Униние или напуштање на конкретниот подвиг
 
Директна последица од животот таму и некогаш е отстапување од континуираниот православен духовен живот и подвиг. Фантазирањето и очекувањето на некакви подобри услови, за потоа некогаш сериозно нешто да се почне и да се направи, не одат заедно со конкретниот подвиг сега и овде. Ваквото однесување, согласно светоотечката терминологија, се нарекува униние. Да не навлегувам во детали, вообичаено унинието се пројавува како нередовност или напуштање на молитвеното правило (со стоење и метании), неисполнување на правилото за читање (Свето Писмо и свети Отци), нарушување на правилото за пост (квантитативно и квалитативно), отфрлање на духовното раководство (суштински и формално), неисполнување на Христовите заповеди за милост и љубов кон ближниот – што Божјата промисла го носи во нашиот живот, итн.

Во отстапување од православниот духовен живот и подвиг (со знаење или од незнаење) би го сместил и невосогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме. Затоа што, напразно е ние и да имаме каков таков подвиг (во смисла на потпостување, подмолување, потчитнување, пододување во црковниот храм, потпомагање на ближниот, итн.) ако тоа истовремено не значи за нас и каков таков континуиран процес на исцеление и преобразување на страстите. Отците тоа го споредуваат со собирање на вода во издупчен сад. Башка што со текот на времето само суетата ни расте, заради пресметаните години к'о божем поминати во Црква и стекнатите права од тоа. Ужас.
 
Неуспех
 
Директна последица на отстапувањето од православниот духовен живот и подвиг сега и овде, во најдобар случај, е вечното падни-стани на почетниот степен од духовниот развој. Јалово битисување. Отсуство на даровите од Светиот Дух Господ. А годините си поминуваат ли, и си поминуваат. Првата благодат одамна нѐ напуштила и само бледо се сеќаваме на тоа време. Почетниот подвиг сега ни изгледа невозможен. Помислата на него – застрашувачка. А сѐ повеќе и повеќе тонеме во конформизмот и компромисот со овој свет. Што би рекол свети Јован Лествичник: телото тежнее кон тело, црвот кон црв, а калта кон кал.

Синовскиот однос со нашиот Небесен Отец, како давање без да бараме, не ни е познат затоа што тој треба со труд да се гради и во него да се порасне. Наемничкиот замислен договор со Бог очигледно сме го напуштиле, затоа што невосогласениот подвиг со степенот на духовниот развој не ни носи резултати и корист. И единствено што нѐ држи во Црквата, колку толку живи, е робовскиот страв од Страшниот Судија, а полабава врска од тоа веќе нема. Ако Црквата е квасецот со кој треба да се закваси тестото на целиот свет, тогаш како ние такви какви што сме ќе ја исполниме таа нејзина мисија, односно како ќе Го сведочиме, во сила, Богочовекот Христос во овој свет? Само синот може автентично да сведочи за својот Татко – заради суштината на својот однос, а не робот за Господарот.
 
Неблагодарност
 
Благодарноста подразбира себепринесување, сега и овде. Таму каде што нема правилен подвиг, нема ни себепринесување. Каде, пак, што нема себепринесување односно благодарење на дело, нема ни со зборови, ни со мисли, ни со чувства. И да се случи благодарење со збор, без дело позади себе, тоа е само формално. Постојано нешто не ни оди како што треба и постојано сме нешто незадоволни. И постојано некој друг ни е виновен за тоа; а за големо чудо, никогаш ние самите. Мислите ли дека можеме на ваков начин да учествуваме во Светата Тајна на Благодарноста (Евхаристијата), односно во светата Литургија?

Ајде, барем ние што се изјаснуваме како верни, малку да се смириме. Ајде да почнеме да Му благодариме на Бог барем за 'ситните нешта', за она што ни изгледа дека Тој е должен да ни ги обезбеди. На пример, да спомнам само дека повеќето од нас сме живи и здрави, барем толку што основните лични потреби можеме сами да си ги извршиме. Не благодариме секојдневно за тоа оти мислиме дека тоа не е ништо? Сака ли да види некој од нас како би изгледало да го нема тоа? Вистина ви велам, кога случајно би го изгубиле здравјето, до толку, не би не интересирала никаква слава и власт, никакви пари и имот и никакви телесни задоволства, односно од сето тоа би се откажале само здравјето да си го вратиме.

Затоа, ајде да благодариме за 'ситните нешта', па да почнат очите да ни се отвораат и за 'покрупните нешта'. Оти еден ден навистина ќе треба Крстот да си го нарамиме на плеќи и на Голгота да се искачиме и таму, напуштени од сите, да бидеме распнати. Како тогаш ќе Му благодариме на Отецот ако од сега не се научиме, од 'ситните нешта'? Како тогаш ќе влеземе во полнотата на себепринесувањето и благодарењето, односно во полнотата на слободата и љубовта? Не верувам дека ова ве плаши оти, го слушнавте денешното евангелие: „Ќе настапи и време кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека на Бог Му принесува служба“ (Јован 16, 2).
 
