Arhiepiskop.Stefan.Soboren

 

 

 

 

(Извадок)Извор: МПЦ-ОА

Богати се народите кои во своето историско постоење имале личности како свети Климент Охридски. А милост пред Бога ќе имаат тие народи што ќе знаат како да ги почитуваат – следејќи ги нивните начела и дела! А големи дела се оние што ќе ги надживеат своите творци и како такви ќе се потврдат во времињата потоа. Делото на свети Климент не е само големо, туку е и вечно! А вечно е зашто, еве, вечно живее и има вечен спомен меѓу македонскиот и меѓу словенските народи. Впрочем, тој е богоугодникот што ни го доотвори патот кон Бога и ни покажа дека вечноста е темел на времето и дека вечното е основа на временото. Свети Климент ја воспостави вечната смисла и на македонскиот и на народите меѓу кои престојувал и меѓу оние коишто го почитуваат и го ползуваат неговото дело. И само народ со големи дела, пред Бога е голем народ! – Ретки се народите кои имаат таква личност, таков светител кој го определил и исполнил сето она што историјата на еден народ ја прави историја. Затоа, нашиот народ, во сето свое минато, свети Климента не го истакнувал само како просветител и архиереј, туку и како идеал за сите времиња.

Нека му е вечен споменот – и во земната и во небесната Црква! – Свети Клименте, моли се за сите нас! Амин!

Архиепископ Охридски и македонски г.г. СТЕФАН

 

 

 

 

 

 

Друго:

......И, еве, 1100 години – цел еден милениум и уште полн еден век нѐ делат од денот на неговото упокојување. А се чини како свети Климент и никогаш да не нѐ напуштил, зашто постојано е присутен – и во молитвата, и во јазикот, и во писмото – присутен во животот на луѓето и народите на кои им служел. Таков бил свети Климент кој за свој пример, во сите свои дејности, ги имал своите учители, светите браќа Кирил и Методиј. Впрочем, тој продолжил таму каде што тие застанале, го надградил тоа што тие го граделе, го намножил тоа што тие го оставиле...

       А светите Кирил и Методиј го направија токму тоа – на многу народи им Го доближија Христа Бога на разбирлив јазик, вечната спасителна вистина ја преведоа и запишаа на дотогаш непостоечки писмен јазик. Нивната мисија стана дел од благородниот процес кога секој народ, во сопствената култура и на сопствениот јазик ќе ја прифати објавената порака на Евангелието и изразот на вечните вистини.