Излезе од печат новиот број на епархиското списание „ОГЛЕДАЛО“ – посветен на големиот јубилеј „50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1967 – 2017)“

 

По милоста Божја Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф – излезе од печат новиот број, т.е. двоброј 8/9 од епархискиот гласник на Тетовско-гостиварската православна епархија – списанието „ОГЛЕДАЛО“.

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф по повод излегувањето од печат на овој нов број упати поздравно слово до сите читатели на списанието, а истиот интегрално ви го пренесуваме:

ПОЗДРАВНО СЛОВО ДО ЧИТАТЕЛИТЕ НА СПИСАНИЕТО „ОГЛЕДАЛО“

Почитувани наши читатели,

Пред три години, во месец март 2014-тата година се радувавме на првиот број од епархиското списание на новоформираната Тетовско-гостиварска епархија, а денес повторно ми претставува голема чест и задоволство, како надлежен архиереј, да Ви го претставам новиот број на списанието „Огледало“, кој по милоста Божја е посветен на големиот јубилеј „50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1967 – 2017)“.

Во ова ново издание направивме мали измени во содржината и во изгледот – со што на списанието му даваме еден нов воскресенски сјај. Покрај вообичаените теолошки содржини, во овој број отстапивме простор и за содржини од повеќе области, како и за епархиските вести и настани, сѐ со цел сестрано да ги запознаеме нашите верници и читатели со нашето неисцрпно и богато духовно богатство, преку значајните научни истражувања на наши еминентни професори, свештеници и теолози. Искрено се надевам дека овој број ќе им овозможи на многумина, кои се жедни за духовно просветление – низа знаења, кои ќе им биде од голема духовна полза на патот кон спасението.

Ја користам оваа прилика од мое име, како главен и одговорен уредник на списанието, и од името на редакцијата особено да им се заблагодарам на сите, кои на било каков начин дале свој придонес за излегувањето од печат на овој број.

И за на крај, нека овој наш скромен труд биде еден сосема мал подарок подарен во наследство на нашата Светиклиментова мајка црква.

Ви посакувам духовно насладување и просветление, читајќи го овој нов број на православното списание „Огледало“.

Со архипастирски благослов,

† Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

 

Извор: Тетовско- гостиварска епархија