29 август/11 септември 2016 лето Господово

Празнична вечерна богослужба со монашење„Светло и богорадосно е, благочестиви Христијани, ова сепразнично собрание што нè собра денес да празнуваме духовно. Многу соодветно се одбележува како светло, зашто од него зрачи и името на оној што го чествуваме сега, бидејќи тој е, и се нарекува светилник на светлината. Навистина, тој не е светилник што нè опсипува со вештествена светлина, зашто тогаш не би било трајно и непрестајно неговото сјаење и би се губело секогаш кога ќе му застане некаква пречка. Туку тој е одблесок што го покажува светлозарното сјаење на Божествената благодат во длабочините на срцата на оние што се собрале да го прослават неговиот спомен, и го издигнува умот да ги созерцава страданијата на праведниот маж, така што, гледајќи го со очите на душата ова блажено мачеништво, да се исполниме со духовно веселие“ (од Пофалното слово за Усекновение од Св. Теодор Студит).

Во ангелското празнување, во небесната слава, во рајското торжество на Светиот Јован Претеча, учествува денес и нашата Свештена Обител, радувајќи се со радоста на својот најсакан застапник и молитвеник, и блескајќи со неговиот богоблагодатен блесок. Зашто, Чесниот Претеча Господов, највеликиот меѓу Пророците, Возвестителот на благодатта, Светилникот на Сонцето, Гласот на Словото Божјо, живееше за љубовта и славата Христова; и таа љубов тој со својата сопствена глава ја запечати. Затоа, празникот Усекновение е празник на љубовта и посветеноста кон Бога, на ревноста за славата Божја, на храброто исповедништво на Божествената правда. Тоа е празник и на сите оние христољубиви души, што одбрале да го последуваат животот на оној, кој во плот „како бесплотен поживеа“, кој од сите луѓе прв зачекори и со својот личен и ненадминат пример „непорочниот и необичен пат на живеење“ го покажа.

 07.jpg

08.JPG

И, ете, оваа година, првиот и најголем аскет, целосно предаден во служба на Бога, славниот Јован Претеча, во својот род прими уште четири души од нашето братство, жедни за рамноангелскиот монашки живот, и двајца други браќа, Даниел и Антонио, облече во монашко расо. Каква ли радост, какво духовно веселие, каква огромна благодат посведочија ѕидовите на храмот на Крстителот и огромното мноштво верни, присутни во него, кога синоќа, за прв пат во поновата историја на македонското монаштво, четворица млади луѓе, како со „нетлени стапки“, носени од татковската љубов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, пристапија кон светиот Олтар за да ги дадат највозвишените и вечни завети на доброволно послушание, сиромаштво и целомудрие. А таму, при „Светињата на светињите“, во невидливото присуство на Христа, Богородица, Ангелите и Светиите, ги пречека богољубивиот наш архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој преку својата рака го положи врз нивните глави благословот на Оној Кој ги избра нивните души за благодатниот пат на монашкиот подвиг. Среде громогласните молитвени восклици „Господи, помилуј!“ на растрепереното огромно мноштво верници и на нашите драги гости – византискиот хор „Св. Нектариј Битолски“ од Битола, што во еден ист дух на умиление и радост, будно го следеа свечениот и свештен чин, Мојсеј, Митрофан, Филарет и Ефрем, стоеја лице во лице со својот Господ и со таинствен шепот на своите срца ги полагаа пред Него вековните завештанија на монашка пожртвуваност, верност и посветеност. Нови четири факели запалени пред Бога за православниот народ наш, четири молитвеници како цврсти столбови вградени во зградата на Црквата Христова. А во длабоко молитвениот поглед на нашиот Старец, кој ги роди во љубовта Христова и ги одгледа како свои најмили рожби, како да го гледавме љубовниот и полн со милост поглед на самиот Претеча и Крстител Господов Јован.

 17.jpg

Него величајќи го во своето пофално слово, многупочитуваниот наш владика Агатангел вдахновено беседеше дека „православните манастири се налик на пустина и во таа пустина многу обременети од гревот души го наоѓаат својот спокој, својот мир, својот духовен одмор. Зашто како што Св. Јован од Јорданската пустина проповедаше покајание за прошка на гревовите, така и манастирите во кои трудољубиво се подвизуваат монаси, повикуваат на покајание и помирување со Бога. Сведоштво за тоа е и ова славно Бигорско светилиште, посветено токму на проповедникот на покајанието, Св. Јован, а доказ за живата проповед се овие четири наши души, овие наши четири деца, кои вечерва ги дадоа монашките завети. Но, тие денес не би стоеле тука, доколку не беше нивниот духовен татко, игуменот на овој Свет Манастир, Архимандрит Партениј, кој ги одгледа и Му ги принесе на Господа...“

 01.JPG

 02.jpg

 06.jpg

 10.jpg

 11.jpg

 18.JPG

 21.jpg

 25.JPG

 26.JPG

 29.JPG

 30.jpg

 Света и Божествена Архиерејска ЛитургијаИ како што му доликува на светилникот на Светлината, празничното утро на неговиот сесветол празник го најави блесокот на свечената архиерејска Литургија што покрај нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј, со своето присуство и молитви ни ја збогатија и Митрополитот Струмички, г. Наум, и Митрополитот Брегалнички, г. Агатангел. Неопислива беше молитвената жар со која илјадниците присутни верници ја примаа во своите срца секоја нивна прозба, и ја преточуваа во силен возглас кон висините, кон престолот на Небесниот Цар и кон славниот Му Крстител Јован, кој заедно со Пречистата Мајка неуморно посредува за сите што, подобно нему, го засакале животот во покајание. Опиени од благодатта, што по неговите молитви, како дождот земјата, ги ороси жедните за Бога души, присутните уште повеќе се утврдија и укрепија во својата одново родена ревност да ги очистат низ огнот на покајанието сите мрачни траги на порочниот живот и решително да го придобијат за себе Царството што им го вети Оној за Кого ни благовестеше најголемиот меѓу пророците Јован.

Прекрасната благодат на богослужбата доби свој одраз и во празничната беседа на нашиот возљубен архипастир, г. Тимотеј, кој зборувајќи за големиот подвиг и силна вера на светиот бигорски патрон, го посочи него како пример на покајанието и верата за сите верни.На крајот од архиерејската Литургија, нашиот Старец од името на целото братство му подари на Митрополитот Агатангел, како долгогодишен пријател на манастирот и редовен гостин на манастирските слави, мошти од Светиот новомаченик Агатангел Битолски, чиешто име го носи.

 03.jpg

 04.jpg

 06.jpg

 05.jpg

 09.jpg

 14.jpg

 15.jpg

 16.jpg

 24.jpg

25.jpg

 34.jpg

 36.jpg

 37.jpg

 

40.jpg

 Повеќе:

Бигорски манастир