28. август 2017 година
Успение на Пресвета Богородица

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Благочестиви христијани,

Денес светата православна Црква го чествува Успението на Пресвета Богородица, Мајката на нашиот Господ Исус Христос. Кога светата Дева ја примила благовеста од архангелот Гаврил за овоплотувањето на Синот Божји ја посетила својата роднина Елисавета, мајката на свети Јован Крстител, која со пророчки дух ја познала мајката на Спасителот и истиот момент и било јасно дека во нејзината утроба е сместен Несместливиот. Овој пророчки дух за овоплотувањето на Синот Божји ја следел светата Богомајка се до објавувањето на Евангелието на светот преку апостолите. Оваа светлина се разлеала врз светот и од тогаш сите земни родови ја слават и величаат Пресвета Богородица и го благословуваат нејзиното име.

Нашата православна Црква слави многу чудесни настани од нејзиниот живот; од нејзиното зачнување, целиот животен пат, па се до нејзиното славно успение. Сите христијански храмови се украсени со нејзините свети икони, а пак, сите христијани кои молитвено и се обраќаат, се удостојуваат со голема милост и по нејзините молитви наоѓаат поткрепа во своите животи.
Но, да се запрашаме зошто сите земни родови ја слават и величаат пречистата Дева? Зошто е праведно и достојно да ја прославуваат нејзината личност?


Најнапред, на Божјата Мајка и приличи слава и величание поради нејзините богоподобни доблести. Без сомнеж, Богомајката е најубавиот украс, најголема чест и слава на целиот човечки род, зашто со неа човечката природа е возвишена до најголемиот степен на моралното совршенство. Таа целата е добрина, очистена од Светиот Дух и во неа нема ниту трошка порок.

Основата на сите доблести е набожност и топлата вера во Бога, а Пресветата Дева Марија во потполност била украсена со ова. Била родена по молитвите и благодарение на солзите на своите стари родители. Таа благовремено го осознала своето високо назначување и определување, па како чиста и невина жртва во потполност се предала на светата волја Божја. Како тригодишно дете, пречистата Дева го напуштила родителскиот дом и отишла во храмот Божји за да ги помине своите млади години посветена на мирот, тишината и молитвата. И како што нејзината прва желба била сите денови од земниот живот да ги помине во храмот Господов, така и нејзината последна желба била побрзо да помине од земјата кон небесата во домот на Сесилниот Бог.

Освен длабоката набожност и постојаната љубов кон Бога, светата Богомајка била до крај покорна на волјата Божја и токму поради ова од неа далеку биле световните суети. Оваа послушност се огледа во нејзиниот одговор на архангелот благовесник кога му одговорила: „Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме прославуваат сите родови. " (Лука 1, 46-48) - и ова е сосема праведно и чесно, зашто Дева Марија достојно послужила на големата тајна на Божјото воплотување заради спасението на светот и човекот.

Исто така, Богородица Марија претрпела и големи маки и страдања, но нејзиното трпение било големо, безпримерно, неискажливо. По чудесните настани кои се случиле по раѓањето на Богочовекот, нејзиниот Син, и според кои можела да осознае дека преку неа се исполнуваат вековните желби на Израилот и на целото човештво, прв нејзиното срце го ранил Симеон наречен Богопримец кога пророкувал за Богомладенецот: „Аина тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца. " (Лука 2, 35) и ова пророштво се исполнувало во текот на целиот нејзин живот.

Пресветата Дева Марија ја прославуваме поради нејзините доблести, но и како мајка на Спасителот наш Исус Христос и како прва која ја исполнила Божјата промисла за спасението на човечкиот род. Ако ја чествуваме Ева како прамајка и предавателка на животот, но на животот кој само по слика е живот, но во себе полн со отровот на гревот, светата Богомајка е мајка на вистинскиот, на живиот живот и вечното спасение кое ни го дарувал нејзиниот Син и Бог наш, Кој не ослободил од гревот и смртта со Својот божествен живот, со Својата смрт на крстот и со Своето живоносно Воскресение.

Мајката Божја е силен помошник на нашето спасение и моќен посредник пред небесната правда. Со сопствените гревови Го навредуваме Бога и се одалечуваме од Неговата милост и добрина, а врз себе навлекуваме казни кои се огледаат во сите неволји кои не опкружуваат. Затоа, тука ни е потребна Светата Богомајка и сите светители небесни за да ни помогнат во патот кон спасението, со своето молитвено посредништво.
Таа е посвета од сите светии и има најголема слобода пред престолот на благодатта Божја; таа е царица на светот и нејзе ја слушаат и светлите ангели и затоа ја има таа моќ и сите средства за да ни помогне во било каква неволја да се наоѓаме. Додека била жителка на земјава, Пресветата Дева, како вистинска мајка била радост, утеха и спас за сите кои молитвено и приоѓале, а по нејзиното вознесение останала да биде покровителка на сите кои и се обраќаат за помош.

Но, како најдостојно даја славиме и величаме мајката на нашиот Бог? Најубаво е да ја славиме со ангелскиот поздрав: „Радувај се благодатна Марија, Господ е со тебе!" Да ја славиме со голема вера и надеж за нејзината несебична и мајчинска помош; да ги исповедаме пред неа сите свои жалости, сите потреби на душата и телото, зашто нејзината радост и слава е во тоа да ги дарува со милост сите кои искрено се молат. Сепак, најдостојно е даја прославуваме Богородица следејќи ги нејзините добродетели, набожноста, смирението, послушноста, за да се удостоиме и ние да станеми живи храмови на Светиот Дух.

Браќа и сестри,

Да ја молиме Пресветата Дева молитвено да не закрили и на сите кои денес го чествуваат нејзиниот спомен да им биде сесрдна застапница пред семилостивиот Бог и да дарува голема милост за да влеземе и ние во царството на нејзиниот Син и Спасител наш Исус Христос.

Амин.