Славниот Христов воин, пофалбата на мачениците, украсот на Црквата, заштитникот на државата, Светиот Великомаченик Георгиј и оваа година, ден после неговиот годишен светлозарен спомен, ја благослови убавата Струга и целата наша Татковина. После соборните молитви упатени кон Бога и Неговиот преславен страдалник, на ктиторската вечерна богослужба во храмот на Светиот, величенствената Еордија го започна својот раскошен вход. Најавувана од посебен редар, облечен во автентична римска војничка униформа во чест на Св. Георгиј, и предводена од звуците на клепалото, знамињата и црковните бајраци, и хармоничниот сплет на мелодиите од Скопскиот градски оркестар и гласовите на псалтите, молитвената Литија достоинствено помина по главните струшки улици, испуштајќи ги со силен духовен блесок зраците на благословот од чесните мошти на славниот Великомаченик од Рајчица и неговата чудотворна икона.

Нашите многупочитувани архиереи, надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј и Митрополитот Европски, г. Пимен; Архимандритот Нектариј, игумен на Обителта на Св. Наум; возљубениот ни Старец, Архимандрит Партениј и целата наша монашка заедница; свештенството на нашата богочувана епархија; младите стружани и стружанки облечени во народни носии, и илјадниците верници и почитувачи на Победоносецот од Струга и од сите краеви на Македонија, беа дел од величието на ова единствено торжество кај нас. Најудостоените стружани, пак, што оваа година го носеа воскресно украсениот цветен балдахин со благоуханите мошти, беа: г. Климе Попоски, г. Никола Нестор, г. Стефан Кочоски и г. Ѓорги Митаноски. Посебен украс на Литијата овој пат беше бигорската сејменска гарда составена од четворица капетани – сердари, облечени во богато везена мијачка носија со ќостек на градите со ликот на Чесниот Претеча и уште шеснаесет сејмени исто така во традиционална мијачка носија со ќостек на победоносниот Великомаченик, кои ја имаа улогата на чувари на светите мошти.

Денешното возвишено собитие во Струга уште еднаш покажа дека војската на Св. Георгиј – големиот и непобедлив Војсководец на Царот небесен, имајќи ја љубовта како најсилно оружје, насекаде го шири мирот Божји, радоста небесна и духот на единството и сплотеноста.

Нека Светиот Великомаченик Георгиј, кој верно му послужил на својата земна држава и храбро пострадал за небесната, се застапи пред Господа Исуса Христа, вишниот мир да завладее и во нашето општество, и по неговите молитви да ја наследиме и ние вечната Татковина!

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Бигорски манастир

 

Друго:

Otec Pimen
ФБ

Сте го имале ли некогаш она чувство на горд православен христијанин кога од милина "Навистина воскресна" не можеш да го изговориш, бидејќи ако го изустиш толку голема грутка ќе голтнеш што солзите ќе ти се стркалаат по лицето пред толку илјади луѓе и камери, апарати, телефони...
Јас денес го имав во Струга.
Помилуј нè Боже по молитвите на свети Ѓорѓиј!