Сеноќно бдение во Водоча (08.06.2022 10:27)


Во чест на успението на преподобниот Георгиј Григоријатски, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.



Во беседата на Литургијата, Владиката, меѓу другото, рече:


„Евангелието Христово нѐ советува да не бараме лажна слава. Што е тоа лажна слава? Лажна слава е секоја слава овде на земјата. Не треба да бараме слава овде на земјата, а не треба да посакуваме да нѐ прославуваат ни после смртта. Бедна е душата што се храни со човечка слава, а се одрекува од Божјата. Славата Му припаѓа единствено на Бог.

Нема многу патишта до Бог. Многу патишта можат да водат само до Богочовекот Христос, а Тој Самиот, т.е. Телото Негово – Црквата, е единствениот Пат до Бог: „ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11, 27).

Благиот јарем Христов е послушанието кон Него, а лесниот товар Христов се допуштените од Бог искушенија преку кои се смирува нашиот горд ум и преку кои се чисти нашето валкано срце. Христовиот јарем и товар, на почетокот од нашиот православен духовен живот, не ни изгледаат благи и лесни, посебно откако ќе нѐ напушти првата благодат, но со текот на времето, ако правилно се подвизуваме, ќе видиме дека со радост ќе ги носиме; а духовната радост ги прави и благи и лесни – и посакувани. Додека, демонскиот јарем и бреме, на почетокот ни изгледаат лесни, поради телесното и душевно задоволство што го носат, но подоцна, секој што ќе биде навлечен на нив, паѓа под нивната суровост и тежина во духовна смрт; од која често само Бог може да го спаси.

Им благодарам многу на сите што вечерва дојдоа да му оддадеме почит на нашиот Старец! По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нас!“

 

 

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7641