водици2016 1

водици2016 2

На 19.01.2016 година, кога го прославуваме големиот празник на светото Богојавление на нашиот Господ Исус Христос - Водици, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноаначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

По завршувањето на Литургијата, свечената литија, предводена од Митрополитот Тимотеј, се упати кон водите на Охридското Езеро, каде што истите беа осветени, а според долгата традиција, во осветените води беше фрлен и светиот Крст. Оваа година, со Божји благослов, Крстот го фати Петар Рупески од Охрид, кој од страна на Митрополитот Тимотеј беше даруван со златен Крст и ланче, а ние му посакуваме здравје и благослов од Бога преку целата година. Митрополитот Тимотеј ги освети и водите на Црн Дрим во Струга, каде што Крстот го фати Дарко Паскоски од Струга. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 водици2016 4

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска прославуваме еден од Господовите празници, поточно денес го прославуваме Богојавление. На денешен ден нашиот Спасител Господ Исус Христос доаѓа во Витовара на реката Јордан кај св. Јован Крстител. Тука, св. Јован Крстител, го проповедал покајанието и ги крштевал луѓето во реката Јордан. Во огромната маса на народ Го забележал како кон него, полека и незабележително, се приближува Исус Христос и Го нарекува: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе!" (Јован 1, 29). Овие зборови се тешко разбирливи за луѓето бидејќи Јудејскиот народ очекувал силен војсководец и цар. Цар кој ќе ги ослободи од Римското ропство. Но, во лицето на Исуса Христа такво нешто не можеле да препознаат. Тие биле оптоварени и преокупирани со ослободување од физичкото ропство. Со самото тоа тие не посветувале никакво внимание на духовното, за коешто, пак, дојде Господ Исус Христос.


Ние, како христијани, Исуса Христа Го познаваме како Јагне Божјо. Јагне Кое ги зема гревовите на светот и Кое Себеси се принесува на доброволна жртва. Ние така ги разбираме зборовите на Јорданскиот проповедник. Длабоко во нашата душа одѕвонува гласот на оној што вика во пустината: „Пригответе го патот Господов" (Лука 3, 4). Ако се потрудиме духовно да стоиме кај Витавара за да бидеме сведоци на средбата помеѓу Господ Исус Христос и св. Јован Крстител, тогаш, ќе го слушнеме и гласот кој доаѓа од небото „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!" (Мат. 3, 17). Тогаш ќе се засили нашата ревност за спасение и ослободување на гревовите преку Јагнето Божјо.


Но, ние треба да имаме и сопствен труд и придонес во делото на нашето спасение. Треба да имаме желба за спасение. Желба која би нè довела до Господа Христа. Доаѓајќи кај Него, да можеме да Го видиме, да Го познаеме, да Го засакаме и да ја примиме Неговата Искупителна жртва. Се поставува прашањето, што треба да сториме и да направиме? Ако сакаме да го спасиме срцето, треба секогаш да се молиме на Бога со зборовите на псалмопејачот Давид „ Создај срце чисто во мене, Боже" (Пс. 50, 10). Но, потребно е и самите да започнеме да го чистиме, а Бог, пак, ќе го зацврсти да остане чисто, измиено, со Крвта на Јагнето Божјо. Ако сакаме совеста да ни биде чиста, треба да се трудиме да ја ослободиме од нејзиното самозаконие и да ја потчиниме на врховниот Божји закон. Да ја потчиниме на законот на доброто, кој го определува однесувањето на луѓето помеѓу себе, та сите да живеат како браќа и синови Божји.


Ако сакаме да го израмниме патот Господов, треба да ги расчистиме патиштата, како во внатрешниот живот, така и во надворешниот, односно однесувањето со нашите блиски и со сите луѓе. Ако патиштата на нашата мисла, на нашите желби и стремежи ни се зафатени од соблазните на гревот и ни се натрупани со дела од телесните страсти, дали ние со тоа не сме го попречиле Исуса Христа да влезе во нашиот внатрешен свет? И откако сме Го попречиле, може да кажеме дека сме допринеле за нашата лична духовна несреќа. Овие духовни внатрешни состојби излегуваат од нас и продолжуваат да делуваат надвор. Се вкрстуваат штетно и погубно, како за нас така и за многу други, па по нив како по артерии на злото, течат силите на пропадливоста.


Израмнете го патот Господов! Ова е повикот упатен кон нас за исполнување на нашиот личен долг за морално и духовно препородување. Во нашето време, време оптоварено со многу нешта, срцето на секој еден треба да го слуша гласот на св. Јован Крстител. Овој повик е позив за мир на земјата, за мир меѓу луѓето, бидејќи патот Господов е мир.


На секој христијанин треба да му е јасно кој е Исус Христос, во што се состои Неговото служење и каква е смислата на Неговата жртва за луѓето. Ние треба да знаеме дека Исус Христос е Син Божји, Кој дојде на земјата од преголема љубов Божја кон родот човечки. А преку св. Дева Марија, да ги поучи луѓето на волјата Божја и како Јагне Божјо да прими смрт за да ги спаси луѓето и да ги внесе во Неговото царство. Господ Исус Христос не е силен овоземен цар туку е силен во духовната борба со Божествените орудија на вистината, доброто и љубовта. Кога го знаеме сето тоа, тогаш, треба да се стремиме да престојуваме во тоа Негово духовно царство. Да се наоружаме со вистината, доброто и љубовта, за да можеме да се браниме од нападите на злото а да војуваме за доброто, светото, благопријатното и на Бога угодното.


Нека Бог се јави во нашите срца и души па измиени и очистени да можеме да го слушнеме гласот Божји: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!" (Мат. 3, 17). Честит празник и за многу години.


водици2016 6


 водици2016 8

водици2016 11

водици2016 12

водици2016 13

водици2016 14

водици2016 15

водици2016 18

Богојавление
19. 01. 2016 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид