, пошироко за оваа тема, другпат.

            Сега да го задржиме нашето внимание на по еден пример на потиснување и на преобразување на страстите.

            Прво, преобразување. Еве, некој ќе нè повреди со збор или со некое чинење или не чинење. Што треба да направиме? Прво, единствено што во тој момент нѐ интересира е остварувањето на Божјата правда, и отфрлање на барање на човечка правда – кое по некоја неконтролирана гревовна автоматика сака да ни се наметне. Едноставно, проверуваме дали нашата умствена, душевна и телесна реакција се во согласност со она што Богочовекот Христос би го направил во таков случај или не се. На тој начин секогаш ја наоѓаме вината во нас – во нашата несличност со Христос, во нашето несовршенство, а не во тој што нè повредува. Потоа, преку чинење на добро, како одговор на претрпеното зло, се принудуваме да станеме подобни на Христос.

            Следувателно, треба да Му заблагодариме на Господ што ни ги отворил очите да видиме какви валканици се кријат во нашето срце и треба да Му заблагодариме за ближниот што ни го испратил да ни го открие тоа. Благодарењето ќе биде аскетско затоа што сигурно на првиот степен ќе треба да се присилиме себеси на него и нема да го чувствуваме како природно да извира од нас. Трпението, исто така, ќе ни биде многу потребно заради реалната неможност моменталната лоша духовна состојба веднаш да ја исправиме; и да успееме да ги средиме дури и помислите, духовната затемнетост сепак ќе остане уште некое време.

            Уште, ќе треба да се смириме и да се осудиме самите себе како заслужни за многу полошо од она што ни го прават, од она што го слушаме дека го зборуваат за нас и од она што претпоставуваме или што демонот ни шепка дека го мислат за нас.

            И на крај, после ваквото самоосудување, треба да се молиме за нашите „непријатели“. Молитвата ја кажуваме сè до моментот додека не се врати мирот што претходно сме го имале и со Бог и во себе и со „непријателот“, кој сега ќе има и еден квалитет повеќе. (Според времетраењето на враќањето на духовниот мир се мери нашето напредување или назадување во духовниот живот; за тоа, другпат.)

            Значи, треба да се научиме на друг внатрешен автоматизам, за разлика од досегашниот погрешен, при пресретнувањето на искушението: сами да се осудиме, другиот да го оправдаме, на Господ да Му заблагодариме и да се молиме, барајќи Го Бог, со ритам и на начин на молитва во која нема место за помисли, која ги опфаќа и тие што нè повредиле. Еднаш така, другпат така и – ете го опитот. Но, внимавајте, најважно од сè е да се премине периодот на богоoставеност, кој сигурно ќе се случи при стекнувањето на овој опит. Клучниот духовен напредок се случува токму во тие моменти, затоа што наемникот не може да биде наследник. И да не заборавиме: рековме дека секој што ја бара вината за што било и во кој било случај надвор од себе, го напушта патот на нашите Отци, го напушта патот што води кон срцето, го напушта тесниот пат кон Царството Небесно и кон Царот Небесен... А, друг пат до Него не ни постои!

            Потиснување е сѐ она што внатрешно е спротивно од примерот на преобразувањето иако надворешно може и да личи на него... На пример, можеме да му премолчиме некому заради авторитетот што го има, заради неговата надредена позиција, заради некој кој гледа и заради многу други причини или интереси. Тоа однадвор може да изгледа (заради воздржувањето) како да се бориме да ја преобразиме страста, но од внатре воопшто не е така – премолчуваме затоа што сме принудени, а не заради подвигот, со Божја помош, да се исцелиме – не заради исполнување на Божјите заповеди. Не заради љубов кон Бог и кон нашиот ближен, туку заради самољубие. Нормално, заради таквиот начин на однесување остануваме без содејството на преобразителната благодат Божја.

            Постои една цела лепеза на варијанти како примери на потиснување за кои треба опит и расудување да ги препознаеме. Претходното беше еден пример на потиснување на страста на славољубието. Од вас ги очекувам примерите за потиснување на страста на среброљубието и на сластољубието.

            Останатите две цели кои треба да ги постигнеме со придржувањето кон трите почетни монашки правила се: развивање на вистински личносен однос со Бог, како и стекнување на аскетското смирение, односно на аскетското покајание или аскетскиот плач.

            Ако подобро ги разгледаме трите почетни монашки правила, ќе видиме дека во суштина тие се практично восогласување на начинот на нашиот живот и подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, односно практично остварување на апсолутното послушание кон духовниот отец.

            Оној што има опит на послушание знае дека послушанието кон духовниот отец во суштина е однос на вера и доверба во Бог а не во човек. Затоа, како плод на така сфатеното и така оствареното послушание се појавува личниот однос со Бог. Оној што нема опит, треба да го живее подвигот на послушание сходно претходната реченица ако не сака да промаши. Кога некој би побарал од мене со една реченица да ја објаснам тајната на послушанието, јас би се обидел вака: послушание е остварување на сите наши желби и цели, но не на начин на кој ние тоа би го испланирале и направиле, туку на начин на кој тоа Бог би го промислил, а ние слободно би го прифатиле и би Му содејствувале. Некој може да си ги оствари своите желби и цели и на првиот начин, но последицата ќе биде отсуството на Бог во него.

            Бидејќи многу пати и од многу агли ја имам опфатено оваа тема, сега само ќе нагласам нешто што е од посебен интерес за денешното мое излагање, а тоа е следново: послушанието кон духовниот отец е редовен и најсигурен (најнепрелестен) начин на градење на личносен однос со Бог. Ако не поминеме низ подвигот на послушание кон духовниот отец, сето она што ние ќе си мислиме дека значи наш личен однос со Бог, ќе биде само наше замислување или фантазија или имитирање духовност. Што поопширно значи ова замислување (умислување) или наше вообразување на духовни состојби, поопширно видете кај свети Игнатиј Брјанчанинов каде објаснува што значи тоа – мнение, односно каде што објаснува што е тоа лажно настроение на умот и лажно настроение на срцето, како и за штетните последици од сето тоа. Накратко, тоа е првиот и вистинскиот маскенбал – човек не сака да биде виден онаков каков што е, ни од другите, ни од Бог, ни од самиот себе.

            Придржувањето кон трите почетни монашки правила истовремено значи и газење по нашето самољубие на секој план од неговите три пројави како и практично остварување на  аскетското смирение, односно на аскетското покајание или аскетскиот плач, по Бог. Да не ја ширам темата, и за ова може повеќе да прочитате кај свети Игнатиј и кај други Отци. Само да напомнам, собраната или чистата молитва е дел од подвигот во трите почетни монашки правила.

            Зошто го напишав сето ова? Нема да објаснувам многу. Со една реченица сѐ ќе кажам:

            Затоа што, само со вистински смирен личносен однос со Бог – однос кој поминал низ процес на проверување и на благодатно преобразување, а не низ процес на човечко потиснување и демонска вообразба, ние можеме да го доведеме умот во состојба во која би можело да му биде дозволен молитвен влез во срцето.

            Не плашете се, вака треба само теолошки точно да се изразиме, затоа што самото влегување е дар; инаку, откако ќе го доведеме умот во гореопишаната состојба, молитвениот влез  во срцето сигурно ќе му биде дозволен. Дозволен? – умот на подвижникот во почетокот ќе биде просто грабнат од неизречената убавина и утеха која постојано ќе извира од неговото срце, од остварената Средба со Оној Кој прв нѐ возљуби – по која толку копнееше.

            Господи, заради Богородица, прости!

Митрополит Струмички Наум