ИЗВЕСТУВАЊЕ за Воскресно бдение
Веќе проверено преку учеството на мнозина на претходните две бденија и потврдено дека е насушна потреба за секој верник кој се подготвува за Божествената литургија


Затоа, браќа и сестри во Христа, Ве известуваме дека и оваа сабота 01.10.2016 г. и понатаму во секоја наредна сабота во храмот св. вмч. Георгиј Победоносец – Криви Дол (на Кале) Скопје, со почеток од 18,00 часот започнуваме со Воскресно бдение на кое ќе се богослужи вечерна и утринска служба до 21,00 часот а во недела наутро во 08,15 часот започнува Божествената литургија.

Ги покануваме сите верни за присуство на бденијата, бидејќи тоа е многузначаен дел од нашата подготовка за Великото дело кое нам Господ од љубов ни го овозможи, да учествуваме на светата Божествена литургија на која сме повикани, не само да стоиме пред Царот на Славата и Спасителот наш Исус Христос Кој толку нè возљуби што ни ја даде можноста за соединиме со Него, преку примањето на Неговото Чесно Тело и Крв, за простување на гревовите и за живот вечен. Амин!


Големо дело сотвори Господ за нас браќа и сестри, затоа имајќи ја свесноста за тоа, со благодарност кон Него и со чувство на покајание, заради мноштвото гревови и невозвраќање на нашата љубов кон Него, ни се дава можноста да започнеме со поголема усрдност да се подготвуваме и преку тоа да ја истакнеме нашата потреба, нашата глад и жед за Него, Живиот Леб, Изворот на Животот, Спасителот и Воскресителот наш, Кој нè повикува преку причестувањето со Него за живот вечен во Царството Небесно. Така, браќа и сестри, преку можноста за учество на овие Воскресенски бденија да дадеме личен одзив на Божествениот призив. Бидејќи Он нè повикува за радост мир и утеха.
Да учествуваме на овие богослужби, да ги оприсутниме овие дарови во нас та да воскликнеме и ние од полни срца, - Христос Воскресна радост наша!


На бденијата во склоп на вечерната ќе има литија во храмот со благословување петтолебие, на утрената - читање Воскресно неделно зачало и изнесување на Светото Евангелие за целивање, ќе бидат изнесени светите мошти кои ги имаме во храмот и ќе се врши помазание со осветен елеј на присутните верни. Нека е за радост и спасение. Амин!

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан

 

Од свештенослужителот при храмот о. Горан Тасески

 

1-ви октомври, лето Господово 2016