Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 4- ти јули 2017 година, им додели сертификати на курсистите кои го положија завршниот испит во вториот турнус од бесплатниот курс за изучување руски јазик, во кој беа обучени 600 кандидати на основно, средно и на напредно ниво. Слушателите на курсевите имаа можност да добијат знаења од домашни, но и од руски предавачи.

 

 „Директорот на Рускиот центар и почесен конзул на Руската Федерација во Македонија Велимир Стојковски истакна дека на конкурсот што бил распишан во септември минатата година за оваа програма биле пријавени 980 кандидати од сите возрасти. Рече дека големиот одѕив ги загрижил како ќе ја организираат програмата, но дека успеале поради големата желба, ентузијазам и волонтерска помош на нивните професори по руски јазик.
-    Јазикот за чие познавање денес добивате сертификат несомнено е еден од најзначајните и најраспространетите во светот. Денес во светот 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони одлично го разбираат, а надвор од Русија живеат повеќе од 30 милиони на кои рускиот им е мајчин јазик, им порача Стојковски на втората група курсисти со положен завршен испит.“

проф. д-р Велимир Стојковски: 

Почитувани,

Дозволете ми, со големо задоволство да ве поздравам од името на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како што ви е познато, во септември минатата година Рускиот центар распиша конкурс за бесплатно изучување на рускиот јазик. Резултатот од конкрусот кај нас предизвика измешани чувства. Оде една страна се радувавме на бројот на пријавени кандидати, а од друга, малку се загриживме како ќе ја реализирами програмата. Се пријавија 980 кандидати. Скоро 1000 кандидати од сите возрасти изразија желба да го изучуваат рускиот јазик. Но, со голема желба, ентузијазам и волонтерска помош на нашите професори по руски јазик, ние ја реализиравме програмата.

Овој пример, не го кажувам случајно. Тоа е пример, дека ако нешто се работи посветено и се има јасна цел, посакуваното ќе биде постигнато. Така, ние со заеднички труд, дојдовме до финалниот чекор од овој курс - доделувањето сертификати.

Јазикот за чие што познавање денес добивате сертификат, несомнено е еден од најзначајните и најраспространетите јазици во светот. Неговата распространетост може да се илустрира само преку неколку факти: Денес во светот 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони, одлично го разбираат, а надвор од татковината (Русија) живеат повеќе од 30 милиони, на кои рускиот јазик им е мајчин.
Денес нема потреба да се докажува значењето на рускиот јазик и Русија во минатото, но и сега во 21 век. Русија имала и ќе има големо влијание во светската цивилизација и светските достигнувања, благодарејќи на својата литература, култура и наука. На руски јазик зборувале големите поети, твореле големите композитори, пишувале големите научници. Тоа е јазик на Толстој и Пушкин, јазик на Чајковски и Стравински, јазик на Ломоносов и Менделеев.

Рускиот јазик денес, се посилно се позиционира во рамките на глобалните процеси и тој е клуч кој ги отвора вратите на иднината, преку поврзувањето на луѓето, подоброто запознавање и размената на идеи за соработка во областа на културата, образованието и науката.
Затоа, вашиот избор да го изучувате рускиот јазик е правилен.
Ви благодарам за вниманието и ви го честитам добивањето на сертификатите.

 

 

 

 Преминпортал (к.т.)

 

Друго: