После седуммесечна пауза, по вашите молитви, се враќаме назад. Одлуката да направиме пауза со Агапи.мк не беше ништо полесна од одлуката да продолжиме со работа, овој пат под нов домен, Православие.мк. Во духот на транспарентноста што го негуваме, краток пресек на нештата: Изминатите шест години беа исклучителни по многу нешта: ние созревавме и се менувавме (процесот е сѐ уште во тек), а со нас и идејата за тоа што треба да биде Агапи/Православие. Од портал посветен на превод на светоотечки текстови и студии на современи богослови, каква што ни беше замислата на почетокот, денес сметаме дека она што е потребно се кратки извадоци, вести и видеа, еден вид на островче (со параклис посветен на св. старец Порфириј) среде информациското цунами со кое се соочува човекот денес.

Ерусалим, парк во Стариот град

Ерусалим, парк во Стариот град

За техничката страна на нештата: Базата на содржини е целосно префрлена од Агапи.мк на Православие.мк (со исклучок на 3-4 видео постови). Светото Писмо, од http://agapi.mk/sveto-pismo/ е префрлена на нов поддомен, http://svetopismo.pravoslavie.mk.

Ве молиме, доколку водите сајт/блог/портал, да нѐ поврзете на новата адреса. Дел од фотографиите не се долинкувани во постарите текстови: ве замолуваме за трпение.

Во меѓувреме ни стигнаа повеќе идеи и молби поврзани со Светото Писмо, и работиме на нивната имплементација.

Ве охрабруваме и понатаму да ни пишувате со идеи и забелешки и понуди за соработка. Сепак, имајте на ум дека сето ова е волонтерска работа, и секој од нас одвојува време, труд и средства според своите можности.

Новиот дизајн е минималистички, со што е можно помалку фотографии – со цел побрзо вчитување на содржините (во последно време на Агапи.мк, поради зголемената посетеност, имавме проблем со серверите – ќе видиме што ќе се случува на овој сервер); имплементиран е MaterializeCSS фрејмворк, што овозможува природно искуство на десктоп и мобилни корисници. Можно е да имплементираме автоматски реклами од Гугл, за да ги покриеме трошоците за одржување на сајтот. Планираме неколку нови проекти, за кои веруваме дека ќе ви користат: детален веб-календар, детален адресар, неколку мобилни апликации, и уште нешто друго. Ќе видиме дали ќе го имаме благословот Божји за сето ова. Ora et labora, тоа е принципот според кој се раководиме.

Уредниците

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/od-agapi-mk-do-pravoslavie-mk/