„Твојот живот си го минал преподобно, премудри, со одеждата на свештенството си се украсил светло; понижуван, со крвта маченичка, Еразмо, се удостои за небесните пречисти почести и, стоејќи пред Света Троица, се молиш за нас, кои те воспеваме“ (тропар на св. Еразмо Охридски).

  

На 15.06.2011 година торжествено го прославивме празникот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец. Култот на овој наш светител е особено голем во охридско-струшкиот регион. Многуброен верен народ дојде да се поклони во манастирот посветен на св. Еразмо. Дојде да го види и да се поклони на местото каде овој светол маченик се подвизуваше и душата своја ја спасуваше.  

Празнувањето започна на 14.06.2011 година со свечена вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, свештениците Игор Никовски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

 

 Утредента беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), свештениците Игор Никовски, Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

 

 По завршувањето на Литургијата свештенството и верното паство, на чело со нашиот Митрополит, се упатија кон изворот под манастирот, каде беше извршен Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј по завршувањето на Литургијата се обрати кон верното стадо со пригодно слово, во кое накратко го опфати животот на овој голем подвижник, а особено го потенцираше неговиот подвиг и неговата голема светителска љубов.

 

„Најтоплиот застапник во неволите, и добропослушен посредник за оние што просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен нè тера да викаме: Господи, слава Ти!“ (кондак на св. Еразмо). 

За Преминпортал:

Никола Христоски