uspbog2016 1

„Богомудри луѓе, соберете се, зашто скинијата на Божјата слава, од Сион се преселува во небесното живеалиште, каде што се слуша чистиот глас на тие што празнуваат, гласот на радоста неискажлива, на оние што весело Му пеат на Христа: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од Канонот на Утрена на Успение на Пресвета Богородица). 

Храмот на животот, денеска вечен живот прима и се преселува кај својот Син и Бог. Денес Богомајката добива нераспадливо тело и се издигнува повисоко од сите небесни живеалишта, од каде повторно и секогаш ќе биде наше застапништво и утеха. Затоа Приснодево, Богомајко, не заборавај ги верните на земјата и секогаш биди ни топла и брза застапница во нашите молитви, и насочувај нè на патот на Божјите заповеди.  

На светлиот ден на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, на 28.08.2016 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон безбројниот верен народ со пригодна беседа, која интагрално ви ја пренесуваме. 

 

uspbog2016 9

Митрополит Тимотеј 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.Драги браќа и сестри, 

Денеска го прославуваме Богородичниот празник Успение. Со црковни песни ја величаме разделбата на мајката Божја од апостолите и христијаните. Гледано од човечки аспект, секоја разделба предизвикува жал, тага и воздишка, бидејќи блиските и милите се разделуваат од својот сакан, почитуван и знаен. Но, црковната песна нè повикува да чествуваме со радост. Денешниот празник, на некој начин, е продолжување на чествувањата и прославувањето на Воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Затоа, светата Црква не тагува, туку, се радува. Се радува, бидејќи мајката Божја го напушта овој привремен свет и оди во царството Божјо, во прегратките на својот Син, Господ Исус Христос. Оди кај својот Син и Бог наш, но не нè напушта, како што се пее во тропарот на денешниот празник: Во рождеството си го зачувала девството, а во успението не си го оставила светот, Богородице.
Во еден апокриф се вели дека Богородица не е на небото, туку, се движи низ светот и ги спасува луѓето од нивните маки и страдања. Но, можеби е поисправно да се каже дека Богородица е и на небото и на земјата. На небото таа престојува пред престолот Божји и ги принесува молитвите за спасение на луѓето кои се на земјата. Молитвите на оние кои и се обраќаат со искрена молитва, барајќи од неа застапништво. Таа, пак, како мајка на Бога Словото има смелост да Го моли својот Син Господа Христа и нејзините молитви секогаш се услишани. Богородица бара и се застапува пред својот Син, онака, како што секоја мајка има храброст, смелост и без никакво воздржување да бара од своите деца да помогнат на некого, бидејќи мајчинската љубов ги надминува сите ограничувања и препреки кои постојат кај останатите луѓе.

Света Богородица, со својата скромност, смиреност, послушност и понизност, ќе се удостои да биде мајка на Оној Кој што е поширок и поголем од вселената, Творецот на сè. Всушност, уште Предвечниот совет на Светата Троица, во неа ќе виде можност за реализација на спасението на човечкиот род и основање на светата Црква. Таа е избран сосуд Божји, преку кој се реализира домостројот на спасението на родот човечки.


Во најтешкиот момент на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кога ќе виси распнат на крстот на Голгота, света Богородица ќе остане под крстот и ќе ги рашири своите раце, мислено и духовно, прегрнувајќи го и земниот и небесниот род, а преку тоа, се покажува жител и на небото и на земјата. Па затоа, таа е и наша ходатајница при сите наши молби, воздишки, маки и страдања. Таа и на апостолите, подготвувајќи се за преселба во идниот свет, им вели нема да ве оставам сираци, како што вели и Самиот Спасител (Мт. 28, 20 и Јн. 14, 18).

Света Богородица, живеејќи го својот овоземен живот во послушност и исполнување на законот Божји, се удостојува да биде почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Како таква, таа се удостојува да претстои за секоја христијанска душа, да побрзува и да одговара на сите наши разумни и исправни молби и да се застапува истите да бидат исполнувани. Ние, како верници и христијани, должни сме цврсто да веруваме во нејзината помош и во нејзината молитва. Но, пред тоа, имаме обврска да се угледаме на нејзиниот свет, чесен, морален и праведен живот, па да се потрудиме и нашиот живот да го насочиме во тој дух и во тој правец. Само тогаш ќе можеме нашите молби и прозби, не само да ги изнесуваме пред мајката Божја, туку да бидеме сигурни дека истите ќе бидат пренесени од неа пред Господа Бога. Преку нејзиното застапништво, пак, Бог ќе ги услиши и исполни.

Да се обратиме со искрена молитва кон света Богородица. Таа да биде наша патеводителка и заштитничка од секакви зла и пакости. Па да можеме да го живееме овоземниот живот исправно христијански, исполнет со силна и непоколеблива вера и со добри дела. По молитвите на света Богородица, така нека биде. Амин! 

uspbog2016 4

uspbog2016 5

uspbog2016 6

 

uspbog2016 7

uspbog2016 10

uspbog2016 11

uspbog2016 12

 

Успение на Пресвета Богородица
28.08.2016 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид