Скопје, 31. март 2019. година - храм на св.вмч. Димитриј


Св. Кирил Ерусалимски

Недела Крстопоклона
(III Недела на Великиот Пост)
Марко 8,34-38

 

Денес,во Недела Крстопоклона, кога Македонската Православна црква- Охридска архиепископија молитвено го празнува споменот на св. Кирил Ерусалимски, во храмот на св.вмч.Димитрија каде фреските и понатаму сведочат за присуството на дарот на Светиот Дух,  свештеникот Жарко Ѓорѓиевски во сослужение на ѓаконот проф. Димират Белчовски, отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во текот на Литургијата, отецот произнесе празнична беседа:

 

 Во оваа недела, светата Црква ни дава поука и поткрепа за да истраеме во нашиот подвиг - да истраеме во прочистувањето на телото и душата со пост и молитва. Господ Исус Христос вели: „Без Мене не можете да направите ништо." (Јн. 15, 5), а светиот апостол Павле појаснува: „Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи." (Филип. 4, 13). Без Божја помош не би можеле да ги практикуваме добродетелите кои до сега сме ги правеле. Радоста на воскресението и надежта за ветеното Царство Небесно и живот вечен во незалезниот ден на Христовото блаженство, ни даваат сила уште сега, на земјава, да ги совладуваме секојдневните пречки и слободно да газиме боси по трњето на страста и сладостите од овој век, за да стигнеме чисти до изворот на животот. Христовиот пат е тежок и мачен за оние чии срца се прилепени за земното и тој пат не може да го помине секој -многумина се губат и талкаат по прашумите на гревот.
Затоа, светиот апостол Марко ни ги пренесува зборовите Господови, Кој вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене." (Мк. 8, 34)
Се прашуваме: Како? Како да го постигнеме ова? Посетуваме храмови, учествуваме на богослужби, слушаме проповеди и прифаќаме поуки на светите оци, и потоа излегуваме во светот, и повторно се прашуваме: Како? Еве денес, евангелистот го пренесува Христовиот начин и вели: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе..." (Повеќе)

 

 

 

 

  

Преминпортал (к.т.)