preobraz2015

    20 Август 2015

preobraz2015 1

„За да ни покажеш јасно како ќе биде Твоето страшно Второ пришествие, Севишни Боже, и дека ги надминуваш сите богови, Ти неискажливо засветли на Тавор меѓу апостолите, Мојсеја и Илија. Затоа Христе, сите ние Те величаме“ (песна од Канонот на Утрена на празникот Преображение Христово).


preobraz2015 3
 

Оној Кој е посветол и од светлината и повеличествен од вселената, се преобрази на Гората Тавор, покажувајќи им на Своите тројца ученици само мал дел од Својата слава. Учениците, не можејќи да ја поднесат непристапната светлина на Христовото лице, паѓаа кон земјата, но и го слушнаа гласот што сведочеше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој дојде во светото да го спаси човекот. Затоа Христе, како што ги осветли Своите ученици, така просветли ги и нашите души.

 

На овој величествен ден, на 19.08.2015 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештеникот Васко Голабоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Според обичајот на нашата света Црква, на овој ден беше осветен и новиот лозов плод, кој во форма на вино, а преку слегувањето на Светиот Дух, ќе се преобразува во Крв Христова, онака како што и нашиот Спасител се преобрази на Гората Тавор.

preobraz2015 8

preobraz2015 10

preobraz2015 11

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,
Денеска светата Православна црква прославува еден од Господовите празници. Поточно, го прославува светлото Христово Преображение на гората Тавор. Пред Своето страдање, Господ Исус Христос со Себе ги зел тројцата ученици Петар, Јаков и Јован и се искачил на врв од планината. Ние, знаеме дека Господ Исус Христос, како Син Божји, се раѓа од св. Дева Марија и прима образ човечки. За време на Неговиот овоземен живот, ја засолнува Божествената природа, односно ја прикрива со човечката. А помеѓу луѓето, пак, присутен е како човек. Знаеме, а и нашата света вера така нè учи дека Господ Исус Христос е Богочовек. Но, ако ја покажувал Својата Божествена природа, тогаш сите луѓе што Го сретнувале и Го гледале ќе биле ослепени од силата, односно од светлосната енергија којашто ја поседува Божествената природа. Господ Христос, за да ги утврди Своите следбеници во науката и во верата, пред крстните страдања им ја покажува и Својата слава, односно им ја покажува Божествената природа. Покрај покажувањето на Својата слава, Он им го покажува и царството небесно. Им ги отвора дверите на Горниот Ерусалим и тие имале можност за еден краток момент да го доживеат царството Божјо. Затоа, нивните души и нивните срца биле исполнети со радост, па апостолот Петар извикал со восхит: „Учителе, добро е да останеме овде" (Лука 9, 33). Господ Исус Христос им го покажува царството небесно за да ги утврди во верата и да им покаже, доколку Го следат и постапуваат според Неговите свети заповеди, што ги очекува во вечноста.


За време на овој настан, со Господа Христа се јавуваат и двајца старозаветни пророци, Мојсеј и Илија. Тие зборувале со Господа Христа и апостолите можеле да ги слушнат нивните разговори, кои, пак, се однесувале на крстните страдања на Господа Христа на Голгота. Овие старозаветни пророци се обидувале да проникнат во тајната на крстните страдања на Господа Христа.


Самото голготско Христово страдање е голема тајна. И ние, со нашите човечки размислувања, не сме во можност да ја разбереме таа Божја љубов кон родот човечки. Но, Божјата милост е таква, што Го дава Својот Единороден Син да се издигне на Голгота. Да се издигне на крст, за да го избави родот човечки од пропаст и да му даде вечен живот.


Појавувањето на овие старозаветни пророци и нивното зборување, уште еднаш им засведочува на апостолите, а и нам, дека во Господа нема умрени, туку има само живот, и тоа вечен живот. По преселувањето од овој свет, нашето тело и нашите коски ќе се вратат во земјата и ќе постанат прав, иста како онаа од којашто сме создадени. Но, нашите души ќе преминат во вечен живот. Таму, во царството небесно, Господ Исус Христос ќе ги дочека и Своите апостоли кои маченички ќе го завршат нивниот живот. Таму се и душите на нашите предци. Таму ќе отидат и нашите души. Но, нема сите да влезат во Славата Божја, односно во царството небесно. За него ќе се удостојат само оние кои ќе живеат исправен, благочестив и свет живот за време на овој преоден период, период во кој ние се подготвуваме за вечноста.


Прославувајќи го денеска Христовото Преображение, и ние како христијани, треба да извлечеме една силна и непоколеблива поука. Поука дека сме создадени за вечност. Некој на оваа земја ќе поживее подолг временски период, некој, пак, пократок. Тоа не зависи од нас. Сето тоа е во Божји раце. Но, она што зависи од нас е многу поважно и посуштествено. Како ние ќе го поминеме тој животен пат и со што ќе се украсиме или, пак, ќе се изгнасиме. Сите наши престапи, сите наши гревови, злоби, зависти и пакости, ја валкаат нашата душа. А со тоа не оддалечуваат од Бога, од правдата, од вистината, од љубовта и од она што нè прави блиски до Црквата и до Бога.
Сите, пак, наши добродетели, љубовта, верата, надежта (1.Кор. 13, 13), нè украсуваат и ја просветлуваат нашата душа, подготвувајќи ја за вечен и блажен живот во царството Божјо. Царството кое е подготвено од милоста Божја за секоја христијанска душа којашто верува и се труди да живее свет и непорочен живот.


Ја користам оваа прилика, на новоракоположениот ѓакон Христијан Костоски, да му го честитаме ракополагањето а воедно да му посакаме да се поучи од денешниот празник. Та како млад и ревносен служител на Црквата Христова, да се преобразува од ден во ден и да се облекува со христијанските добродетели на кротост, мир и љубов. Со добродетелите и со особености кои го красат секој човек а особено свештенослужителот на олтарот Божји. Служи ревносно и достоинствено на светата Црква, за просперитет на МПЦ, за разубавување на службите на овој свет храм, а сето тоа за спасение на твојата душа. И како што вели нашиот народ со бел образ. Амин!

 preobraz2015 12

preobraz2015 13

preobraz2015 14

Преображение Господово
19. 08. 2015
Храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга

Извор: http://www.dke.org.mk/index.php/2824-2015-08-20-08-52-25