TViTer247

Отворено благодарствено писмо до Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј

Ваша Сесветост, сепочитуван Татко на Православните и Вселенски Патријарх Г. Г. Вартоломеј,
Ние, долу потпишаните граѓани, општествени, научни, просветни, здравствени, културни работници од повеќе сфери на општеството во Република Северна Македонија, со нескриена радост ја поздравуваме и силно Ви благодариме Вам и на членовите од Вашиот Свет Синод за Вашата историска одлука од 9 мај 2022 година. Според неа нашата возљубена Црква, нејзината свештена јерархија, клирот и народот, повеќе не се во шизма и раскол и во меѓународна изолација, туку во канонско и литургиско општење со Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите останати помесни православни цркви. Истовремено, границите на црковната власт на нашиот Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот Свет Синод се најпосле омеѓени и загарантирани, за што ние сме особено среќни.


Со Вашата одлука се поплочува патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици,  свештенството и верниците од  сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот.
Оваа одлука Ве преставува Вас како вистински Татко кој се бори за доброто на сите Православни и Архипастир кој се грижи за добриот поредок и успевањето на едната, света, соборна и апостолска Црква.


Како просветлен Првојерарх на Великата Христова Црква, Вие храбро и трпеливо го понесовте крстот да бидете, според зборовите на Господ Исус Христос, „прв во служење на другите“ (Сп. Мк. 9, 35) и достојно одговоривте на својот историски призив. На тој начин се уподобивте на своите славни претходници, големите патријарси на Константинополскиот престол.
Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа.
За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието.
Примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој Вие изградивте одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието.
Ваша Сесветост, Вие се покажавте достоен сомолитвеник на Синот и Словото Божјо, кој во Својата првосвештеничка молитва во Гетсиманија, Го молеше Бога Отецот, „да бидат сите едно“ (Јн. 17, 21). Ние веруваме во Вашата мудрост и просветление, како и во мудроста и просветлението на нашиот почитуван и свет Архиепископ г. г. Стефан и на нашите свети архиереи и се надеваме дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на Вселенскиот Патријарх со Охридскиот Архиепископ г. г. Стефан. Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа.
Ви благодариме и Ви целиваме света десница!
Скопје 14.05.2022 година

Проф. д-р Марјан Ѓуровски с.р.
Проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола
Академик проф. д-р Вера Битракова Грозданова с.р.
Македонска академија на науките и уметностите
Проф. д-р Методи Чепреганов с.р.
редовен професор во пензија, Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Цане Мојаноски с.р.
редовен професор во пензија, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, поранешен Претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи
Академик Газанфер Бајрам с.р.
Потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите

Проф. д-р Зоран Матевски с.р.
Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Генерал Мирослав Стојановски с.р.
генерал потполковник во пензија, поранешен началник на Генералштабот на АРСМ
Проф. д-р Татјана Стојановска Иванова с.р.
Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје
Проф. д-р Драган Зајковски с.р.
црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја - Скопје
Проф. д-р Борче Илиевски с.р.
црковен историчар, Институт за национална историја – Скопје
Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ с.р.
славист, редовен професор во пензија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје
Проф. д-р Аспазија Софијанова с.р.
Медицински факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Ацо Гирески с.р.
редовен професор во пензија, поранешен Декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
Проф. Д-р Милица Миркуловска с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил  и Методиј“ - Скопје
Проф. д-р Валериј Софрониевски с.р. Филозофски факултет, Институт за класични студии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Људмил Спасов с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“,  Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова с.р.
Факултет за музички уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Крсте Најденкоски с.р.
ФЕИТ, Универзитет „Св. Кирил  и Методиј“ - Скопје
Проф. д-р Веле Смилевски с.р.
поет, есеист, литературен критичар и научен работник
Проф. д-р Емилија Црвенковска с.р.
Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје
Проф. д-р Апостол Трпески с.р.
Факултет за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Раде Силјан с.р.
поет, писател, литературен критичар
Бранко Ѓорѓески с.р.
новинар
М-р Влатко Деловски с.р.
етнолог и културолог
М-р Душан Пецаковски с.р.
бизнис сектор
М-р Илија Ико Каров с.р.
режисер и писател
Благој Веселинов с.р.
актер
Петар Костовски с.р.
актер