SPE_0677

 На 27 мај 2016 година во манастирот Св. Атанасиј во с. Лешок, Тетовско беше осветен мермерен Крст во спомен на руските монаси од манастирот Валаам кои живееле и служеле во Македонија во првата половина од минатиот век.
На богослужбата чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Дебарско - кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот тетовско - гостиварски г. Јосиф.

SPE_0282

SPE_0285

SPE_0309

SPE_0330

Најнапред домаќинот на оваа свеченост Митрополитот тетовско - гостиварски г. Јосиф ги поздрави присутните гости и им посака добредојде на осветувањето на Крстот, како што рече, во чест на руските монаси, кои принудени да пребегнат од комунизмот, нашле прибежиште во Лешочкиот манастир, оставајќи во  него дел од својата духовност и култура.

SPE_0343

Покровителот на церемонијата, Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија, Неговата Екселенција господинот Олег Шчербак спомна дека 35 монаси бегајќи од тогашната советска власт дошле во Македонија. Притоа, прв манастир кој ги примил монасите бил токму лешочкиот манастир.

SPE_0364SPE_0396

SPE_0404_-_Copy

SPE_0469SPE_0485

SPE_0717SPE_0516

Покрај осветувањето на Крстот, во оваа пригода Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква додели и два ордени. Имено, таа го ОДЛИКУВА Неговото Високопреподобие игуменот г. МЕТОДИЈ (ПЕТРОВ) од Спасо-Преображенскиот Вааламски манастир - Русија, со ОРДЕН НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, ОД ПРВ РЕД за неговиот придонес во зацврстувањето на духовните врски меѓу Руската и Македонската православна црква и промовирањето на духовната култура меѓу македонскиот и рускиот православен народ, а господинот г. Андреј Николаевич Деменко со ОРДЕН НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, ОД ТРЕТ РЕД за неговата подршка на македонските православни светињи и промовирањето на православните вредности, како и продлабочувањето на духовните врски меѓу македонскиот и рускиот православен народ.

По осветувањето на крстот и доделувањето на ордените и одличијата, со беседа се обрати Неговото блаженство Архиепископот г.г. Стефан. Неговото слово го пренесуваме во целост.

SPE_0497


АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
СТЕФАН

Од мртви постанавме бесмртни.
Таква е силата на Крстот“.

Свети Јован Златоуст

Ваши високипреосвештенства, Ваша екселенцијо – почитуван г. Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Р. Македонија, почитуван г. Проф. д-р Велимир Стојковски – почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, Ваше високопреподобие, игумен – отец Методиј и отци од Вааламскиот манастир, почитуван дарителу и добротвору – г. Андреј Николаевич, почитувани гости од братска Русија, сечесни отци и монаси – возљубени во Господа,

 
По милоста Божја и по Неговата света промисла, еве, како Црква и народ, и како православни чеда, се удостоивме овој период, кога сѐ уште торжествуваме со целото свое битие заради Воскресението Христово и ја очекуваме Утехата од небесата (сп. Јн. 14, 16 и 26; 15, 26; 16, 7 и 13), кога сѐ, и човекот и природата, се облеани со светлост и радост, да го збогатиме и со денешново торжество – осветувањето на новопоставениот чесен и животворен Крст, овде, во дворот на ова древно светилиште – манастирот „Свети Атанасиј Велики“ во с. Лешок.

Овој велелепен Крст, изработен според образот на Крстот од Валаамскиот манастир во Русија, е значаен од повеќе причини.

Најпрво, Крстот е знакот на нашето спасение, орудието на смртта, кое за нас, христијаните, стана орудие на спасението. Крстот е симбол на Самиот Христос и Православната Црква верува и на дело ја искусува неговата чудотворна сила во борбата со искушенијата; Крстот е знамение на надежта, зашто на него, нашиот Спасител Христос го измири човекот со Бога, го исполни стремежот на човекот, паднат во гревот и заробен од смртната клетва, го избави и воспостави првобитна заедница со Бога.

Ако дрвото во Рајот беше причина за падот и произведе смрт, од крстното дрво, пак – процвета живот! Затоа христијаните не само што го сликаат и поставуваат Крстот заедно со иконите во храмот, туку го носат и на себе, го поставуваат на гори и височинки, со него се осенуваат... Всушност, со Крстот – сѐ започнува и сѐ завршува! Фалејќи и прославувајќи го светиот Христов крст, Црквата во песна исповеда што е тој за нас, христијаните: Крстот е чувар на целата вселена, Крстот е убавина на Црквата, Крстот е власт на царевите, Крстот е тврдина на верните, Крстот е слава на ангелите и рана на демоните (Светилен на богослужбата на Воздвижение на Чесниот крст).

Но Крстот не е само „знак” Христов, туку е и начин на живот на христијаните! – Не може да се замисли вистински христијанин без крст, без учество во Крстот Христов и во страдањата Негови. Самиот Спасител вели: Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи (Мат. 16, 24), или на друго место: Кој не го земе својот крст и не Ме следи, не може да биде Мој ученик (Лука 14, 27). Таквиот го распнува телото свое со страстите свои и похотите (сп. Гал. 5, 4) и е подготвен, заедно со св. ап. Павле, со надеж да верува дека ако трпиме со Него, со Него и ќе царуваме (2. Тим. 2, 12).

Овој Крст овде е дар – споменик за оние богољубиви души, кои, прогонети од местото на своето телесно и духовно раѓање, од местото на своето пострижение, од својот возљубен дом, стигнале овде, во овој свет манастир, но и низ многу светињи во Македонија и на Балканот, како и во други земји и континенти. Историјата посведочила, но тоа го потврдуваат и записите, и надгробните плочи, и манастирските патерикони, и истражувачите, дека, по Октомвриската револуција во Русија, многуброен побожен руски народ и духовништво биле принудени да емигрираат надвор од Русија. Многумина од нив го дале и својот живот и маченички пострадале за Вистината - за Христа.

