Божествена Литургија во Водоча (12.07.2023 12:22)

Денес, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча.

Во беседата на Литургијата Владиката рече: „Колку големо е нашето отстапување од Преданието на светите Апостоли, примено од Светиот Дух Господ, а согласно образот и подобието на Богочовекот Христос? Денешните наследници на Апостолите немаат внатешно духовно покритие за чинот што го носат и затоа строго внимаваат на надворешната форма преку која градат лажен авторитет – оттаму и посебно украсените одежди, велелепните храмови, недостапните олтари, комфорните резиденции, специјални осветени црковни сосади и понижувачките правила за лаиците, а посебно за жените. Богочовекот Христос дојде да ни покаже дека целиот свет е храм Божји; дека секое наше работно место, каде што работиме во слава Божја и Го сведочиме Него, е олтар Божји; дека ни е потребно најнапред да сме облечени во благодатта на свештенството; и дека нема посвета икона Христова од личноста на нашиот ближен и дека, за Него, нема ништо посвето од човекот. Денес ни се случува градење и надградување на форма, одвоена од својата суштина која дури и го одбива современиот човек, кој не гледа тука решение и утеха за своето страдање. Едно е формата да ја сфатиме како потребно педагошко средство, а друго е да ја знаеме нејзината крајна цел – без тежнеење кон остварување на крајната цел, сѐ се претвора во идол. Денешните наследници на Апостолите ја организирале црковната заедница да зема, посебно за нивните потреби, а не да дава. Кога свештенството би го раѓала Светата Литургија, а не само специјалните школи, тогаш Црквата ќе можеше да има повеќе свештеници, кои ќе си имаа своја работа и приход од истата, а за Црквата ќе служеа бесплатно. „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10, 8). Таквата црковна заедница ќе беше организирана за давање – со парите од верните ќе ги помагаше сиромашните, болните, затворените, старите, образованието на децата итн., а не да зема од нив најмногу за себе. И да не набројувам... Како ви се чини одговорот на поставеното прашање од почетокот?“

Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

 

 

 

 

 

 

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7839