Скопје, 27- ми септември  2016 год.- манастирска црква на св.вмч. Георгиј, Криви Дол

 

 

На 27-ми септември 2016 година, во четринаесеттата недела по Педесетница,  кога  Македонската православна црква  го празнува споменот на Воздвижение на Чесниот Крст, во манастирската црква посветена на св.вмч. Георгиј Победоносец во месноста Криви Дол, во Скопје, презвитер Горан Тасевски во сослужение на ѓаконот  Гаврил Најдовски, отслужи Божествена Литургија . На крајот од Литургијата, отецот произнесе беседа.

 

 На Твојот Крст му се поклонуваме, Владико, и Твоето Свето Воскресение го славиме. Браќа, словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја. Зашто е напишано: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.” Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет? Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат. Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство; за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и Божја премудрост. 1Кор. 1,18-24

 

„Немојте да се жалиме и да Го обвинуваме Бога за сите неприлики, со кои во своето секојдневие се среќаваме. Имаме чувство дека Бог нѐ заборава, дека не нѐ слуша, не одговара на нашите молитви, ни испраќа сѐ нешто криво и наопаку. Но, не е така. Бог е еден добар кормилар кој таинствено нѐ следи, и напоредно со тоа ни остава сами да го управуваме кормилото на нашиот живот, зашто никогаш не прифаќа да ја укине нашата волја и да ја преземе нашата улога. А кога ќе види дека кормилото скршнува, Он го приграбува за да ја насочи нашата душа кон Себе. Секако, ние немаме духовни способности, туку своите гревови, кои нѐ понижуваат пред Бога; и додека сме така наведнати под бремето на гревот и додека нашите глави се наведнати, Господ ни доаѓа заради Својата голема долготрпеливост, зашто рацете Негови, кои на Крстот беа испружени и распнати, нѐ создале и обликувале. Беа испружени и раширени на Крстот, за да би можеле да нѐ прегрнат и опфатат нас, духовните просјаци. Нѐ боли, и таа болка влијае врз нас. Меѓутоа, болката е крст, а Крстот е Самиот Бог.“

Од Водосветот

 

 

Преминпортал (к.т.)