5nedvelpost2016 3


     Објавено: 17 Април 2016

„Царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и воздржување со светост. Затоа во него ќе влезат не богатите, туку оние што своето богатство го вложуваат во рацете на сиромашни. Така учи и пророк Давид, велејќи: Праведен е човек кој милува цел ден, кој се насладува во Господа,; тој оди во светлина и нема да се препне. Сето ова се напиша за наша поука, та, постејќи, добро да правиме, а Господ, наместо земни, добра небесни ќе ни дарува“ (Хвалитна стихира на Утрена во Недела од петта седмица на Великиот пост).

 5nedvelpost2016 4

5nedvelpost2016 5

На 17.04.2016 година, во Неделата од Петтата седмица на Великиот пост, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот струшки народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме. 

 5nedvelpost2016 8

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Нашата света Православна црква, како грижлива мајка, се труди постојано да ни изнесува примери за да нè подучи и да нè води кон вистинскиот извор на живот. Односно, примери кои ќе ни послужат за спасение на нашата душа. Позната е старата латинска изрека која вели: „Зборовите поучуваат, но примерите привлекуваат". Така, оваа петта недела од Великиот пост, Црквата ни изнесува еден пример на покајание, на испосништво, на подвизи. Пример на сецела оддаденост на Господа Бога.

 

Од житието на света Марија Египетска, Црквата нè поучува, како еден најголем престапник и љубител на гревот, на страстите и на сите ниски похоти, може, доколку искрено има желба и вложи труд, да се откаже од сето ниско и овоземно и да го замени со возвишеното, со светото, благородното, а преку тоа, да се издигне на многу повисока лествица до светоста. Св. Марија Египетска е класичен пример на личност, која живеела неморален живот. Откако ќе се сретне со Господа Бога и со Неговата благодат, во црквата на Христовото Воскресение во Ерусалим, нејзиниот живот целосно се изменува. Таа дава завет и силна и непоколеблива одлука, велејќи: „Дозволете ми да влезам, а останатиот мој живот ќе го поминам во покајание за моите досегашни прегрешенија".

 

После овој настан, таа се повлекува во Јорданската пустина, каде ќе го помине останатиот дел од нејзиниот живот во пост и молитва. Можеме да си замислиме какви жештини, какви студови, какви искушенија и какви непријатности претрпела оваа личност, покајувајќи ги своите гревови. Но, затоа, пак, сето тоа таа можела да го поднесе без храна и без облека, бидејќи благодатта Божја ја крепела, гледајќи ја нејзината силна и непоколеблива волја. Волјата да се очисти и да се препороди, за да може да се соедини со Господа Бога. И навистина, последната година од нејзиниот живот, таа сретнува друг Божји угодник, светиот Зосим, од кого побарала да биде причестена. Но, бидејќи била без никаква облека, побарала Зосим да и ја даде неговата горна мантија, како би можела, без срам да се појави пред него и да се причести. Уште тогаш, овој праведен и свет старец, видел како св. Марија Египетска, не оди по песокот, туку лебди и доаѓа кон светото Тело и Крв Христови. Во нивниот разговор се договориле идната година, за време на Великиот пост, повторно да дојде да ја причести. Но, наредната година, ја наоѓа преселена кај Искупителот на нашите гревови. Божјата благодат уште еднаш се покажува врз нејзиното тело. И покрај долгото време поминато лежејќи во пустината, изложена на сите временски непогоди, нејзиното тело било најдено нераспадливо.

 

Токму преку овој пример, нашата света Црква нè поучува и нè охрабрува, да не се плашиме да пристапиме кон исповедување на нашите престапи и гревови, бидејќи Божјата милост е поголема од сите наши гревови и прегрешенија.

 

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Марија Египетска, таа да се моли за нас. Па, Бог да ни даде силна и непоколеблива вера, и ние да можеме искрено и достоинствено да се покаеме. Така покаени, да ја здобиеме Божјата благодат и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 

5-та недела од Великиот пост

17. 04. 2016 година

Храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга

5nedvelpost2016 6

 5nedvelpost2016 9

 5nedvelpost2016 10

 5nedvelpost2016 11

5nedvelpost2016 12

Извор. Дебарско- кичевска епархија