01.jpg

Се одржа добротворната манифестација за доизградба на Бигорскиот скит

„Свв. Кирил и Методиј“

02.jpg

16 мај 2016 лето Гопсодово

Среде сета таа атмосфера на непријателство, протести, незадоволство, хотел Континентал вчера беше сведок на еден силен позитивен бран што се излеа од неговите ѕидови и испрати силна порака на љубов, вера и надеж за подобра иднина. Присутните на манифестацијата имаа прекрасна можност да бидат дел од чудесниот и преисполнет со радост и љубов амбиент, да се запознаат со она што во нашите две светилишта се прави на план на духовното воспитување на најмладите, и да го помогнат со своите скромни донации довршувањето на летниот камп за веронаука во скитот Свв. Кирил и Методиј, чија изградба е во тек. Навистина беше прекрасно да се види огромниот ентузијазам и радоста што бликаше од лицата и на учесниците, а и на оние што со задоволство го проследија нивниот настап. Децата на најубав начин го покажаа она што го научиле на досегашните кампови по Веронаука во нашите манастири, како и она што го работеле со своите вероучители. Така имавме прилика да ги слушнеме детските црковни хорови од Прилеп и Битола, да го проследиме настапот на најмалите учесници со стихови за љубовта, да се трогнеме од соживеаната изведба на драматизираната верзија на библиската парабола за Блудниот син, да се поучиме од мудрите дијалози, да се насладиме од прекрасните гласови на Горан Трајковски, Димитар Андоновски и Виолета Томовска, и на крај да се развеселиме со традиционални македонски ора. Сето тоа беше проследено со сеопфатна презентација на Бигорската мисија низ избор од слики и излагање од страна на сестринството.

Неизбежен беше впечатокот дека сите присутни благонаклоно ја примија оваа наша иницијатива, и ги потврдија своите желби и заложби и во иднина да ги приложуваат сите свои сили и можности во правец на нејзино реализирање, сѐ додека нашиот живописен скит не го добие својот вистински лик и своите први посетители.

Голема благодарност до семејството Џиковски, кои како главни ктитори несебично се вложија во изградбата и уредувањето на овој објект, и веќе реализираа повеќе од половината на предвидениот проект, како и на Канал 5 Телевизија, особено на директорката на програма Марија Саздева, кои во секоја смисла дадоа огромен придонес во реализирањето на овој богоугоден настан. Им благодариме и на вероучителите Моника Дервеновска и Драги Анастасовски, кои со голема љубов и пожртвуваност соработуваа со нас, како и до псалтот Игор Гулевски за неговото благородно учество во подготвувањето на детските хорови. Голема благодарност и до Јован Милеусниќ, кој од името на сите родители проговори за плодовите од летните кампови врз децата и семејството. И за крај им благодариме и на сите благочестиви христијани кои на секаков можен начин го помогнаа овој значаен настан.

03.jpg

04.jpg

05.jpg

06.jpg

07.jpg

08.jpg

09.jpg

10.jpg

11.jpg

13.jpg

14.jpg

15.jpg

Извор: Бигорски манастир