Податоците, исто така, сведочат дека по неприфаќањето на воведувањето на новиот календар во духовниот живот и богослужението, многу монаси се прогонети од своите манастири. Меѓу нив биле и многуте браќа од Валаамскиот манастир, кои директно го почувствувале духот на апокалиптичкото време: И брат, брат ќе предаде на смрт, и татко чедото свое... (Мк. 13, 12). Така, во 1926 година, 35 монаси од манастирот Валаам доаѓаат во овој манастир, посветен на големиот отец на Православието – свети Атанасиј Велики. И во тоа се гледа длабоката промисла Божја - оние коишто пострадаа за чистотата на православнто учење, да најдат прибежиште и утеха во домот на горештиот борец за изворното православно учење, кој своевремено го разобличил злокобниот еретик Ариј на Првиот вселенски собор. Тогашниот скопски митрополит Варнава ги прифаќа со канонски прием во својата епархија и им го доверува манастирот во Лешок, на дело потврдувајќи го со тоа силниот впечаток и довербата што кај него ги предизвикале монасите од Валаам. Подоцнежните наоди сведочат дека локалните услови не се покажале сосем благопријатни за создавање на машки општежителен манастир, па по две години заеднички живот во Лешок, Валаамците се поделиле на помали братства од по два-тројца монаси, некогаш и по еден, се распоредиле по останатите манастири во тогашната Скопска епархија, но и по други низ Македонија. Дел од нив, пак, подоцна заминуваат во манастирите во соседна Србија, но и низ земјите на Европа, населувајќи се меѓу бројната руска емиграција.

Историографските белешки ни овозможуваат да се запознаеме со некои од тие благородни Валаамски црнорисци: Панкратиј, Сергиј, Аристоклиј, Јов, Саватиј, Никанор, Агеј, Хрисант, Марко, Александар, Филимон, Марадиј, Теодорит, Тимолај, Мокиј, Нил, Варсава, Паладиј и многу др. Секако, постојат и сведоштва за монаси и монахињи – Руси, кои дошле од други руски манастири, а кои живееле во светињите низ Македонија. Впрочем, во Македонија, речиси во секој манастир има гробови на руски монаси. Периодот во кој тие ги населуваат светилиштата по македонската земја е времето на голема духовна криза, која несомнено ги зафатила и манастирите, кои биле празни, опустошени и полуразурнати. Токму поради ова, во доаѓањето на руското монаштво на македонска територија, гледаме и како на Божја промисла, како на придонес на Света Русија во зачувувањето на духовноста и во возобновувањето на древното христијанско предание на нашиве простори.

И, еве, стоејќи денес овде молитвено пред Господа, пред Неговиот сечесен Крст, како да го чувствуваме страдањето, но и смирението на оние кои, послушни на Божјата волја, го прифатија својот крст пред речиси едно столетие и одлучија да Му служат на Бога. Повеќе од трагично е живото сеќавање за прогонот од Валаам, кое монахот Филимон Валаамец ни го пренесува со особени чувства: Проштевај, драг Валааме! Ќе те видиме ли тебе некогаш повторно? Но, ако не, ќе те паметиме засекогаш, знаејќи дека во твоите сурови карпи ги проживеавме најубавите години од нашиот живот. Во тебе се учевме на благочестието и на чистотата на црковното учење, за кое денес страдаме. Нас нè очекува... живот во прогонство, но и благата Промисла Божја, која сè устројува на наша полза. Надевајќи се на Него, ние бевме и ќе бидеме спокојни и благодарни на Господ Бог за сè, молејќи се за оние коишто нè прогонуваат...

Затоа со овој Крст што денес го осветуваме, на овој благословен духовен македонски простор како да му додаваме уште едно светилиште - да стои и сведочи покрај многуте други за нашата вистина, за нашето православно минато, но и за нашето место меѓу другите православни народи. Со поставувањето на овој свет Крст, на прогонетите Валаамци, веруваме, им го исполнуваме копнежот – како да им го донесовме Валаам тука, пренесувајќи дел од нивниот дом, овде, каде што тие поживеаја и се упокоија.

Па така, овој Крст нека биде надеж за ова свето место, чии лузни сведочат и за многуте претрпени страдања, угнетувања, уривања. Ние христијаните немаме со што да се фалиме, освен со Крстот на нашиот Господ (Гал. 6, 14)!

Им благодарам на игуменот на свештената Валаамска обител, Неговото преосвештенство, епископот Панкратиј, на игуменот Методиј и на целото братство, на амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, НЕ г. Олег Шчербак, на дарителите, на градителите, како и на сите коишто со своите заложби и помош се вградија во денешното дело, посочувајќи и потврдувајќи дека врската меѓу рускиот и македонскиот православен народ е и треба да биде силна и постојана. Затоа, кај секого секогаш нека одѕвонуваат зборовите на еден од Валаамските отци - јеромонахот Агеј, кој од Лешочкиот манастир дошол во манастирот на свети Пантелејмон во Нерези, над Скопје, па запрашан од љубопитните патеписци – дали се чувствува осамен во трагедијата што ја доживеал, бивајќи откорнат од својата Татковина и својот род, рекол: „Не, не сум осамен, зашто Бог секогаш е тука“.

И верувам дека овој Крст е сведок и ќе продолжи да сведочи за тоа!

Христос воскресе!

Извор: Скопска епархија

А.Б.