Господи и каде што праведниците светат како светила...

Свештена Пречистанска Обител „Благовештение на Пресвета Богородица“- Кичево
03.02.2021 Спомен на светата маченичка Агнија

“Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на тебе ќе се надевам!“
Овие псаломски зборови што се читаат на почетокот од Панихидата, силно ја изразуваат нашата надеж дека починатите наши отци браќа и сестри, кои за време на животот прибегнале кон Бога, ќе бидат примени во Неговото небесно пребивалиште. Зашто православната Црква, таа наша нежна Мајка, со искрена родителска љубов и топлина се грижи за своите чеда во текот на целиот нивни овоземен живот, хранејќи ги и раснејќи ги со полнотата на Христовата благодат; но таа, исто така, ни за миг не ги заборава ни своите преминати синови и ќерки, оние кои ја оставиле распадливоста и се преселиле во нераспадливоста, кои се сокриле за овој минлив свет и се претставиле пред Судијата Христос. Светите и богомудри отци, богати во љубовта Божја, ни напомнуваат постојано да се молиме за нашите починати отци, браќа и сестри во Христа.


Господи и каде што праведниците светат како светила...
Во овој  ден славиме спомен на едни големи светила на земјата кои со својот живот, се удостоиле да ја достигнат невечерната светлина. Храбрите бранители на верата кои следејќи го апостолскиот пример го заменија овоземното живеење, постанувајќи небесни жители.
Денес ни сјае споменот на светата Агнија, чиишто тринаесет-годишен живот беше запечатен со нејзината крв за Христа, ослободувајќи се телесно од рамката на своето тело и летајќи слободно кон својот Творец.
Нашата обител денес особено молитвено си спомнува за блаженоупокоената игуманија Агнија, која во својот монашки подвиг истрајала мажествено подобно на својата закрилничка.
Нека и е вечен споменот!

3.angeli.so.truba

 3.angeli.so.truba

3.angeli.so.truba

 За Преминпортал подготви

Дејан Блажески