procka2020 1

procka2020 2

Се наоѓаме во периодот на почетокот на Велигденскиот пост. Овие денови за нас православните христијани се слични на човек кој плива кон светлиот брег на кој го очекува воскреснатиот Спасител. Ние во овој период сме повикани да се измиеме со покајни солзи и да се утврдиме преку воздржување и молитва за во чистота и сила да го пресретнеме торжеството над торжествата – Пасхата Христова, односно Христовото воскресение. Се поставува прашањето: дали може да се постигне посакуваната цел на човек кој плива со камен врзан околу вратот? Со колкава вештина и сила да е човек, со таков камен околу вратот, неминовно ќе биде вовлечен на темното дно. Со такви тежини не можеме да се доближиме до божествениот свет, а причини за тоа се нашите гревови, гневот, навредите кон нашите ближни и сл. Затоа уште од древната Црква е воспоставен овој обичај – на почетокот на Велигденскиот пост со искрено покајание да бараме прошка еден од друг. На ова проштално воскресение, Црквата бара верните да бидат помирени, не само со Бога, туку и помеѓу себе. „Овој период ни препорачува со луѓето да се помириме, а со гревот да се бориме".

 procka2020 5

procka2020 8

Гневот, нервозата и злобата се причини за поттикнување на ниските чувства кај луѓето и тие нѐ попречуваат да се доближиме до божествената благодат. Таквата душа е туѓа за Господа. Во неа може да престојуваат само лошите духови. Таа не може да се обрати кон Вишниот, освен со вистинско покајание. За таквиот човек, свети Исак Сирин вели: „Да се биде злопамтив и да се моли, значи да се сее на море и да се очекува жетва". Светите ангели плачат, а вечниот непријател на човекот се радува, кога гледа дека љубовта и почитувањето на луѓето помеѓу себе се нарушени. Роднини и пријатели пред малку се насладувале во заемната комуникација, бивајќи еден за друг потпора и радост, а еве денеска престануваат да зборуваат, кројат злоба еден кон друг. Каква лоша слика остава таквиот човек и покрај тоа што себе се нарекува верен и следбеник на Господа Христа? „Љубовта покрива сѐ" – вели свети апостол Павле (1 Кор. 13, 7). Потребно е ние како христијани да ги скротиме нашата гордост и нашето его, и само така ќе можеме да си помогнеме и себеси. Така од нас ќе ги исфрлиме сите пакости, секоја злоба и лошотија и ќе станеме свесни дека секој од нас го носи образот Божји според кој сме создадени. Така, навредувајќи го нашиот ближен, ние го навредуваме образот Божји.

 procka2020 6

Ако Господ суди според нашите судови, одамна ќе го немаше светот и векот. Но, ние сме повикани за вечен живот и Бог нѐ повикува кон блажена вечност. Светите отци велат дека за една покајна солза, семилостивиот Бог е подготвен да ни ги прости сите навреди. Но, нашето немилосрдие нѐ попречува на патот на покајанието и нѐ одвојува од милосрдието небесно.

 procka2020 10

Наоѓајќи се на почетокот на Велигденскиот пост да ја достигнеме милоста Божја за нашите молитви и воздржувања да бидат угодни на Бога. Да ги запазиме заповедите од Светото Писмо: „ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот"(Мт. 5, 23-24). И ние да се поучиме од овој пример и така да постапуваме за да добиеме милост Божја и прошка за нашите гревови, па радосни и без грев да го дочекаме славното Христово воскресение. Лесни пости. Амин.

 procka2020 11

Прочка
Храм „Пресвета Богородица Каменско", Охрид
01.03.2020 год.

http://www.dke.org.mk/index.php/3246-2020-03-01-16-58-55