Скопје, 27-ми февруари 2016 год.- Соборен храм на св. Климент Охридски

отец Сашко Николовски - УПОКОЕНИЕ НА СВЕТИ КИРИЛ СОЛУНСКИ

27 февруар/14 февруари

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

 


Бог на народите секогаш им испраќа Свои избрани садови, кои ќе ги водат кон спасението, односно кон Бога. Така и на нашиот народ - македонски, а воедно и на другите словенски народи им подарува духовни водачи во лицата на светите браќа Кирил и Методиј. Нивниот успех меѓу Словените е огромен најнапред на духовно-црковен план како вистински пастири и душегрижници за словенското стадо, а потоа и на просветителски план како доследни учители, педагози, катихети и описменувачи на истите народи.
Меѓутоа, на 14 февруари православната црква го празнува споменот за упокоението на свети Кирил Солунски. Имено, светите браќа кон крајот на 867 лето Господово пристигнале во Рим, каде биле дочекани со големи почести од папата Адријан II. Тука во Рим, три дена по ред била служена света литургија на словенски јазик во црквите посветени на "Свети Петар", "Светата Петроника" и "Свети Андреј", како и на гробот на светиот апостол Павле. За време од нивниот престој во Рим папата Андријан II пристапил кон создавање на црковна ерархија во словенските земји. Создал самостојна епископија во Велика Моравија и Панонија, а за епископ го хиротонисал свети Методиј.
Кон крајот на 868 лето Господово, здравјето на свети Кирил се влошило толку многу што самиот почувствувал дека му се ближи смртта. И така боледувајќи многу денови, еднаш имаше Божјо видение и почна да пее вака: "Духот ми се возвиши и срцето ми се зарадува за оние што ми рекоа да влезам во домот Господов". Чувствувајќи дека му се приближува крајот на животот, тој ја облече својата нова облека и им рече на присутните: "Отсега веќе јас не сум служител ни на царот, ниту на некој друг на земјава, а само на Бога Седржителот сум, се родив и сум за векови, амин." Педесет денови пред смртта тој се закалуѓерил и по своја желба го добил монашкото име Кирил. Така тој се упокои во Господа на 49-годишна возраст, на 14 февруари 869 лето Господово по Христа (6377 година од создавањето на светот), оставајќи му завет на својот брат Методиј да го продолжи делото до крај. По желба на својот брат Методиј е погребен во црквата посветена на "Свети Климент папа Римски", со чии мошти дојде овде, во Рим. Неговиот постар брат свети Методиј изјавил желба да го пренесе во родниот град Солун поради аманетот што им го дала нивната мајка пред тргнувањето за Велика Моравија, но неговите свети мошти останале погребани во Рим, каде што до ден денес секоја година одиме на поклонение оддавајќи им ја должната почит и достоинство.

Поради нивното епохално дело, Црквата во нивниот тропар ги нарекува рамноапостоли, зашто мисионерската дејност им е рамна како на апостолите, христијанизирајќи ги и евангелизирајќи ги словенските народи. Но честопати ги нарекуваме и сесловенски просветители, зашто Бог преку нив ни го даде почетокот на нашата писменост и просвета, а тие ни оставија света должност да го следиме и поддржуваме нивното свето дело. Нека им е вечен споменот во царството небесно, сега секогаш и во вечни векови, амин.

 

Божествена Литургија во параклисот на св. Мина, Скопје (27.02.2016)

На 27-  ми февруари  2016 година, кога Македонската православна црква-Охридска архиепископија молитвено го слави  споменот на Преподобен Авксентиј и  † Упокоение на св. Кирил Солунски во  параклисот посветен на св.Мина, во Соборниот храм, во Скопје, старешината на храмот презвитер Сашко Николовски отслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Преминпортал (к.т.)