svvas2016

svvas2016 1

svvas2016 4

„На осмиот ден од Христовото раѓање, достојно му се придружи и сеславниот спомен на светителот (Василиј). Почитувајќи го неговиот спомен со вера, ние Го воспеваме Господа и Го превозносиме во вековите“ (песна од канонот на Утрена на Обрезание по тело на Господ Исус Христос и св. Василиј Велики).

 
На 14.01.2016 година, денот кога го прославуваме празникот Обрезание по тело на Господ наш Исус Христос и на светиот Василиј Велики, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Владо Недески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а потоа беше отслужен и Молебен за благосотојба и благослов од Бога во Новата Година. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 svvas2016 5

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
 

„Дивен Бог во свјатих своих" (Пс. 67, 35)

 
Ние, како луѓе кои сме создадени според образ и подобие Божјо, повикани сме, она што ни е зададено, да го оствариме. Бог од преголема љубов кон човечкиот род се воплоти преку света Дева Марија и постана човек. Односно, слезе од небото за да ни даде можност, нам, грешните луѓе, преку Него да се искачиме на небото. Ни даде можност да постанеме богови по благодат. За да можеме да го постигнеме тоа, светата Црква, покрај тоа што нè учи како истото да го оствариме, таа ни дава и средства кои треба да ги ползуваме за да можеме, таа зададена цел, со помош Божја, и да ја реализираме.


Нашиот Спасител Господ Исус Христос, во Господовата молитва, нè поучува да се молиме вака: да се свети името Твое и да дојде царството Твое. Преку овие зборови Црквата нè опоменува, а истовремено и нè води во нашиот живот, царството небесно, за кое сме создадени, но кое го изгубивме поради нашиот престап, Бог повторно, со Неговото воскресение, ни ги отвора дверите на тоа царство повикувајќи нè подготвени да влеземе во него. Ние ќе можеме да влеземе во небесното царство само ако се подготвиме достоинствено, чесно, морално, ослободени од овоземните приврзаности кон материјалното, кон преодното, кон минливото и трулежното, и кон сè она што нè оддалечува од духовниот живот. Односно, да се ослободиме од сè она што прави преграда помеѓу нас и Бога. Таа преграда, или тој ѕид, ние ќе можеме да го разрушиме ако искрено се молиме, ако искрено се каеме и ако се ослободиме од нашите овоземни ниски страсти кои нè приковуваат кон овоземни наслади, но, во исто време, нè оддалечуваат од Бога, од вистината, од правдата и од мајката Црква.


Пред секоја света Литургија, особено архиерејска, ѓаконот ги изговара зборовите: „Така нека свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!" (Мат. 5, 16). Преку овие зборови, нашата вера и Црква нè повикува кон свет, благодатен, христољубив, мирољубив и правдољубив живот. Кон живот кој, со Божја благодат, можеме да го постигнеме само ако нашето срце и нашата душа ги очистиме од секакви злоби, пакости, завидливости и омрази. И само ако ги подготвиме, очистени и облагодатени, Божјата љубов и Божјата милост да можат да влезат во нив и да пребиваат. А нам, да ни даваат сила и можност, да можеме да го живееме животот како што Му е угодно на Бога и спасоносно за нашите души.


Дека сето тоа е можно, ни потврдува и денешниот св. Василиј Велики, чиј спомен светата Црква, заедно со Обрезанието Господово, денес го прославува. Св. Василиј Велики живеел во IV век. Се истакнува според својот строг и испоснички монашки живот. Ќе напише повеќе богословски дела, а особено ќе биде познат по пишувањето на монашките правила во светата Православна црква. Малкумина се Божји угодници и светители коишто го добиваат епитетот Велики. Еден од нив е и св. Василиј. Се истакнувал во својата архипастирска дејност. Покрај учењето и проповедањето на словото Божјо во Кесарија Кападокиска, денешна Турција, се истакнувал и со социјална дејност. Бил заштитник на сиромасите, сираците, бездомниците и на сите што имале потреба и барале помош од светата Црква. Но, покрај оваа грижа, којашто ја пројавувал и манифестирал сецело кон страдалниците од овој свет, тој најголема грижа и труд посветувал на духовен план. Односно, својата паства да ја утврди во вистината, во правото учење и во исповеданието на Православната вера.


Прославувајќи го денес св. Василиј Велики, да се обратиме со искрена молитва кон овој Божји угодник, нека биде наш молитвеник и поткрепувач на нашиот живот. По неговите молитви, Бог нека ја наклони Неговата милоста, па да ни даде сила и моќ да живееме исправен христијански православен живот. Да правиме добри дела и да се надеваме на спечалување на вечен и блажен живот.

 svvas2016 6

Честито и благословено ново лето Господово. Амин.


svvas2016 7


 svvas2016 9

Св. Василиј Велики
14. 01. 2016 год.
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" - Плаошник