Active ImageВо денот на Господовото Преображение гледаме со каква светлина е повикан да блесне нашиот материјален свет, со каква слава тој е повикан да сјае во Царството Божјо, во вечноста Божја... И ако внимателно и сериозно го разбереме она кое ни се разоткрива тука, би требало најдлабоко да го измениме односот кон се видливо, кон се знајно, не само кон човештвото, не само кон човекот, туку и кон самото негово тело; и не само кон човечкото тело, туку и кон се телесно и материјално, кон сето видливо околу нас...сето тоа е повикано да постане место и живеалиште на благодатта Господова, се е повикано некогаш, на крајот на времето да биде проникнато од таа слава и да засјае со неа.

И на нас луѓето ни е дадено да го знаеме тоа, дадено ни е не само да го знаеме, туку да бидеме и сотрудници Божји во осветувањето на создаденото од Господа. Ние извршуваме осветување на плодови, осветување на вода, осветување на леб; извршуваме осветување на лебот и виното во Тело и Крв Господова и внатре во границите на Црквата тоа е почеток на чудото на преображението и богојавлението. Преку верата човечка материјалното, материјата на овој свет предадена на тленост исто од човечкото безверие и предавство, одново се предава во сопственост на Бога, Бог ја прима и сега навистина постанува нова твар. Но тоа би требало да се распространи далеку зад границите на храмот; се што му е подвластено на човекот без исклучок, може да биде осветено преку Него; се на кое работиме, до кое се допираме, сите предмети во секојдневниот живот – се може да стане дел од Царството Божјо, ако тоа Царство биде во нас и и ако како светлината Христова на Преображение се распространува над се, до кое се допираме.

Антониј Блум


 

Подготвил: М. З.