pettanedevp2021 4

„Порано исполнета со секакви блудни дејства, сега со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот живот подражавајќи го, со оружјето на крстот демоните ги погубува. Поради тоа се покажа невеста на Царството, Марие преславна“ (кондак на Утрена во Неделата од петта седмица од Великиот пост).

 pettanedevp2021 1

На 18.04.2021 година, во Неделата од петтата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

pettanedevp2021 3

 pettanedevp2021 7

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
pettanedevp2021 5

Оваа недела од Велигденскиот пост светата Црква ја посветила на преподобна Марија Египетска. Во деновите на пост и покајание, споменот на оваа Божја угодничка се покажува посебно спасоносен и значаен за нас христијаните. Сите ние сме потопени во гревови. Така, многумина наоѓајќи се во грев, паѓаат во очајание и тешко им е да соберат сила за да се издигнат од тој валкан живот. Непријателот на човечкиот род со сите сили се обидува да внуши мисла во нас дека сме во безизлез и без можност да се молиме и да се каеме, бидејќи Бог нема да ни прости, бидејќи престапите ни се преголеми. Ако ние се предадеме на ваквата помисла и го послушаме духот на злото, тогаш ќе биде многу тешко да пристапиме кон исповедта онака како што бара нашата вера. Така, ќе останеме далеку и од милосрдието Божјо.


Но, потребно е да запомниме дека Бог е нашиот небесен Отец и нѐ сака сите. Тој нѐ повикува како заблудени деца со смиреност и покајно срце да се вратиме во пределите на светлите небесни обители, каде нѐ очекува Божјата љубов.


Токму во оваа насока, поучно и утешително нам грешните може да ни послужи целокупниот живот на света Марија Египетска, кој е восхитувачки поради нејзините големи подвизи. Да размислиме за нашите гревови, но тие да не нѐ соблазнат и одведат во очај. Еве, пред нас имаме пример на голема грешница и на големото милосрдие Божјо кое сѐ простува. Да не допуштиме привлечноста кон гревот да нѐ поробува и да го намалува стремежот за поправање. Преподобна Марија Египетска била голема грешница, но со подвизите успеала да ги победи телесните задоволства и така се издигнала над пороците, уподобувајќи се по чистота на ангелите.


Што нѐ поучува животот на Марија Египетска? Таа била голема грешница. Мислела само на земните телесни задоволства кои биле за секаква осуда. Но, љубовта Божја не ја оставила, иако била толку голема грешница. Нејзината желба да се поклони на животворниот крст Господов во Ерусалим и попреченоста да го стори тоа поради недостојноста, ја поттикнале на искрено покајание. Во тој миг таа ги согледала сите свои беди и нечистотии. По застапништвото на Пресвета Богородица ѝ било допуштено да се поклони на крстот и токму во тој миг кај неа се родила силна одлука да ги презре сите земни слабости и да се одлучи за неверојатни подвизи, оддалечувајќи се во Јорданската пустина. Таму во строг пост и молитва поминала 17 години, стекнувајќи ангелска чистота. Затоа, се удостоила да биде прозорлива и да оди по вода како по суво. Таа одела од сила во сила, достигнувајќи такво совршенство што личела на земен ангел. Така и во кондакот кој ѝ е посветен се вели: „Со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот живот подражавајќи го..."


Светата Црва денеска го изнесува примерот на света Марија Египетска со јасна цел, покажувајќи ни колку е милостив нашиот Отец небесен. Нејзиниот пример ни кажува дека не постои грев кој Бог нема да ни го прости, ако ние искрено се покаеме и со вера ја измолиме благодатта Божа. На тој начин секогаш ќе најдеме простување, очистување и помирување со Бога. Нема гревовно осквернување кое не би се измило со покајни солзи.


Светата Црква не бара од сите нас да појдеме во пустина како Марија Египетска. Но, подражавањето на неа подразбира да ја следиме во верата и да се трудиме да се воздржуваме од гревови, да се очистиме од нив и да одолееме на желбите за угодување на телото. Целта во животот да ни биде духовно издигнување, поправање и уподобување на Божјите угодници. Да ја подражаваме света Марија Египетска и во покајанието. Да станеме подобни на неа, да ја достигнеме чистотата и да се издигнеме на духовна висина, исполнувајќи го повикот Господов: „Покајте се и оттргнете се од вашите престапи... и направете си ново срце и нов дух" (Језек. 18, 30-31). Амин.
pettanedevp2021 6

Петта недела од Великиот пост
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Струга
18.04.2021 год.

pettanedevp2021 10

 pettanedevp2021 11

 

 

http://www.dke.org.mk/index.php/3355-2021-04-18-14-26-20