Sample Image

 

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Богобарател“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Јани Мулев. И ова најново издание на нашата издавачка дејност е прекрасно богоугодно четиво, кое го опишува патот и начините како да стигнеме до Бога.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

 

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.


Предговор на книгата „Богобарател“

Едно од најомилените четива, на секој почетник во верата, е секако, книгата „Богобарател“. На сите ни е познат примерот на овој поклоник, кој со Светото Писмо, Добротољубието и бројаницата во торба, патувал насекаде и разговарал со многу различни луѓе, па искуствата и знаењата кои ги стекнал од овие патувања и разговори ги преточил во оваа книга, во вид на разговори на поклоникот со својот духовник.

Книгата е пишувана на едноставен и разбирлив јазик, за да може секој да ја разбере. Наменета е особено на почетниците, на оние кои Го бараат Бога, кои тукушто зачекоруваат по патот кој води кон Христа во Црквата.

Главниот акцент на целата книга е ставен на Исусовата молитва. Наведени се начините, искушенијата и даровите кои го следат практикувањето на оваа молитва. Светиот Симеон Солунски препорачува, сите луѓе, и клирици и монаси и верници да се молат со оваа молитва.

Но, сепак, потребно е да бидеме многу внимателни. На почетокот од нашиот духовен живот потребно е најпрво да најдеме духовен отец - свештеник, кај кого ќе се исповедаме и со кого ќе се консултираме за сите прашања од духовниот живот: како да постиме, како да се молиме, кога и како да се причестуваме, кои книги да ги читаме итн. Ако со искреност и отворено срце пристапуваме, Бог ќе нѐ упати на вистинско место, и ако таков однос изградиме и со духовникот, полн со доверба, тогаш ќе поставиме здрав темел на нашиот духовен живот. Не е доволно само да читаме книги, и да постиме, па дури и само да се исповедаме, ако не доаѓаме на Литургија, ако не учествуваме во Литургијата, во животот на Светата Црква. Црквата е Тело Христово, во неа секогаш е присутен Бог, чие присуство го чувствуваме преку Неговата благодат, и не можеме да бидеме христијани, ако не сме присутни во храмот на Литургија. Тука е Бог со сите свои светии, со светите ангели, тука се извршува најголемото чудо - претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови. Бог ги осветува даровите за да ни бидат нам од полза - откако со претходна подготовка ќе се причестиме, Телото и Крвта Христова да нѐ осветат целосно. Кога благодатта Божја ќе влезе во нас, ќе го почувствуваме тоа и како апостолите ќе Му речеме на Господа: „Господи, добро ни е да бидеме овде“. Во Црквата тоа го нарекуваме духовен опит.

Но, патот никогаш не е целосно рамен, и не е без сопки. Затоа е потребно и да читаме, па да учиме од духовниот опит на оние кои се позрели од нас, оние кои напреднале повеќе и повеќе се приближиле до Бога, а кои ги нарекуваме светители. Нивните примери и нивните поуки треба да ги следиме, и според нив да живееме, бидејќи тие во нивните животи го преточиле целото Евангелие.

Гледаме дека има многу луѓе кои ги бараат и читаат нашите изданија, но забележуваме дека многумина читаат, а не разбираат. Се соочуваат со непознати термини, потешка содржина, и поради ова тапкаат во место. Затоа, сите оние, кои имаат тешкотии во разбирањето на црковната литература, било да се работи за некој термин, или за содржината на книгата, слободно да им се обратат на нивните парохиски свештеници и од нив да бараат објаснување. Без раководител, секој може да залута во погрешна насока, погрешно да разбере многу значајни нешта.

Според примерот на светиот Силуан Атонски, малку да читаме, но многу да практикуваме. Она што ќе го прочитаме, да се потрудиме да го примениме во својот секојдневен живот. Да имаме свест деко во секој миг Господ е пред нас, дека ја знае секоја наша помисла, секој наш збор и секое наше дело, и на овој начин никогаш нема да згрешиме.

Господов благослов на сите оние кои започнуваат со духовниот живот и кои се трудат да напредуваат во него. Амин.

 

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

Извор: Повардарска епархија