rozbog2015lit


„Мајко Божја, непрестајно моли Го милостивиот Христос, да нè избави од секаква беда, нас кои што те исповедаме како Богородица, непогрешлива и чудесна помошница на христијаните, и Те провозносиме во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).

 rozbog2015lit 1

Празнувањето на Пресветата Мајка Божја заврши со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Стевчо Тошевски, Димче Ѓорѓиески и Никола Христоски, свештениците Благоја Спироски, Љупчо Бакрачески и Александар Крстаноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрат кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
 

Митрополит Тимотеј
 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

 
Денеска, нашата света Православна црква прославува еден од Богородичните празници. Поточно, го прославува раѓањето на света Дева Марија. Севкупниот живот на овој избран сад Божји е невообичаен. Таа го добива името Марија, што значи испросена, односно, измолена од Бога. Нејзините родители, праведните Јоаким и Ана, ја раѓаат во стари години. Во години, кога според сите биолошки законитости, тие не можеле да имаат пород. Но, кога сака Бог ги победува природните законитости. Ги израдувал овие праведни души со рожба, којашто ќе биде, не само радост на нејзините родители, роднини и пријатели, туку, ќе биде мајка на Севишниот Бог и Спасителот на човечкиот род.


Како што знаеме од светото Евангелие, малку податоци се забележани за животот на св. Богородица. Но, она што го бележат светите апостоли и евангелисти, е многу значајно за сите нас денеска. Кога праведната Ана ќе ја посети Елисавета, мајката на св. Јован Крстител, и по вообичаениот поздрав, просветлена и осветлена од Светиот Дух, Елисавета ќе почувствува како во нејзината утроба заиграл младенецот, давајќи и знак. После добиениот знак, светата Елисавета ги изговара пророчките зборови: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ?" (Лука 1, 42 – 43).


Св. Дева Марија како малечко девојче, на 4 годишна возраст, ќе биде обдарена од Духот Свет да покаже невообичаена сила и можност, сама и без поткрепа на нејзините родители и нивните придружници, да ги искачи големите и високи скалила во Ерусалимскиот храм. Исто така, таа ќе биде пресретната од првосвештеникот Захариј и ќе биде воведена во Светињата над светиите, каде што еднаш во годината влегувал првосвештеникот да принесе жртва за очистување на Еврејскиот народ.


Кога ќе Го роди Господа Христа во Витлеем, и кога ќе дојдат мудреците од Исток да Му се поклонат и да Му принесат дарови, злато, смирна и ливан, поклонувајќи Му се како на Цар и на Спасител, св. Дева Марија, овие собитија силно ќе ги вреже во својата душа и никогаш нема да се поколеба во нејзината рожба дека Он е Господ, Син Божји и Спасител на светот.


За време на една Негова проповед во синагогата, од народот Му порачуваат: „Ете мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат. А Он им одговори, велејќи: Која е Мојата мајка или кои се браќата Мои?" (Марко 3, 32 – 33). Од овие зборови можеби некој ќе се зачуди, или уште полошо, ќе се поколеба. Дали е можно Господ Исус Христос да не знаел која е Негова мајка, па така, да праша? Или, пак, Христос се откажува од Својата телесна мајка? Драги верници, не колебајте се и не возмутувајте се од овие зборови на Господа Христа. Ниту не ја познавал и не ја признавал Својата телесна мајка, ниту, пак, од неа се откажувал и изразувал непочитување кон неа. Одговорот го дава Самиот Господ Христос во светото Евангелие кога вели: „Оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка!" (Марко 3, 35). Преку овие зборови, Господ Исус Христос сака да нè поучи, исто онака како што сакал да ги поучи Неговите роднини, кои не биле во доволна мера утврдени и уцврстени во Неговите зборови, во Неговата проповед и во Неговото искупително дело. Христос сака да ни каже и да нè поучи дека секој еден кој го слуша и го исполнува законот Божји, тој е Негова мајка, Негов брат и негова сестра.


Самиот Господ Исус Христос, на друго место во светото Евангелие вели: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам" (Мат. 5, 17). Господ Христос, со севкупниот Негов овоземен живот, никогаш не покажал дека не го почитува Декалогот. Никогаш не покажал дека не ги почитува таткото и мајката, туку, напротив, го следел и го исполнувал Декалогот. Он, истиот, совршено го почитувал како послушно чедо на Својата мајка. На нејзино барање, ќе го направи првото чудо во Кана Галилејска, кога на свадбарите ќе им снема вино. Таа ќе Го замоли велејќи Му: „Немаат вино" (Јован 2, 3). Господ Христос не дозволува да се намали оваа радост, туку, напротив, го исполнува барањето на Својата мајка и донесените садови со вода ги претвора во вино.


Овие, на прв поглед, контрадикторни изјави на Господа Христа кон Својата мајка, нè поучуваат сите нас денес дека сме должни, на прв план да го поставиме божественото и светото, а не временото и овоземното. Кога нашите родители, роднини, пријатели и почитувачи нè убедуваат и бараат од нас да се откажеме од обврските кон Бога и нè вовлекуваат во противзаконски дејанија, нарушувајќи го гласот на совеста, поттикнувајќи нè на спротивставување на вистината и на добродетелите, со други зборови оддалечувајќи нè од Бога, а сето тоа за погибел на нашата душа, тогаш и ние имаме право, и должни сме како христијани, да одговориме со зборовите на Господа Христа, која е мојата мајка, и кои се моите браќа и сестри.


Запаметете, во нас има поубаво и повозвишено сродство. Бог – наш Татко, Црквата – наша мајка. Сите оние што ја исполнуваат волјата Божја, сите светии се наши браќа, или во крајна мера, сакаат да ни бидат браќа. Да не се откажуваме од овие наши возвишени роднини. Да не се одделуваме од доброто и прекрасно семејство. Да ја исполнуваме волјата Божја, место човечката, и само така Господ ќе ни каже: Ова е мојата мајка и ова се моите браќа. Амин!

 

Рождество на Пресвета Богородица
21. 09. 2015 година
манастир „Св. Богородица Пречиста" - Кичево