Прв меѓународен конгрес на лица со посебни потреби под мотото „А ЗОШТО ДА НЕ СМЕ РАЗЛИЧНИ?“

14 - 16. 10. 2016, Скопски саем и Дом на АРМ, Скопје  - Македонија

 

 

Во рамките на првиот меѓународен конгрес на лица со посебни потреби под мотото „А зошто да не сме различни?“ во организација на Здружението на граѓани “Дајте ни крилја“, ќе се одржи предавање со дискусија на тема „За болеста како последица и предизвик“ од страна на отец Ивица Тодоров и отец Горан Тасески. Предавањето ќе се одржи на 15 октомври (сабота) во 16 часот во Конгресниот центар при Скопски саем.


Ова е прв Конгрес од ваков вид во Македонија и пошироко. Организаторот покажа голема доблест и одговорност што инсистираше да се вклучи и Црквата, да се слушне нејзиниот глас и искуство, бидејќи не постои современ проблем кој го засега човекот, а не ја допира Црквата. Таа е најповикана да даде одговор и на најновите и најгорешти прашања и проблеми на човекот, да им даде смисла на човечките страданија и болести, да ги излекува предрасудите на современиот човек во однос на “различните“, бидејќи таа во секое човечко битие го гледа образот Божји.


Ова предавање со дискусија ќе биде многу корисно и за свештените лица кои во својата пастирска пракса се среќаваат со деца и возрасни со посебни потреби, како и со нивните пошироки семејства. Подеталното запознавање со развојните нарушувања, со секојдневните проблеми и потреби на лицата со посебни потреби ќе помогнат што подобро да се разберат овие луѓе, да се изнајдат нови начини како да им се пристапи и како да им се пружи конкретна и континуирана помош.  

 
Македонската Православна Црква од секогаш им излегувала во пресрет и давала сесрдна поддршка на најранливата група граѓани. Од неодамна со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан на децата со посебни потреби им се отстапија просториите на манастирот Св. Илија - Мирковци за неделно дружење и запознавање, активности и заедничка вечерна служба. Со овој чин МПЦ даде сериозен пример и конкретна поддршка за социјалната инклузија на децата со развојно нарушување.


Ги покануваме да бидат учесници на оваа дискусија сите оние кои се посредно и непосредно засегнати од оваа тема, родители, педагози, дефектолози, стручни лица,  свештеници и богослови, заинтересирани граѓани, како и сите учесници на Конгресот кои сметаат дека од споделувањето на различните искуства во третирањето на овој проблем можеме да имаме корист сите ние, а особено децата со посебни потреби.

Да ги споиме нашите светови!

 

 

http://www.dajtenikrilja.mk/pocetna-ns_article-prv-megunaroden-kongres-2016.nspx

 

1-ви окромври 2016 год.