3.angeli.so.truba

Избликот на радост што го следеше торжеството во Охрид, го надополни и ликувањето на Бигорската обител, која за првпат го пречека својот игумен и пастир како носител на архиерејско достоинство. Радосните погледи на браќата и сестрите, зрачеа од љубов пред достоинствениот лик на Антанискиот епископ г. Партениј, нивниот возљубен татко, а сега и владика, додека во храмот се слушаа умилните возгласи на многолетствието и свеченото иподохи – чин за пречек на великодостојник. Трогнат од верноста и почитта на своите чеда монаси, нашиот сакан Старец скромно ја искажа својата благодарност и напомна за свештениот долг што Бог го возложил на нашите монашки заедници во Својата промисла за спасение на благоверниот народ

„Најмили мои браќа и сестри монаси и монахињи, уште еднаш, најтопло и од срце ви се заблагодарувам за сето она што го направивте за мене, недостојниот, та чинот на хиротонијата да биде едно духовно доживување и радост за сите. Со тоа повторно на дело го покажавте она, што низ заеднички подвиг го учевме заедно во изминативе 25 години – дека само преку подвизување во љубовта Христова можеме да го достигнеме плодот што Бог ни го ветил во Евангелието. Само тогаш ќе нѐ познаат дека сме Негови ученици и само така ќе го исполниме она што Бог го посакува од нас. Денес, во мојата пристапна беседа накратко кажав дека вие, мили мои монаси и монахињи, сте моето сѐ овде, во овој живот. Сѐ што правам и ќе правам до крајот на моето земско суштествување е единствено за слава Божја и за вашето спасение. Тука, се разбира, мислам и на сите мои духовни чеда, како и на штитениците коишто поминале низ нашите манастири и што од срце и со солзи во очите ги спомнав. И тие се плод на нашите монашки заедници. Затоа, ве замолувам да ги чуваме заедниците, да ја чуваме љубовта помеѓу нас, да го чуваме послушанието. Нашите обители имаат свештена одговорност пред Бога да го продолжат патот по кој досега одеа, но сега наоружани со уште посилна молитва и поголем подвиг. Да знаете дека во разговор со некои духовни отци од Света Гора, кои ги поканив на мојата хиротонија, тие не пропуштија да ми нагласат колку голема важност имаат нашите манастири за Татковината и народот и колку многу треба да ги чуваме нашите свети заедници. Нека тоа ни биде поттик за понатаму уште повеќе да се трудиме во послушанието и да утврдуваме на патот на спасението, раснејќи ги духовно овие христоподобни заедници, кои досега направија навистина многу за евангелската проповед кај нас. Денес ме восхити глетката во и околу „Света Софија“. И покрај вонредните услови, и покрај сите мерки и претпазливости, сами видовте колку многу народ зеде учество во свечената богослужба и колку тој со љубов возврати на сето она што нашите манастири го направиле досега. Не смееме тоа никогаш да го заборавиме, бидејќи Бог нѐ повикува на уште поголема одговорност за спасението на тие луѓе, барајќи од нас и понатаму да им помагаме, пожртвувано да се трудиме за нив, со добри дела и христијанска почит. Бог нека ги удвои нашите сили, за да можеме да го издржиме нашиот подвиг до крајот. Денес особено ги просам вашите молитви. Не се чувствувам достоен за службата на која Господ ме постави, но Го молам да ми дава сили и духовна поткрепа, за непосрамено и во Негова слава, а за полза на народот и Црквата, да го износам овој крст што денес Он го возложи на моите плеќи.

Навистина не очекував дека, после сиот напор што го вложивте деновиве, повторно ќе ме изненадите со ваков прекрасен синовски пречек. Ви благодарам срдечно, најмили мои!“.

Силниот восклик: „Достоен“, што одекна во бигорскиот храм, му го даде на Старецот одговорот на нашите души, поставени пред новиот духовен предизвик што Бог го исправи на неговиот пат. А настанот го круниса подарокот на нашите добри пријатели од Србија – икона на Светите Сурдулички маченици со честички од нивните мошти. Видливо израдуван од подарокот, нашиот старец, игумен и Епископ Партениј ја искажа својата искрена надеж дека исто како што Четиридневниот Лазар воскресна од својот мрачен гроб, така и помесните православни Цркви ќе излезат од тесните гробови на национализмот во кои се затворени.

Добредојде дома, Владико свети!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

  

Извор:

https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/bigorski-go-precheka-svojot-starec-pastir-i-vladika/

12ти јули 2020 лето Господово