Незадоволство – очај или депресија
 
Спомнав погоре дека постојано нешто не ни оди како што треба и постојано сме нешто незадоволни. За разлика од унинието кое го опишав како бездејствие – сега и овде, очајот или депресијата се чувството кое го следи тоа бездејствие – сега и овде. Психолозите го дефинираат како разлика помеѓу посакуваното и оствареното. И нормално, никогаш нема да го достигнеме тоа таму и некогаш, без да вложиме труд сега и овде. Нашето таму и некогаш е во Богочовекот Христос, односно не можеме да имаме иднина надвор од Него; и затоа иднината ни зависи од тоа, подвигот сега и овде да ни е во Него.

Според најновите научни истражувања голем процент од светското население се соочува со проблемот на депресија. Многу мал процент (2-3%) од тоа депресивно расположение се должи на органско пореметување. Очигледно се работи за духовен проблем: колку повеќе апостасија (отстапување) од Бог толку повеќе депресија; колку помалку благодат Божја во нашиот живот толку повеќе депресија. А овој проблем не се решава со апчиња, туку, пред сѐ, со покајна молитва; не се решава во аптека, туку со подвиг во Црква. А никако, со бегство од реалноста.
 
Незнаење
 
Незнаењето, Отците, го оцениле како најголемо зло. Се чудев некогаш, кога првпат се сретнав со ова тврдење, зошто е тоа така. Потоа сфатив дека знаењето во православниот духовен живот произлегува единствено од опит, а не од читање книги. А најмногу се изненадив кога сфатив дека со губењето на духовниот опит се повлекува и духовното знаење. Замислете, мислите дека имате опит од духовниот подвиг, мислите и дека имате знаење за тој конкретен подвиг и мислите дека тоа знаење е вечна придобивка, но во периодот кога се напушта духовниот подвиг, не само што знаењето во голема мера ќе се изгуби туку и сеќавањето на сето тоа заедно. И тогаш се сфаќа опитно дека Божјата благодат, односно личниот однос и личната заедница со Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, ни е сѐ.

Колку да се потсетиме, само ќе спомнам дека автентичното познание (знаење) на Бог произлегува од опитот на Бог во нашето срце.

