Сеноќно бдение во Струмица (31.12.2011)


Вечерта, на денот на свети маченик Бонифациј, во црквата на свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј во Струмица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија, на која верните се причестија со Светите Тело и Крв Христови.


Вечерта, на денот на свети маченик Бонифациј, во црквата на свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј во Струмица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија, на која верните се причестија со Светите Тело и Крв Христови.

 

 Главен ориентир

            На почетокот од денешното бдение сакам само да ве потсетам на две духовни правила кои треба да ги оствариме за да не ни излезе целоноќното стоење во црква напразно.

            Прво, на бдението дојдовме да дадеме на Бог и на блиските тоа што можеме – од секого според можностите, а не да земеме тоа што ние мислиме дека се наши потреби. Нашите потреби ги знае само Бог и тие сигурно ќе бидат задоволени: видливо – преку послушание на духовниот отец, и мистично – преку Божјата несоздадена благодат; а сето тоа Бог го промислува и раководи. Откријте ја убавината на животот (духовен – оти нема друг) и одбијте да бидете робови на своите барања, а станете слободни деца Божји на давањето. Меѓу другото, спомнете ги посебно во своите молитви оние коишто во овие претпразнични и празнични денови се болни, оние што се во затвори, оние што се сиромашни и оние што се странци. Кога ќе можете, помогнете им и конкретно.

            Второ, да внимаваме сите да не ни се поткрадне некоја демонска мисла од типот: еве ние сега овде се подвизуваме, се воздржуваме и се молиме, а таму некои неверници дочекуваат и слават некаква измислена Нова Година со многу надворешни ефекти и надразби, а празни души. Вистина ви велам, тоа е една од полошите помисли со кои можеме да застанеме пред Лицето Божјо. И другпат сум ви рекол, без оглед на која функција се наоѓаме, кои таланти ги поседуваме и која Божја промисла треба да исполниме, ние сме должни секогаш во срцето и умот да го чуваме последното место, односно не смееме да помислиме дека сме подобри и повредни од кој било човек. Кога суштински би прифатиле таква помисла, тоа би било крај – падни-стани на првиот степен, до крајот на животот.

            Ви ветив дека ќе ви напишам за уште еден ориентир, а тој, според светите Отци, е главен. Бидејќи е општ, општо познат и се подразбира, често пати изоставаме да го спомнеме, ама затоа пак изгледа и дека не му даваме соодветно значење или го пренебрегнуваме. Тоа е плачот и солзите, т.е. покајанието. Значи, како што самољубието е заеднички именител или извор на трите главни страсти (славољубие, среброљубие и сластољубие), така плачот (и солзите) е општ резултат на чекорењето по тесниот пат со помош на трите ориентири (давањето, самообвинувањето и самозаборавот заради Христос Богочовекот).

            Затоа, некој од светите Отци (мислам свети Јован Лествичник) негде има напишано дека треба да останеме во оној подвиг што ни носи плач и покајание; и обратно, треба да го отфрлиме сето она што нѐ остава без плач (и покајание) – можеме самите да заклучиме. Плачот пак, е извор на духовна радост во човекот, дар што еуфоријата и световната радост никогаш нема да го имаат. Првото со себе носи трезвеноумност, а второто – прелест. Првото го собира умот во срцето и во молитвата, а второто го расејува по минливите стихии од овој свет. Духовната радост нѐ следи и во вечноста (на чијшто праг го оставаме плачот), а световната радост трае кратко и ни ги отвора вратите на празнотијата и бесмислата.

            Кога ви објаснувам за плачот, него го сфаќам (согласно и светите Отци) пред сѐ како наша духовна состојба во која го извршуваме секој наш подвиг, а најпрво подвигот на молитвата; но тој е и физичка појава – плач со солзи, а за оваа тврда храна повеќе видете кај свети Симеон Нов Богослов. Како и да е, секој наш принос или секое наше давање на Бог кое нема да биде извршено во дух на покајание (во дух на плач и солзи), нема да биде примено од Него. Тука, веќе, ќе престанам јас да зборувам и ќе оставам вашиот личен опит да ви говори за плачот, понатаму. Она што уште имам да кажам, а е поврзано со оваа тема е следново:

            Може да сретнете кај светите Отци (на пример кај светиот старец Јосиф Спилеот, кај свети Игнатиј Брјанчанинов, итн.) како ни говорат за подвигот на принудување на плач како за посебен подвиг. Значи можеме формално да разликуваме дар на плач и солзи кои се случуваат како природна последица од восогласувањето на начинот на нашиот подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, од една страна, и од друга страна – дар на плач и солзи кои се случуваат како последица на подвигот на самопринудување на плач и солзи. Велиме дека разликата е формална заради тоа што и двата подвига спаѓаат во рамките на подвизите на првиот степен на духовниот развој – очистување на срцето од страстите, само што во првиот случај солзите се посредна последица на подвигот, а во вториот – директна (во смисла на намера).

            Како се случува овој подвиг на самопринудување на плач и солзи, за да не бидам погрешно разбран, подобро сами пронајдете и прочитајте кај светите Отци. Нивните зборови секогаш имаат поголема сила заради тоа што позади нив (зборовите) стои и свет опит.

            Знаете, деца, пишувајќи ви за плачот и солзите, како никогаш досега, пишувам против самиот себе. Кога ќе го споредам Неговото совршенство (само она што преку опит на лична заедница ми е откриено) со мојот плач и покајание, кои заради мојата грешност и несовршенство би требало да ги имам, тогаш, ова второво – од тоа што во реалност се случува, не е вредно ниту за спомнување. Простете.

            Ви пожелувам убаво Рождество Христово!

 

               Митрополит Струмички Наум

 

 

Друго:

Синаксис во манастирот на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса - ТРИ ОРИЕНТИРИ (29.11.2011)