Blagov2016 2

Blagov2016 3
† БЛАГОВЕШТЕНИЕ

Објавено: 07 Април 2016

„Богородица слушна јазик што не го знаеше, кога Архангелот и ги пренесе зборовите на радосната вест. Затоа таа со вера го прими поздравот и Те зачна Тебе, предвечниот Бог. Поради тоа и ние, радувајќи се, Ти викаме: Боже, Кој се воплоти од неа неизменливо, мир на светот дарувај му, а на душите наши - милост голема“ (стихира на Вечерна на Благовештение).


Blagov2016 5
 
Денеска започна спасението на човековиот род, со повикот и објавувањето на радосната вест од Архангелот Гавриил, кој на Пресветата Дева Марија и јави необично раѓање. Единствената чиста и непорочна Дева со вера го прифати овој повик, а преку неа, и сиот човечки род го даде своето учество во домостројот на спасението. Затоа сите и пееме на Пресветата Мајка Божја: Радувај се, зашто си престол на Царот, радувај се, зашто Го носиш Оној што носи сè!

 Blagov2016 6

Blagov2016 7

На овој прекрасен и радосен ден, на 07.04.2016 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба заедно со света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Виоскопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Никола Христоски и Игро Никовски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Павел Крцоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 Blagov2016 11

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, светата Православна црква го прославува празникот Благовештение. Архангелот Гаврил бил испратен од небото, во градот Назарет, да ја пренесе радосната вест на света Дева Марија, поздравувајќи ја со зборовите: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените... и ете, ти ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус" (Лк. 1, 28 и 31). Овие зборови ја исплашиле света Дева Марија, па затоа, таа вели: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж? Ангелот и одговори и рече: Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји" (Лука 1, 34 – 35). Овој поздрав е прекрасен. Тој е прекрасен, бидејќи ја открива тајната којашто од вековите била сокриена за човечкиот род. Тајна која е неискажлива со човечки зборови. Се открива тајната за овоплотувањето на Синот Божји. За Оној, Кој, пак, преку страдањата, крстната смрт и воскресението го изврши делото на нашето спасение. Затоа денешниот празник се нарекува почеток на нашето спасение. Празникот Благовештение, според зборовите на еден голем и древен црковен проповедник е: Ден во кој земјата и небото се прегрнуваат. Исто така, човекот се прегрнува со Бога. Синот Божји станал Син Човечки, не престанувајќи да биде и Син Божји. Света Дева Марија станала небо и престол на Бога. Додека, пак, светиот евангелист Јован Богослов вели: Беспочетниот се зачнал, Словото постана плот.

Архангелот Гаврил не се задоволува со самото соопштување на оваа голема тајна на света Дева Марија. Не било доволно само да и соопшти дека таа ќе биде мајка на Словото, дека таа ќе Го смести Оној Кој го создал светот и векот. Архангелот чека одговор од овој избран Божји сосуд. Тогаш, со сета понизност, со сета кроткост, а пред сè, со силната и непоколеблива вера, света Дева Марија потврдно ќе одговори на зборовите изговорени од небесниот гласник: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!" (Лк. 1, 38). Тогаш, Архангелот си оди од неа. Во овој момент, кога света Дева Марија ќе ја искаже својата подготвеност да ја исполни Божјата волја, се случува синергија, поклопување на двете волји. Тогаш се случува почетокот на нашето спасение.

Човекот е создаден како слободно и разумно битие. Затоа, Бог, и во овој момент бара одобрување од света Дева Марија. Бара израз на слободна волја за да може Словото Божјо да се всели во нејзината утроба. Поминале многу векови и народот го очекувал овој настан. Моментот кога човекот повторно ќе биде измирен со Бога. Моментот, кога на човечкиот род повторно ќе му се даде можност да се врати во првобитната блажена состојба. Но, за да дојде тој момент, се чекало да се роди избран сосуд Божји. Сосуд Божји кој ќе биде достоен, и морално и духовно подготвен. Па, со својата силна, непоколеблива вера, со кротост и смиреност да Го роди Спасителот на светот.

За оваа тајна се зборува уште во Стариот завет. Особено, светиот пророк Исаија многу експлицитно вели: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе му дадат име Емануил" (Ис. 7, 14). Според светите отци, света Дева Марија, токму овој стих од Светото писмо, го читала, кога дошол Божјиот пратеник да и ја соопшти благата вест.

Св. ап. Павле вели: „И преку верата Христос да се всели во срцата ваши" (Ефес. 3, 17). Ние, знаеме, дека без Христа нема спасение. Па, затоа, треба да си претставиме, колкава силна и непоколеблива вера била потребна кај света Дева Марија, за во неа да се всели Синот Божји. И тоа, во време, кога човечкиот род бил потонат во грев. Во време кога постоела голема оддалеченост на луѓето од Бога. Но, света Дева Марија, иако живеела во еден презрен град како што бил Назарет, нејзината вера, чистота и совршената послушност ја удостојуваат да биде Поширока од небесата.

Благовештението е почетокот на исполнување на Домостројот Божји. Почеток на спасението на човечкиот род. Без Мајката Божја, човечкиот род не ќе можеше да го реализира своето враќање кај Бога. Не ќе можеше да се помири и соедини со Бога. Преку раѓањето на Словото Божјо, Мајката Божја, сето тоа му го овозможи на родот човечки. Он, пак, преку Неговите крстни страдања и воскресение, даде откуп за нашите престапи и гревови. Повторно ги отвори рајските порти за секоја христијанска душа која со вера и добри дела ќе го помине својот живот според учењето на нашата света Православна црква. Затоа, светата Мајка Божја се нарекува мајка на сите луѓе. Таа има смелост да се моли за сите нас пред Господа Христа и нејзините молитви се услишуваат и исполнуваат. Па и ние денес, да се обратиме со искрена молитва кон Богородица. Таа да ни биде застапничка, молитвеничка и патеводителка во нашиот живот кон царството небесно. Амин.
Blagov2016 13


 Blagov2016 14

Blagov2016 15

Благовештение
07. 04. 2016 година
Храм „Св. Софија" - Охрид

Извор: Дебарско- кичевска епархија