И на крај, сите овие појави од духовниот живот се взаемно поврзани и се проникнуваат – односно во која мера ќе се појави едната, во толкава мера веднаш се присутни и другите – и се различни имиња за еден ист начин на живот, а тоа е животот таму и некогаш без Бог. Едноставно, затоа што тоа не е начин на живот сега и овде во Бог. Тоа е и разликата помеѓу приватниот, индивидуалниот и лично-соборниот светоотечки подвиг и опит во Црквата. Па макар првиот да го живее маса народ – правејќи го со тоа навидум сигурниот широк пат дури претесен и нелагоден, а вториот да го живеат малкумина – кои дури тесниот евангелски пат го чувствуваат широк и лагоден; зошто „јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11, 30).
 Нус продукти од живеењето таму и некогаш
Речено е дека оној што нема свој живот го живее животот на другиот. Еден од нус продуктите на живеењето таму и некогаш е живеењето не на својот, туку на животот на другиот. Штом не го живее човек својот живот сега и овде, тогаш тој мора да се занимава барем со нечиј друг живот, за некако да живее; за некако да се чувствува жив. Тоа е еден вид проекција на остварување на неговите страсти низ животот на другиот, заради неможност тоа да се оствари во својот реален живот. Сепак, неговиот живот поминува, пред неговите очи, што се вели, без тој самиот да го живее како свој живот и без да постигне нешто во него. Фиксацијата и зависноста, пак, на својот живот од нечиј друг е веќе болест. Живот овде и сега, да се потсетиме, е молитвата и послушанието – извршувањето на конкретните должности, односно тоа е заедницата со Бог и извршување на своите должности за добро и за спасение на нашите ближни – во слава Божја.
Ваквиот начин на живеење на животот на другиот се одвива во разни варијации. На пример, едни се занимаваат со животот на својот музички идол, други со својот филмски идол, трети со својот спортски, некои пак со својот политички идол, па семеен (на пример, децата), па религиозен итн., итн., нема крај. Набројувам работи кои горе-долу личат на нормални. Тие идоли можат да бидат поединци или групи. Најчесто се работи за комбинации од интерес за животот на своите идоли од разни области на современото постоење, а информациите за сите нив се достапни преку масмедиумите и софистицираните, веќе, средства за комуникација. Не велам дека човек не треба да се одмори или да се забавува, да се информира или едуцира, но тоа треба да биде во рамките на нормалното и потребното.
Идол станува, и е, сè она со кое се занимаваме повеќе од што е нормално и потребно, а на штета на молитвата, на заедницата со Бог и на штета на извршувањето на нашето послушание. Со ова што го велам, сакам, од една страна, да ја разбијам основната претстава за идол, имено, дека е тоа нешто што ни е наместо Бог – бидејќи тоа ни служи како самооправдување дека ние веруваме во Бог и немаме идоли, а од друга страна, да го освестам искушението во кое реално паѓаме, дека всушност ни се случуваат многу идоли кои го заземаат местото на молитвата, местото на заедницата со Бог. На пример, еве еден критериум: недозволиво е работите да отидат до таму, па толку време да губиме пред разни екрани што и молитвеното правило да се напушти.
Постојат уште неколку подваријации на претходно опишаното, од кои би спомнал само две покарактеристични, бидејќи се содржат и во другите. Тоа се филмовите и социјалните мрежи. И двете појави се проекција на остварување на сопствените страсти низ животот на другиот кои, повеќе или помалку, спаѓаат во областа на имагинарното. За филмот нема потреба да се објаснува зошто спаѓа во областа на имагинарното, а за ретушираниот (разубавениот) личен профил, она замислено посакувано јас што го претставуваме, ќе се согласиме сите дека сигурно не е она незадоволно и разочарано јас што секојдневно реално го живееме, инаку ќе немаше потреба да го истакнуваме на социјалната мрежа.
Ништо, само по себе, не е зло. И филмот и социјалната мрежа се само средства кои можат да бидат употребени за добро или за зло, во зависност од тоа дали преку нив ќе ги задоволуваме своите страсти или ќе ги исцелувме и преобразуваме, во зависност од пораката што се испраќа или прима. Само немојте оваа моја последна реченица да ја искористите за самооправдување и самозалажување. Сите оние што се на степенот на очистување на своето срце од страстите треба многу да внимаваат при нивното користење и ништо во таа насока да не прават без благослов.
Ова што до сега накратко го опишав е занимавање со животот на славните личности (таканаречените celebrities), реални или имагинарни, наместо живеењето на својот живот и остварувањето во него – кое ни се случува волно.
Има и занимавање со животот на другиот, наместо активно живеење на својот, кое ни се наметнува неволно. Поизразито се појавува во поширока група или заедница на луѓе од иста сфера на интереси. Тоа се појавува заради загрозувањето на остварувањето на нашите страсти или интереси што замислуваме дека се случува или може да се случи од страна на некој друг. Страста што најчесто ни се загрозува или мислиме дека ни се загрозува е славољубието. И да не се лажеме, тоа го доживуваме сите, во поголема или помала мера. Ако ја немавме таа страст, ќе имавме умносрдечна молитва. Ако ја немавме воопшто, ќе имавме непрестајна умносрдечна. Уште еден критериум.
Две работи треба да се спомнат тука за да ни биде појасно. Прво, мора да се внимава на параноидните демонски помисли кои се обидуваат да не убедат дека тој што си замислуваме дека ја загрозува нашата човечка слава, тоа го прави токму со цел нас да нѐ засени или со цел нам да ни наштети, помалку или повеќе. Зошто, на пример, не би било обратно? Особено за нас во Црквата, кога знаеме дека ако еден член од телото се прославува, тогаш сите се прославуваат (види 1. Кор. 12, 26). И второ, мора да се внимава на, свесниот или несвесен, обид на луѓето околу нас да нè убедат во истата лага.
Кога го спомнавме второто, треба да знаеме дека таквите луѓе воопшто не го прават тоа нас да нè заштитат и нашата позиција, туку исклучиво себе да се заштитат и својата позиција. Таквите нѐ сметаат само за едно од скалилата за своја автопромоција или некоја друга корист и единствената грижа им е тоа скалило да си е на своето место сè додека им треба. Ова е општа појава околу славните луѓе и луѓето кои заземаат високи позиции во општеството. Фала на Бог што ние во Црквата имаме подвиг на покајание и евентуалните ваквите појави не траат долго, и брзо се простуваат и се забораваат. Тешко на тие надвор.
Вистината е благодат, а лагата е нејзино отсуство. Оној што се грижи вистински за нас, ќе делува така што ќе ни помага Божјата благодат да остане во нас, а не така што ние самите да ја изгубиме. Затоа што само присуството на Божјата благодат во нас нѐ чува од психички и телесни страдања. Времето пак, што поминува, на крајот, само ќе покаже дека ништо од замислуваните закани не било точно и дека само напразно сме страдале и страдаме.
И во двата случаи, и во волниот и во неволниот, другиот станува нашиот пекол (Сартр) од проста причина што нашиот живот, кој ни е дар Божји, поминува покрај нас без ние да го живееме и да Му го принесеме како дар на Бог како и на секој човек, сега и овде, и без да ја добиеме благодатта Божја, односно Царството Небесно, сега и овде, во нашето срце.
Живеењето на животот на другиот може да биде и наш рај, но за тоа сум ви говорел и другпат.
Господи Исусе Христе, помилуј ме..!


Митрополит Струмички Наум