svarhmih2015 1

Објавено: 21 Ноември 2015

„Денес радосно се веселат сите краишта на земјата, празнувајќи го чесниот спомен на Твоите архангели, Боже, - божествениот Михаил и богомудриот Гавриил; со нив се радуваат и сите ангелски чинови, зашто светот се запазува со нивната заштита“ (песна од Канонот на Утрена на Собор на св. Архистратиг Михаил и другите бесплотни Сили).

 svarhmih2015 2

svarhmih2015 3

На 21.11.2015 година, денот кокга го прославуваме празникот Собор на св. Архистратиг Михаил и другите бесплотни Сили, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Никола Христоски, свештеникот Владо Недески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 svarhmih2015 4

Митрополит Тимотеј

 svarhmih2015 7

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска светата Црква го прославува светиот Архангел Михаил и останатите небесни сили. Празник познат како Собор на небесните сили. Во Светото писмо се вели: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата" (1. Мој. 1, 1). Под небо, светата Црква и светите отци, кои се толкувачи на Библијата, подразбираат, а ние, пак, веруваме дека се подразбира невидливиот, духовниот свет. Светот во кој спаѓаат ангелите со сите нивни чинови. Ангелските чинови се поделени на три групи по три чинови, односно, има девет ангелски чинови. Но, св. Архангел Михаил се претставува како главен војсководец на небесниот ангелски свет. А и самото негово име Михаил претставува едно реторичко прашање: Кој е како Бог? Односно, никој!

Ние немаме точна претстава и сецело сознание за животот и делувањето на овој невидлив и бестелесен свет. Но, знаеме дека тие се од Бога создадени пред човекот, со цел постојано да Го слават Бога во Неговата слава и величие. „Преку Словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни" (Пс. 32, 6). Исто така, ангелите се создадени да му бидат од помош на човечкиот род: „Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал, и си го поставил на делата од рацете Твои, и сè си потчинил под нозете негови" (Пс. 8, 5 – 6).

Ангелите првобитно биле создадени да го величаат Името Божјо. Но, поради гордост, еден отпаѓа од првобитната положба, повлекувајќи со себе плејада други ангели и постанува ангел сатанин. Овој паднат ангел ќе биде присутен во светот со голема сила и моќ. Ќе прави големи пакости, злоби и искушенија на родот човечки. Според зборовите на св. Серафим Саровски, сатаната има толкава сила и моќ што може и светот со еден прст да го уништи, кога Бог би му дозволил. Овие лоши духови постојано се во невидлива борба со луѓето и постојано ги искушуваат и наведуваат на грев и отстапување од Бога. Затоа, Господ, при крштевањето на луѓето, им дава ангел хранител кој постојано се грижи и ги чува од сите лоши духови кои постојано се обидуваат да му напакостат на секој човек. Затоа, постои таа духовна борба. Борба, која ние, како физички битија, не можеме секогаш да ја видиме, но, можеме да ја почувствуваме преку нашата вера и преку нашите христијански обврски. Борба во која треба да ги ползуваме орудијата што ни ги дава светата и победоносна Христова Црква. Најголемо оружје, од кое демоните треперат и бегаат, е нашиот чесен и животворен Крст Господов. Затоа, потребно е секој еден од нас, постојано да се прекрстува, односно да се осенува со победоносниот знак, пред почеток на секоја работа. Само така лошиот дух нема да ни попречува во добрата намера, во добрата мисла и во доброто дело. Само така ќе можеме достоинствено и чесно, без пречки и демонски сплетки започнатото успешно да го завршиме за наша полза и за прослава на Името Божјо.

Преку исполнувањето на Законот и прописите на светата Црква, ние, нашиот ангел хранител, ќе го имаме секогаш покрај нас. Тој ангел хранител секогаш ќе биде подготвен да биде наш помошник, заштитник и пазител. Ќе ги изгонува непријателските сили кои на најразлични и суптилни начини се обидуваат да нè оддалечат од Бога, да нè наведат на грев, за да отстапиме од прописите на светата Црква и од Божјите заповеди. Сето тоа е со цел да ја загубиме нашата душа, и наместо блажен и вечен живот, да здобиеме вечна мака. „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта" (1. Петр. 5, 8). Ние знаеме дека со силата Божја светите апостоли можеле да лекуваат најразлични болести, па дури и да изгонуваат демони. „Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат... Но, не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата" (Лука 10, 17 и 20).

И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет манастир, посветен и осветен во чест и спомен на светите небесни сили, да се поучиме и да ја примиме главната поука. И првиот ангел, носителот на светлината Луцифер, и нашиот праотец и нашата прамајка отпаднаа од Бога. Отпаднаа поради една работа. Отпаднаа поради гордост. Гордоста е мајка на гревовите, а смирението е мајка на добродетелите. И во нашиот живот демоните, најчесто, нè наведуваат на гордост. А преку неа нè оддалечуваат од Бога, од правдата, од вистината, од чесниот морален живот и нè втурнуваат кон погрешни патишта. Патишта коишто водат кон погибел, како телото во овој материјален физички свет, така уште повеќе, и нашата душа во вечни маки и страдања.

Да се обратиме со искрена молитва кон нашиот ангел чувар, тој да ни биде секогаш заштитник, помагач и зацврстувач во вистината, во правдата и во зачувувањето на нашата вера. Па со негова помош и со чесниот крст, секогаш да бега од нас секакво зло кое нè оддалечува од Бога, од верата и од Црквата. Па така, да можеме да го живееме нашиот живот исправно и да спечалиме милост Божја. Та Бог да ја излие Неговата благодат врз нас, за да можеме да поживееме вистински христијански живот и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 svarhmih2015 9

svarhmih2015 10

svarhmih2015 10

svarhmih2015 11

Собор на св. Архангел Михаил

21.11.2015 год.

манастир „Св. Наум Охридски"