03.jpg

И четвртиот летен камп со просветлени детски лица

04.jpg

 05.jpg

6/19 јули 2016 лето ГосподовоДушата најубаво се чувствува кога другарува со Христа. Особено неизвалканата детска душа. Од таа дружба се раѓаат многу слатки духовни плодови и сите што доаѓаат во допир со таа душа неизмерно се насладуваат со нив. После прекрасни пет дена на најрадосно дружење со Најдобриот, Најмилиот Христос во прегратките на нашите две свештени обители, учесниците на 4 - от летен камп по Веронаука од драгата ни Битола, нашите први птички со кои Бог го отвори небесното пространство за најмалите ученици на верата во овие светилишта, ги излеаја со најголема љубов најдлабоките доживувања на своите млади души:

06.jpg

Ана Долевска, 12 години: „Драг отец Партениј, манастирот Св. Георгиј Победоносец остава огромен белег во мојата душа, се чувствува течението на молитвата и шумењето на Светиот Дух, толку е убаво како душата на монахињите. Овие пет дена поминати во кампот, односно поминати заедно со сите вас, направија еден прекрасен шарен мозаик во моето срце. Секое утро, секој ден, секоја вечер беше исполнета со љубов, мир, благосостојба. Овде научив многу убави работи. На часовите по Веронаука учевме за тоа колку е важна љубовта, научивме дека таа покрива многу гревови, на часот по пеење ние бевме горди затоа што Му пеевме на Бога, сè беше прекрасно. Впечатокот ми е неопишлив... знам дека ова дружење со вас, со Бога, со сестрите, ќе остане длабоко врежан во мојата душа“.

Симона Мишевска, 15 години: „Знаете она чувство кое ви ја радува душата, чувство кое ве исполнува, ве тера да сакате и ви пружи љубов, среќа и безброј прегратки кои се паметат. Животот што е исполнет со смирение, трпеливост и другарство е живот што сите треба да се потрудиме да го имаме. Да бидеме свои, тоа значи да го љубиме ближниот, бидејќи среќата на ближниот е подобра од задоволствата кои си ги приуштуваме и заради кои стануваме себични личности. Што да се прави со оние луѓе чијшто живот не е океан од среќа, ниту, пак, песочна кула исполнета со задачи и послушание?

На таквите луѓе им се подава рака, бидејќи нивниот живот е карпа, а постапките се глето кои ги врежуваат делата врз карпата на која спомените ќе бидат запаметени.

Има прекрасни, духовно изградени луѓе на кои душата им е скапоцена, дијамантска, со љубов и многу среќа. Сестрите во манастирот, моите сестри, тие имаат такви души, мојата љубов кон нив е толку голема што го помина дури и небото. Мојот дух ми се наполна со благодат кога зедов благослов од отец Партениј, кој даде идеја за кампот и ја поддржи со неговиот благослов. Еве неколку збора и за сестрите, за нивната прекрасна сложност. Нивните души се како дете, толку чисти и невини, но сепак, толку широки за да можат да го сменат светот со нивната огромна љубов. За многу работи во животот грешиме, но од грешките учиме, па така и јас научив дека телесното задоволство е најмалку важно, најважно е да се исполниме духовно, со благодат, со она чувство кое те тера да сакаш, те прави пресреќен, силно среќен, пресилно дури до небото. Престојот во манастирот е нешто што не се опишува на хартија, ниту со зборови, тоа е нешто што се доживува, и на сите ви посакувам по многу вакви искуства, да доживеете преубави моменти, да ја почувствувате мојата среќа и да се почувствувате посебни како да се наоѓате меѓу ангели, зашто навистина таму сте меѓу ангелски души“.

Маја Симоновска, 9 години: „Св. Георгиј Победоносец е еден од најубавите манастири кои ги имам посетено, бидејќи се чувствува смирение. Тоа е од самиот начин на живот. Постојаното молење на Бога е за наша полза. Со запознавањето на сестрите дознав дека во нашиот живот треба само трпение, послушание, љубов, многу љубов. На часовите по Англиски јазик ја научивме Господовата молитва која силно и гордо ја говоревме. Песните кои ги учевме за мене беа голем предизвик. Исто така на часот по Веронаука беше многу забавно бидејќи од сестрата научивме многу работи за верата. Морам да признаам дека цртањето на иконите ми беше една од најубавите работи, плетењето на белегзиите беше забавно (иако малку тешко). Со овој престој во манастир дознав дека најубавиот живот е во него. Најпосле можам да кажам дека дружењето со сестрите е незаменливо, и огромно благодарам за отец Партениј бидејќи без неговиот благослов овој камп немаше да се случи“.

Христина Милеусниќ, 16 години: „Им благодарам на Бога, на Пресветата наша Мајка Богородица и на Св. Георгиј Победоносец, кои постојано ги спасуваат нашите души од гревови и опасност. Ви благодарам и на вас, кои со вашите насмевки и неизмерната љубов која ја ширите насекаде околу вас ги стопливте нашите срца, нè закриливте и нас како и сите кои прибегнуваат кон верата Христова. Вие сте Рај во кој постојано ги обновуваме нашите сили кои многу брзо ги трошиме во светот. Во овој и во Бигорскиот манастир, има таква топлина и благодат која постојано е присутна и секој ја чувствува. Му благодарам и на нашиот отец Партениј, кој постојано се моли за нас и ги воздига овие непресушни извори на благодат. Ми беше вистинска радост да присуствувам на еден ваков прекрасен камп“.

Елена Шулевска, 15 години: „Кога велам рајот на земјата, мислам на манастирот во Рајчица, местото каде што Бога Го чувствувам најблиску до мене. Тоа е така бидејќи тука тече постојана молитва, тоа и се чувствува. Секој пат кога го посетувам манастирот добивам благодат. Таа благодат ми ја испраќа Светиот Дух преку милите сестрички на чие лице има само насмевка. Тие шират љубов! Ме научија многу работи во животот. Благодарна Му сум на Бога што ми ги подари нив и отец Партениј. Тој е човекот кој е пример во мојот живот, што ме учи како да љубам, ми го покажува вистинскиот пат, ми Го покажува Бога. Среќна сум што живеам во време кога живее и отец Партениј! Најпрво му благодарам што нè прими и направи ние во овие 5 дена да научиме многу нешта. Тука ги има најубавите часови за деца, сите осмислени со убава цел – Бога“.

Трајче Стефановски, 12 години: „Сè беше убаво благодарение на отецот и игумен Партениј. На почетокот научивме три молитви кои ги употребувавме понатаму. Монасите беа многу добри и со внимание ни се обраќаа. Со братот Мики во вечерните часови гледавме поучни видеа, имавме и изработка на хамер, а да не ја заборавам и пештерата со која започнува историјата на овој манастир. Помагавме во кујната, чистевме магдонос, се причестивме. Со голем поздрав им се заблагодарувам на сите монаси, отци и на монахињите од манастирот Св. Георгиј во Рајчица. Голема благодарност до вас оче, а воедно и игумене на овој манастир бидејќи ми подаривте голема љубов и ме научивте да се однесувам пристојно и како што личи пред Бога и нашата Мајка Богородица“.

01.jpg

02.jpg

 07.jpg

 08.jpg

10.jpg

 

Повеќе:

http://bigorski.mk/index.php?content_type=nastani&action=details&record_id=2456