"Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според Светите Отци, постои и во нас или е најчесто само наша проекција. Затоа Христос и вели: „Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Матеј 7, 2). Живееме како одвај да чекаме некој од оние што ѝ сметаат на нашата суета нешто да згреши. Дури сакаме да веруваме и во неговите наводни гревови и падови. Тежнееме да го оценуваме и судиме човекот според претпоставениот или вистински сторениот грев, повеќе отколку да го вреднуваме според покајанието. Ако таквиот суд за кој било човек ни е конечен, тоа е сигурен знак дека немаме опит на покајание (преумување), ниту ќе имаме.

Наместо тоа, добро е да се запрашаме дали нашиот ближен – секој еден што секојдневно го среќаваме во нашиот живот – не е еден од Бог пратен пророк за нас, кој ни ја претскажува нашата иднина во зависност од нашиот однос кон него. Вистинскиот, пак, Божји Пророк, што и да направи, тешко ќе ги отвори кон милост суетните срца на самонаречените духовни величини: „Зашто дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ’Бес има‘. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ’Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!‘“ (Лука 7, 33–34)."

 

Избор од фејсбук страната на:

Моника Николова